Христијан Мицкоски речиси секој ден е во јавноста. И самиот рече дека има богата агенда за медиумски настапи. Но, и покрај тоа, лидерот на најголемата опозициска партија вообичаено се доживува како „затворен“ на тешки теми.
Можеби затоа во разговорот неколкупати потпрашувавме за да го прецизираме ставот на партијата во однос на клучните теми за кои разговаравме. Спорот со Бугарија и закочениот европски пат на Македонија поради ветото од Софија секако е една од нив. По средбите во Скопје со бугарската шефица на дипломатијата, Теодора Генчовска, и во Охрид со еврокомесарот, Оливер Вархеји, Мицкоски е далеку од оптимист.
„Јас не можам сега да зборувам за деталите, не е културно, но мојот впечаток е дека не може да се дојде до решение“, вели тој .
Иако за разлика од бугарската политичка сцена, која деновиве зовре на македонското прашање, Мицкоски изгледа повоздржано од порано, и вели дека евентуалното решение во овој момент не би ни било поволно бидејќи „таму нема никакви отстапувања од резолуцијата што ја усвои бугарското собрание во ноември 2019 година“.
„И сето тоа е фино спакувано и скриено зад Договорот за добрососедство“.
Одбегнува да зборува за деталите, но, сепак, во одговорите ги исцртува контурите на партискиот став. „Ќе гласаме против“, одговара речиси експресно на прашањето како би постапиле ако во Собранието дојде предлог, бугарските барања да бидат дел од преговарачката рамка со Европската Унија.
Михајлов – соработник на фашистите
„За мене, Ванчо Михајлов е соработник на бугарскиот фашистички окупатор“, вели Мицкоски, не гледајќи проблем што партијата во свој историски континуитет ги „брои“ и конгресите кога на чело на ВМРО бил избиран токму Михајлов. Според него, тоа не значи дека се сложуваат со неговите политики.
Ставот „против“ го поткрепува со објаснувањето дека тоа ќе „значи, или се асимилирате, бугаризирате и станувате дел од ЕУ, или никогаш нема да бидете дел од ЕУ“.
Коментирајќи една хипотетична ситуација во која власта има мнозинство и, сепак, решава да направи „штетен договор“, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека партијата тоа не би можела да го спречи во парламентот, но нагласува дека е важно „воопшто да не дојде до таков договор“.
Тој, категорично, ја отфрла можноста од некакви насилни интервенции во Собранието од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во САД влегоа во Конгресот и знаете како завршија. Нема насилство во демократијата“.
Но, можноста Бугарите да влезат во македонскиот Устав, нешто на што силно инсистира бугарското државно раководство, како услов за да го тргне ветото, Мицкоски децидно не ја одбива. Имено, тој ја остава ваквата можност, но со предуслови што треба да ги исполни бугарската страна. Еден од нив е Бугарија „да се обврзе дека тоа е нивното последно барање“.
Како „многу важно за нас, посебно во преговорите со Бугарија“, Мицкоски го споменува процесот во кој се очекува Македонската православна црква да го добие томосот. „Се прави јасна идентитетска разлика со останатите верници на Балканот“, наведува тој и ги отфрла ставовите дека решението на повеќедеценскиот спор меѓу српската и македонската црква е последица на Договорот од Преспа.
„Исто како што бил томосот на атинска патријаршија или на московска патрирајшија“ одговара Мицкоски на забелешките дека томосот најверојатно ќе и биде издаден на Охридската архиепископија, а не на Македонската православна црква.
„Се додека во Уставот, во статутот на Македонската православна црква и во молитвите стои зборот македонска ќе ја има мојата поддршка“, вели Мицкоски.
Пресудата за Талир е „глупост“
Во партиската зграда, позната како Бела палата, Мицкоски нѐ пречека ден по судската објава за неправосилна конфискација на седиштето и уште 30 други имоти на ВМРО-ДПМНЕ.
Ги кажа познатите ставови дека станува збор за притисок врз партијата што ќе го издржат, дека ВМРО-ДПМНЕ е народот, а не е имотот, а дека пресудата ја донеле „партизираните и октроирани судии“.
Прецизираше дека со ова би се одзел речиси целиот партиски имот, вреден седум милиони евра, или како што рече речиси 90 отсто од имотот.
„Нормално дека ќе имаме план Б, но нашиот план А е да ја докажеме правдата, дали тоа ќе биде тука или на некои судови, како што е Стразбур, ние ќе ја докажеме правдата“, вели Мицкоски.
Тој, пресудата ја нарекува „глупост“, а еден од аргументите за тоа е што не му е конфискуван имотот на „тој што потпишал да го изгради“, алудирајќи на градежната компанија „Бетон“, која во продолжение до партиското седиште има неизграден хотел.
„Можеби некој од фамилијата на власт или од партиите на власт има амбиција да го прошири хотелиерскиот бизнис, па му е потребен и тој имот, и овој штаб“, вели Мицкоски.
Најавен како протест за уривање на владата, а подоцна брендиран под мотото „Премногу е! Протест за промени“, најавениот митинг на 18 јуни, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ очекува да биде масовен, па пресудата за „Талир“ ја смета како владин обид да се обесхрабрат луѓето да излезат и да го изразат незадоволството.
Сепак, вели дека не очекува еден протест да смени сѐ.
„Јас не очекувам дека на 19 веднаш бел бајрак ќе се појави од Илинденска број 2 и дека веднаш ќе седне Ковачевски со мене да преговара за предвремени избори. Нормално дека тоа ќе трае“.
Оттаму и подготвеноста да организираат протести и да ја продолжат активната блокада во Собранието.
„Нема ова да заврши сега. Има неколку сценарија, онолку колку што е потребно, ние ќе се бориме“, вели тој.
Подотворена врата за ДУИ
Лидерот, кој веќе петта година ја води ВМРО-ДПМНЕ како опозиција, по ланските локални избори, кои му дадоа ветер во грб, е речиси уверен во изборната победа на парламентарните избори. На прашањето за коалициските комбинации ако дојдат на власт и во случај во албанскиот блок победник да биде ДУИ, Мицкоски вели „ правилото победник со победник заврши во 2016 година“.
„Со кого ќе коалицираме, ќе зависи од тоа дали во парламентот, идната влада ќе има капацитет да спроведе реформи, а за спроведување реформи, потребно е и Бадинтерово мнозинство“.
ДУИ за Мицкоски практично би биле „втор избор“.
„Немојте да бидете загрижени. Право и владеење на правото“, одговара Мицкоски на прашањето дали ако дојдат на власт, ќе се случи масовна амнестија на осудените во случаите што ги отвори СЈО.
Јакимовски што има нека пријави
Мицкоски ги отфрла обвинувањата за рекет и притисоците упатени од долгогодишниот коалициски партнер Стевчо Јакимоски, лидер на ГРОМ и градоначалник на Карпош. Тој му порачува „да не чека ниту минута и да ги пријави во обвинителството и во МВР“. Во спротивно, вели „…јас ќе поднесам кривична пријава“.
„Ние сме имале понуди од моменталната власт за закон за амнестија, но сме ги одбиле. Не треба никој да се плаши од ваков тип политички гимнастики, но политичките криминалци треба да бидат исплашени за сето она што го правеа во изминативе 5 години, додека ВМРО е во опозиција“.
Прашањето за можноста Никола Груевски повторно да стане лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски го доживеа како „провокација“.
„Ако сака да биде лидер на ВМРО-ДПМНЕ, ќе треба да почека на идниот конгрес или да издејствува вонреден конгрес, за што има процедура“, ни кажа.