Интервјуа

Ивановска: Хонорарците се канал за вработување во Владата

Извештаите на хонорарците за завршените работи биле копи-пејст

Генералниот секретаријат на Владата, пред десетина години ангажирал експерт во чиј извештај за сработеното пишувало дека ако заврне, има ризик да не се одржи претстава во стариот теaтар во Охрид. За тоа добил надомест.

Оваа пракса на хонорарно ангажирање соработници во Генералниот секретаријат на Владата за најразлични потреби, како тогашна ревизорка ја увидела претседателката на Државната комисија за спречување на коруцпијата, Билјана Ивановска.

Уште тогаш забележала дека во Генералниот секретаријат има дополнително ангажирани луѓе.

Но, со години сметките на Владата не биле интересни за државните ревизори, па повеќе од една декада тие воопшто не биле предмет на ревизија.

Се чини дека тој вакуум-простор бил искористен од генералните секретари на Владата за и натаму да ангажираат хонорарци. Но, без утврдена потреба.

ДКСК, по истражувањето на БИРН „Тајните хонорарци во Владата“, по допрен глас отвори предмет, а вчера ја информираше јавноста дека го сработиле предметот.

Резулатот од нивната работа е тоа што ќе испратат иницијатива до Јавното обвинителство за кривично гонење на поранешните генерални секретари на Владата, Драги Рашковски и Мухамед Зеќири, за злоупотреба на службената положба и овластување.

Преку хонорарно ангажирање луѓе, за нецели четири години биле исплатени речиси два и пол милиони евра.

Сево ова беше повод за разговор со претседателката на антикорупционерите.

Мала владина „армија“

На 250 вработени, уште стотина хонорарци | Фото: БИРН

Во новите простории каде што е сместена Државната комисија за спречување на корупцијата, на три ката во зградата каде што се и Службата за општи и заеднички работи, финансиската полиција и други државни институции, многубројни папки по канцелариите.

Во една од нив беше и истражителката што работела на предметот за хонорарците.

„Станува збор за многу обемен предмет, само белешката беше над 70 страници“, ни рече претседателката Ивановска.

Таа истакна дека ДКСК на колегиум ја разгледало објавата на БИРН, по што оформиле предмет.

„Утврдивме дека постојат елементи за постапување на ДКСК. Советникот одговорен за овој предмет ги прибра потребните податоци и документи. Најмногу соработувавме со СОЗР, бидејќи тие го водат сметководството на Генералниот секретаријат“.

Гледале на кој начин се книжени исплатите, што сѐ било прокнижено и дали биле исполнети обврските за кои биле склучени договорите.

Ивановска појасни дека, наместо за две години, период што го истражуваше БИРН, тие отишле во поширока проверка и го разгледувале периодот од 2017 до 31 октомври 2021 година.

Она што го добиле како податок е дека, и покрај тоа што во Генералниот секретаријат на Владата лани биле вработени над 250 луѓе, секоја година по околу 100 лица дополнително биле ангажирани со авторски договор за услуги, 93 во 2017, 118 во 2020 година.

Пикот, ни рече претседателката на ДКСК, е во 2018, кога хонорарно биле ангажирани 119 лица и дополнителни 36 лица преку Агенција за привремени вработувања.

По објавата на БИРН и отворањето на предметот, бројот на хонорарно ангажирани лица се намалил за половина.

„Претпоставувам дека тоа се должи на тоа што беше отворен предметот во медиумите и во ДКСК“, ни рече Ивановска.

Од добиените податоци утврдиле, не само дека се ангажира цела мала армија луѓе, туку дека во периодот од 2017 до 2021, авторската агенција „Артпицк“ ги добивала сите тендери за авторски договори.

Вкупната вредност на договорите што таа Агенција ги склучувала со државни институции и јавни претпријатија е нешто над 300 милиони денари, односно речиси пет милиони евра.

„Во сите постапки понудила иста цена на провизија, која била критериум за избор од 0,01 отсто од бруто надоместокот од поединечно склучен договор“, пишува во анализата на ДКСК.

Спорна потребата за ангажман

Многу пари се одлевале за хонорарци | Фото: БИРН

„Не е спорно дека може да се склучи авторски договор доколку има потреба. Но, ние не видовме утврдени потреби. Од тука заклучуваме дека целата оваа ситуација значи злоупотреба на можноста да се склучи договор за авторско дело“, вели Ивановска.

Но, ако Генералниот секретаријат на Владата има над 250 вработени, кои треба да им бидат сервис на кабинетите на министрите, а дополнително секој кабинет има свои советници, според Ивановска, ваквото дополнително ангажирање хонорарци е „само механизам да се задоволи одредено гласачко тело“.

„Откако работам во Државниот завод за ревизија, од 2002 година сведоци сме дека оваа пракса постои. Значителни средства се одлеваат по оваа основа“, вели Ивановска.

„Каде е образложена потребата? На пример, се случува ние како ДКСК да имаме потреба од ангажирање експерт. Прво разговараме за тоа на колегиум, ја утврдуваме потребата, а тоа влегува во записник. Дополнително, донесовме правилник, односно подзаконски акт со сите детали… Точно се знае кој би бил ангажиран и за што“.

Но, тоа што постои кај нив, не постои во Генералниот секретаријат на Владата.

Освен тоа, нивната анализа покажала дека, иако договорите се за авторски дела, такви има само неколку, односно дека она за што биле ангажирани најголемиот број лица не се авторски дела, како што налага Законот за авторско право.

Според антикорупционерите, авторски дела не може да бидат ангажмани како присуство на седници на Владата и водење записници, анализа на податоци, креирање содржини за социјални мрежи и слично.

Но, наодите на ДКСК ги опфаќаат извештаите за завршената работа на хонорарците.

„Повеќето од договорите што беа склучени не соодветствуваа со завршената работа. Извештаите за завршена работа беа слични еден на друг. Направени чисто про форма“, вели Ивановска.

Вработувања на мала врата

Политиката работи за хонорарците | Фото: БИРН

„Овие лица се запознаваат со работата, се праќаат на обуки, се вложува во нив. Со сето тоа стекнуваат конкурентска предност пред другите. Дваесет и пет од овие лица кои склучувале договори се веќе вработени во Генералниот секретаријат. Тоа е каналот преку кој се вработуваат во Владата“.

Ивановска смета дека токму преку ваквото ангажирање хонорарци со заобиколување на Законот за вработените во јавниот сектор и на Законот за административните службеници, се создава нефер атмосфера, во која сите немаат еднакви услови.

А законите тоа го пропишуваат.

„Само се изнаоѓаат законски механизми, овој канал да си функционира, на пример, преку Закон за трансформација на работниот однос. Тој што е ангажиран, а подоцна и вработен, не доаѓа преку фер постапка“.

„Сметам дека политичкото влијание е клучно. Политиката работи на зачувување на гласачкото тело“, вели таа.

Очигледно е, тврди Ивановска, дека генералнот секретар има дискрециски овластувања, за што говореле повеќепати за различни институции.

„Во Стратегијата што ја подготвивме, делот за вработувања се издвојува како најризична област, која се протега во сите сектори“.

Ја подвлекува старата итарпејовска шема да се најдат начини да се заобиколат процедурите.

Таа се надева дека овој предмет ќе ги замисли одговорните лица за ангажирањето хонорарци, не само Генералниот секретаријат, туку и другите институции.

„Ние ги исцрпевме сите документи. Сметаме дека Јавното обвинителство може слободно да се потпре на нашиот труд, но како ќе биде понатаму, ќе видиме“, заклучува Ивановска.