Регион

Мизогинијата и антифеминизмот како алатки при регрутирањето на крајната десница

Антифеминизам и мизогинија е заедничка карактеристика на екстремните десничарски групи. Воедно тие се и алатка за регрутација

Во октомври 2018 година, Павле Бихали рече дека му е доста. Реагирајќи на објавата на Твитер, во која се наведува дека група мигранти силувале 17-годишно девојче во Белград, лидерот на екстремно десничарската политичка партија Левијатан напиша:

„Мигрантите веруваат дека ова е нивно место каде што се слободни да се однесуваат како што сакаат. Ако силувањето на нашите малолетни ќерки и сестри не се спречи законски, тоа ќе прерасне во нешто друго. Лично, повеќе не можам да ги гледам, нула толеранција“.

Помалку од две години подоцна, во мај 2020 година, еден месец по парламентарните избори во Србија, сопартиецот на Бихали во Левијатан, Филип Радовановиќ, влета со својот автомобил во прифатен центар за мигранти во Белград, тврдејќи дека ја штити својата девојка. „Не сакам мојата девојка да биде нападната од мигранти! Не сакам муслиманска држава!“, викал Радовановиќ додека го снимал упадот со телефон.

Левијатан, кој го почна животот како група тетовирани одмаздници со избричени глави во тесни црни маици, на последните избори во Србија, кои се одржаа годинава на 3 април, не освои место во парламентот, но профилот на партијата на Фејсбук има речиси 300.000 следбеници.

Слично е и движењето Народна патрола, кое произлегува од сомнежот и гневот предизвикани од протокот на главно муслимански мигранти и бегалци низ Србија на пат кон Западна Европа во 2015 и во 2016 година.

И двете групи ги прикажуваат мигрантите како силувачи, а себеси како бранители на Србинките, од исламската „култура на силување“.

Објавите на социјалните мрежи со вакви содржини ги надминуваат по посетеност другите, според анализата на БИРН, спроведена со Краудтенгл, алатка за следење на социјалните медиуми од Фејсбук.

За нив се вели дека се залагаат за одбрана на таканаречените „традиционални семејни вредности“ и хиерархиските родови улоги, истовремено спротивставувајќи се на јакнењето на жените и поддржувајќи антифеминистички ставови и мизогинија.

Навистина, контролата врз женската сексуалност и репродукција е централна тема за екстремно десничарската екстремистичка идеологија, велат експертите. И Балканот не е исклучок.

„Екстремистичките групи се подготвени да ја искористат [заканата од] насилство врз жените како оправдување за нивните постапки против другите“, вели Тања Танкосиќ Гирт, психотерапевт од Босна и експерт за насилен екстремизам. „Во нивни очи, тие се борат за својата нација, семејствата и за заедниците“.

Евијан Лајдиг, научен соработник во Меѓународниот центар за борба против тероризмот со седиште во Холандија, за БИРН, вели: „Мизогинијата често се користи како прва точка на контакт и се сведува на правото врз женските тела“.

Евијан Лајдиг, научна соработничка во Меѓународниот центар за борба против тероризмот со седиште во Холандија. Фото: Сопственост на Евијан Лајдиг

„Машка надмоќ“

Во теоријата за „голема замена“ што ја споделуваат екстремно десничарските групи ширум светот, белите луѓе се раселени од небелци, и така, водејќи се од таа нивна логика,  контролирањето на сексуалноста и репродукцијата на белата жена е клучна одбрана од „замената“ и одбрана од тие што не се бели. Сексуалната и репродуктивната слобода на жените во поширока смисла ја сметаат за закана за белата цивилизација.

Од неонацистот Андерс Брејвик, кој, пред да убие 77 луѓе во Норвешка во 2011 година, напиша дека „феминизацијата на европската култура е речиси завршена“, до „инцел херојот“ Елиот Роџер, кој застрела шестмина во Калифорнија во 2014 година, ветувајќи дека ќе „ги казни сите жени за кривичното дело лишување од секс“, антифеминистичката и мизогинистичка реторика е моќна порта за насилен екстремизам.

Во март оваа година, извештајот за домашна безбедност на САД ја разгледа, како што се вели, „специфичната закана од мизогинистичкиот екстремизам“, од мажи што се опишуваат себеси како „антифеминисти“ или „недоброволен целибат – инцел“.

Поради начинот на кој овие групи систематски ги понижуваат и ги дехуманизираат жените, вклучително и поттикнуваат физичко и сексуално насилство врз нив, во 2018 година, Јужниот правен центар за сиромаштија ја додаде „машката надмоќ“ на својата годишна „Мапа на омраза“, на која ги ставаат идеологиите што ги набљудуваат.

Оваа година, „нормализацијата на мизогинската омраза“ беше дел од годишниот извештај „Состојба на омраза“ на организацијата „Хоуп нот хејт“ со седиште во Обединетото Кралство за 2022 година, додека извештајот од јуни 2021 година на Фондот за развој на Обединетите нации, УНДП, покажува колку мизогинијата е централна за индоктринација, регрутирање и за идеологијата на насилниот екстремизам.

„Машката идеологија на супрематизам може да се најде во различни форми на интернет“, вели Лајдиг.

„Инцел е една од најновите форми. Според ова убедување, сексот е основно човеково право за сите мажи и тие имаат право на тоа. Жените што им го ускратуваат тоа право, на тој начин прават сериозно кривично дело“.

Екстремно десничарските екстремистички групи, во меѓувреме, го користат наводното насилство врз жените од страна на „аутсајдерите“ за да привлечат следбеници.

 

Истражувањата покажуваат дека екстремните десничарски екстремисти успешно користат мемиња и наративи против мигрантите додека ги прикажуваат како закана за жените.

„Теоријата на заговор за „големата замена“ е голем дел од идеологијата на крајната десница, без разлика дали тоа е експлицитно или не“, рече Мајкл Колборн, истражувач и новинар во Белингкет.

„Ние“ сме заменети со „Други“, замена што намерно е извршена од секакви навидум злобни актери. За различни екстремно десничарски групи и поединци со тие гледишта, прашање е да се идентификуваат тие актери – тие непријатели, според нивното мислење – кои мислат дека се одговорни за ова. Меѓу овие непријатели често се жени што немаат деца, или немаат толку деца колку што би сакале овие мажи да имаат – со други зборови, образовани, професионални жени, чија улога во светот е многу повеќе од само раѓање членови на одредена етничка група“.

(Виртуелна) реалност и насилство врз жените

Во извештајот од 2018 година, наречен „Кога жените се непријател: пресекот на мизогинијата и белата надмоќ“, Лигата за борба против клеветата, АДЛ, тврди дека постои силна симбиоза меѓу мизогинијата и белата надмоќ.

Истражувањата, исто така, сугерираат дека мизогинистичките ставови се поврзани со поддршката на насилен екстремизам.

Во Босна и Херцеговина, студиите покажаа дека поддршката за родовата еднаквост е еден од најсилните показатели за отпорност на насилен екстремизам, додека помалата поддршка за родовата еднаквост е во корелација со поголема поддршка на насилниот екстремизам.

Насилните и ненасилните екстремистички групи ја негуваат идејата за машка надмоќ врз жените и досегашните истражувања покажуваат дека мизогините ставови биле мотивирачки фактор во неколку насилни напади, во последниве години.

Поважно, наместо да биде единствениот мотив, мизогинијата се чини дека е меѓусебно поврзана со разни други незадоволства и негативни искуства што потхрануваат екстремно непријателски светоглед, во кој гневот, улогата на жртва и фрустрираните права се реализираат преку одмазднички и хипермашки насилни дејствија.

Бидејќи примарното средство за комуникација за екстремистичките групи се собите за разговор, форумите и платформите за социјални медиуми, овој виртуелен простор овозможи засилување на идеите меѓу географски оддалечени и различни поединци. Со тоа што преку социјалните мрежи се надминува проблемот на далечината за непосредна комуникација, тие станаа идеална алатка за радикализирање на екстремистичките организации, кои капитализираат од таа технологија.

Иако мизогинијата и антифеминизмот се сеприсутни, вклучувањето на овие идеологии во екстремистички групи ги направи поприфатливи за поголемите општествени и политички кругови, дозволувајќи им на делови од општеството – главно млади мажи – да се радикализираат, без притоа никој тоа да го доведува во прашање.

Ова резултира со глобализација на сексизмот меѓу екстремно десничарските заедници, како и со искористување на полот како техника за регрутирање.

Во октомври минатата година, Белингкет објави текст за тоа како руската екстремно десничарска група „Машка држава“ поттикнува насилство врз феминистки и жени и организира кампањи за вознемирување на луѓето што ги поддржуваат малцинствата и ЛГБТ заедницата. Водачот на групата, Владислав Поздњаков, кој има повеќе од 100.000 следбеници на Телеграм, ги охрабри претплатниците да отидат и офлајн да бараат жртви во реалниот живот.

Колборн вели дека активноста на Поздњаков на социјалните мрежи сугерира дека тој можеби неодамна бил во Црна Гора.

Тој „користеше мизогинија и омраза кон жените, вклучително и промовирање насилство, како начин за регрутирање млади мажи“, изјави Колборн за БИРН, „а подоцна идеологијата на групата на крајот се соедини во нешто што тие го опишаа како национална патријархалност“.

Обвинување на жртвата

Разговорите за семејно насилство, силување и сексуална експлоатација не се невообичаени во рамките на разговорите и форумите на екстремната десница.

„Стормфронт“, неонацистички форум, основан од американскиот бел супрематист Дон Блек. Има значајни следбеници на Западен Балкан и специфични потфоруми на кои корисниците пишуваат на хрватски, босански и на српски јазик.

Анализата на содржината што ја направи БИРН покажува преокупираност со родот и феминизмот, со дискусии од типот „како да се најде вистинска наци-девојка“ и „жените порано и сега“. Од 8 април 2022 година, вториот имаше нешто повеќе од 140.000 прегледи.

Во еден разговор, корисник од Хрватска се обиде да го објасни силувањето, пишувајќи: „Чинот на силување не е само чин на доминација; во неговото јадро потсвесно е чин на ширење гени. Во војна, мажите силуваат, не само затоа што сакаат да го понижат непријателот, туку и затоа што сакаат да го шират нивниот ген, затоа што ако умрат, силуваната жена може да му роди потомство (ген), па тој успеал да го рашири својот ген.“

Во основата на сите екстремно десничарски идеологии, вели Колборн, е поимот „хиерархија, ред и зачувување на „вистинската,“ култура, која тие ја гледаат како деградирана или распадната. Тоа, исто така, зборува за опсесијата на екстремната десница со историјата како што тие ја гледаат, да бидат запаметени и да остават трага во светот“.

Според екстремистичките наративи, природната цел на жената е да раѓа и да го зачува семејството; жените треба да им бидат потчинети на мажите бидејќи тие силни мажи се чувари што ќе го зачуваат човештвото.

„Жените се сметаат за помалку еднакви од мажите“, вели Лајдиг. Може да има некои варијации, „но, генерално, постои заедничка потсвест да не се гледаат жените во истата смисла на човечкото достоинство. Исто така, многу важно, правото на жените е да му служат на мажот, сексуално и романтично. Значи, правото е најголемиот дискурс во овие наративи“.

Танкосиќ Гирт додава: „Постојаното инсистирање на биологијата, родовите улоги, разликите меѓу мажите и жените, всушност, има само една основа и цел, а тоа е контролата врз жените, телата на жените и изборот на жените“.

На 4 јануари, хрватскиот поранешен пратеник Иван Пернар, кој често споделува видеа од екстремно десничарски профили, како оној на унгарската Légió Hungária, на Телеграм тврдеше дека, откако жените имаат право на глас, политиката се свртела на лево. Тој продолжи: „Исто така, се прашував зошто жените се повеќе отворени за црните мигранти во Хрватска од мажите. На крајот дојдов и до податоци дека две третини од жените имаат фантазија да бидат силувани…“

Таквите изјави се засноваат и на исламофобија – при прикажувањето на мигрантите како силувачи – и на мизогинијата со омраза – дека жените се виновни за сексуалното насилство што го трпат. Во културата на силувањето постојат заматени линии околу согласноста, машката сексуална агресија е прифатена и охрабрувана, а жртвите се обвинуваат за насилството што го претрпеле.

Слични, но различни

Танкосиќ Гирт нагласува дека поимот за јасни родови улоги, „одржани преку насилство“, без разлика дали се физички, емоционални, психолошки, сексуални или економски, не е ограничен само на екстремно десничарскиот екстремизам.

„Не е важно за кој тип екстремизам зборуваме, дали е екстремно десничар, салафи или нешто друго“, рече таа.

На 21 јуни 2021 година, истакнатиот босански салафиски проповедник Елведин Пежиќ, кој има повеќе од 325.000 следбеници на Фејсбук, објави: „Западното општество морално се распадна во моментот кога ја извадија жената од куќата и кога жената стана сè, освен МАЈКА!“

Светоста на бракот и брачните односи, воспитувањето деца, родовите разлики, интимноста и кодексите на облекување често се користат од страна на екстремистичките групи за промовирање на верскиот конзерватизам.

„Салафистичките влијателни лица имаат тенденција да градат религиозни аргументи за овие навидум ирелевантни човечки однесувања, наизменично означувајќи ги како задолжителни и грешни“, рече Танкосиќ Гирт.

Во последните шест месеци, бројот на следбениците на Пежиќ се зголеми за повеќе од 20.000.

„Сите екстремистички групи нудат едноставен наратив и тој е привлечен“, вели Колборн.

Во 2014 година, Minber.ba, исламска веб-страница во Босна, која дава совети за исламскиот живот, објави статија во која се вели дека жената е обврзана да има секс со својот сопруг.

Танкосиќ Гирт вели дека таквите верувања „ја одразуваат динамиката на долгорочна злоупотреба“, кажувајќи им на жените дека нивните тела се во служба на „задоволството на нејзиниот сопруг, без оглед на дозволата.“

Семејно насилство и насилен екстремизам

Без оглед на основната идеологија, се смета дека насилните екстремисти се речиси секогаш мажи со историја на насилство или малтретирање жени.

„На пример“, рече Лајдиг, „во досегашните инцел напади, сите напаѓачи имаат претходни пријави за семејно насилство или силување жени. Значи, ова е аларм, овој вид однесување често им претходи на овие видови насилни терористички инциденти“.

Според некои истражувачи, оваа корелација едноставно може да се должи на распространетоста на семејното насилство. Сепак, семејното насилство е израз на полагање право, форма на интимен тероризам и најголема причина за женски убиства на глобално ниво.

Експертите тврдат дека нашето разбирање за насилниот екстремизам мора да вклучува историја на семејното насилство.

Однатре, малку се знае за насилството што го трпат женските членки на крајнодесничарските екстремистички групи. Истражувачкиот труд од 2018 година, на авторката и истражувач Саеида Руас фрли малку светлина врз секојдневните искуства на три жени од екстремно десничарските и групите на белата надмоќ.

„Сите мажи беа насилни“, кажа една од жените. „Но, сите жени беа несигурни и бараа нешто, па мислам дека бидејќи сите мажи беа такви, ние едноставно го прифативме тоа. […] На жените им се вели „ти си нашата најскапоцена роба“, „вие сте мајките на белата раса“, „ќе бидете ценети“ и жените се ставаат на пиедестал на овој начин, но потоа, во исто време, ако кажете погрешна работа и добивате бекхенд и, знаете дека има многу злоупотреба, особено насилство од интимниот партнер, но не е секогаш само тоа…“

Тања Танкосиќ Гирт, психотерапевт и експерт за насилен ексремизам. Фото: Сопственост на Танкосиќ Гирт

И тоа е маѓепсан круг, смета психотерапевт Тања Танкосиќ Гирт.

„Главните ранливости се развиваат во семејниот контекст, бидејќи родителите се тие што првенствено ги градат моделите на однесување на децата“, рече таа.

„За децата, првиот модел на партнерство се родителите. Ако младиот човек расте во семејство каде што е присутно семејно насилство, тоа придонесува за лична несигурност, несигурна средина и семејна дисфункција, што подоцна ги прави тие млади луѓе приемчиви за групите на екстремистите, додека подоцна, во повеќето случаи, тие се оние што го изразуваат тој усвоен модел на однесување во различни форми на насилство врз жените“.

Регрутирање, превенција и интервенција

Екстремистичките групи – од ненасилни до насилни, без разлика дали се екстремно десничарски или инспирирани од Исламската држава – ги искористуваат антифеминистичките идеологии и мизогините наративи како алатки за регрутирање.

Лора Бејтс, авторка на новата книга „Мажи што мразат жени: од инцелови до пикап уметници, вистината за екстремната мизогинија и како таа влијае врз сите нас“, смета дека „има еден вид радикализација, еден вид манипулација што се случува на интернет, при што проблемите и несигурноста на младите мажи се кооптирани од организирани онлајн екстремистички групи“.

Мизогинијата е сеприсутна. Во истражувањето предводено од ОБСЕ во Босна од 2019 година, во врска со распространетоста на насилството врз жените, 48 отсто од жените изјавиле дека од 15 години доживеале некаков облик на злоупотреба, вклучително насилство од интимниот партнер, насилство од непартнер, следење и сексуално вознемирување.

Во Обединетото Кралство, на секои три дена, во просек, една жена е убиена од сегашниот или од поранешниот партнер.

Според Лајдиг, мизогинистичките наративи и насилството врз жените „во голема мера се прифатени во мејнстрим културата и може да се изразат, со мало противење, но на нив не се гледа како на закана“.

Од друга страна, феминистките се поистоветуваат со наводната „западна агенда“ за поткопување на нациите и се сметаат за влијателни врз одлуките на владата, иако жените сè уште се недоволно застапени на политичко ниво.

Конечно, антифеминизмот нуди  одговори на вистинското чувство на незадоволство. На платформите за социјални медиуми како Редит, Форчан, Телеграм, Твитер и Фејсбук, младите мажи развија нови термини за да ја изразат својата фрустрација од одбивањето.

Дури и ако екстремистичките идеологии директно не поддржуваат тероризам или не поттикнуваат напади, тие генерираат опасни социјални поделби и влијаат врз радикализацијата што ги поткопува демократските норми.

Таквиот јазик претставува особена закана за Западен Балкан, особено во контекст на поттикнувањето насилство врз жените или мигрантите; ваквите наративи ја загрозуваат децениската борба за родова еднаквост. Навистина, оваа форма на радикализација – во која жените се непријател – веројатно ќе предизвика сериозни долгорочни социјални, политички и безбедносни грижи, предупредуваат експертите.

„Тие се повикуваат на полагање право и чувство на неадекватност“, рече Танкосиќ Гирт. „Сето тоа произлегува од тоа чувство на неадекватност, што ги тера да трагаат по сопственото значење“.

За државите да одговорат ефективно, додава таа, „мораме да направиме чекор назад и правилно да ја оцениме досегашната работа“.

Доказите покажуваат дека интервенирањето при ширењето расистички и мизогинистички идеи со омраза во јавниот дискурс, вклучително и на интернет, влијае врз спречувањето терористички акти.

Сите соговорници на БИРН ја истакнаа потребата од правилното вклучување и набљудување на семејната динамика и влијанието на семејното насилство.

Кога се планира интервенција, „треба да се стави фокус на терапијата како форма на интервенција, но онаа што го става правото како право на човекот во центарот на дискусијата“, рече Лајдиг.

Nejra Veljan