Борбените единици кои беа под крајна команда на функционерите на Државната безбедност (ДБ) на Србија, Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ, „ја контролираа ситуацијата на теренот“, во деловите на Хрватска под српска контрола, а во помала мера, и во БиХ, за време на војните во 90-тите, вели за БИРН, долгогодишниот српски новинар, Филип Шварм, во пресрет на изрекувањето на пресудата на Станишиќ и Симатовиќ.
Станишиќ (70) и Симатовиќ (71) беа екстрадирани во Хаг во 2003 година. Десет години подоцна, тие беа ослободени од обвинението, но пресудата во 2015 година беше укината и беше наложено повторно судење.
Тие се обвинети дека раководеле со финансирањето, обуката, логистичката поддршка и со друга значителна помош за специјалните вооружени единици на српската ДБ и другите паравоени групи, со цел насилно и трајно отстранување на мнозинството несрпско население, од големи делови на територијата на двете земји, во периодот 1991-1995 година.
Осудителната пресуда ќе отвори дупка во долгогодишното негирање на Србија, дека не била директен учесник во војните во поранешните југословенски републики, иако оскудното медиумско покривање на нивното судење, го доведува во прашање влијанието на пресудата, врз перцепцијата на пошироката српска јавност.
„Она што не беше јасно на почетокот беше прашањето, која е вистинската моќ на овие луѓе, што тие прават, а што не прават“, вели, 55-годишниот Шварм, кој како новинар и главен и одговорен уредник на угледниот неделник „Време“, детално известуваше за паравоените групи, кои стоеја зад бројни тешки злосторства извршени за време на распадот на Југославија.
Но, тој додава: „едно беше јасно, а тоа е дека тие имаа силна контрола“ над бунтовничките власти во хрватскиот регион Краина, контролиран од Србите. Осврнувајќи се на водачите на хрватските Срби, Милан Мартиќ и Милан Бабиќ (двајцата, по војната, беа осудени од Хашкиот трибунал за воени злосторства), Шварм наведува дека ДБ на Србија „ги присилила во калапот што (српскиот моќник) Слободан Милошевиќ го сакаше“.
„Разговарав со Милан Бабиќ пред да замине за Хаг и навистина, искрено се плашеше од Државната безбедност, од тие луѓе предводени од Јовица Станишиќ. Тој страв не престана дури и кога тие луѓе веќе не беа во Државната безбедност“, вели тој.
„Доаѓаат луѓе од Белград“
Станишиќ и Симатовиќ (познат како Френки), во текот на 90-тите години имаа скоро митски статус во јавната потсвест, тие делуваа тивко, од сенка, и се чинеше дека му беа одговорни само на Милошевиќ.
Шварм истакнува дека медиумите, во своите извештаи во тоа време, го прикажувале Симатовиќ како „еден вид српски Џемс Бонд, кој се појавува на теренот, изчезнува на теренот, една крајно мистериозна личност која ги држи в џеб сите тие паравоени формации“.
Станишиќ, вели тој, бил комбинација од „мит и реалност“ што ги опкружувала сите шефови на тајните служби, а неговите договори со противниците на Милошевиќ во тоа време, биле особено интригирачки.
Една од нивните главни задачи за време на војните, според обвинителите, била да ги обучуваат српските борци во Хрватска и БиХ, во логорите формирани во двете земји, но и во Србија. Најпознат беше логорот во Голубиќ, близу Книн, град што беше седиште на самопрогласената Република Српска Краина.
„Веднаш започнувате да слушате дека одредени луѓе од Белград доаѓаат тука, дека овие луѓе се моќни членови на Државната безбедност, Франко Симатовиќ, мајор Фиќо, (Драган) Филиповиќ и некои други. Тоа беше јасно уште од самиот почеток“, вели тој.
„И во Краина и во Република Српска беше јасно, а особено во Краина, дека не може да се опстане без поддршка од Србија“, објаснува Шварм за БИРН, додавајќи: „Тогаш гледате една единица во која се луѓе од Државната безбедност на Србија, тие велат: ‘Јовица ве чува, Слобо (Милошевиќ) ве чува, не грижете се за ништо’, што го зголемуваше моралот“.
Но, покрај подигањето на моралот, тие вршеа и контрола врз политиката и протокот на пари во подрачјата на Хрватска и Босна и Херцеговина што беа контролирани од Срби, кои во голема мера живееја од криумчарење.
„Оние луѓе кои Државната безбедност ќе ги прогласеше за исправни, за перспективни, ним им се овозможуваше некаков шверц“, нагласува Шварм. „На некои други, не“.
„Тие, всушност, ја контролираа ситуацијата на теренот, што е можно повеќе, за да биде во согласност со политиката што му одговараше на Милошевиќ“, истакнува тој.
„Ние сме важни“
По војните во БиХ и Хрватска, но пред почетокот на конфликтот на Косово, Милошевиќ присуствуваше на одбележувањето на годишнината од формирањето на Единицата за специјални операции (ЕСО) на ДБ на Србија, во мај 1997 година, чиј командант беше Симатовиќ.
Видео од настаните во седиштето на ЕСО во Кула, во северна Србија, прикажано за прв пат за време на судењето на Милошевиќ, а потоа на судењето на Станишиќ и Симатовиќ, покажува како на Милошевиќ му се покажува спомен-соба и карта на која се гледа патувањето на ЕСО низ Хрватска и БиХ.
„Тој воен пат на единицата, има повеќе функции“, објаснува Шварм. „Една е, секако, онаа што е важна за секоја од овие борбени единици, (да се покаже) ‘Еве ги нашите жртви, ова е воениот пат што го поминавме, традицијата’, и така натаму“, нагласува тој.
„Второ, да види Милошевиќ колку таа единица го задолжила. Тие велат: ‘Еве, бевме тука, тука ни загина оној’… Таа единица вели: ‘Ние сме важни’. Милошевиќ го препознава тоа“, наведува тој.
По посетата на Милошевиќ на Кула, вели Шварм „јасно ни е дека таа единица, кога заврши војната, нема да се распушти и јасно е дека Слободан Милошевиќ и натаму смета на таа единица. Тој смета на неа во перспектива на Косово, но и во перспектива на внатрешни немири во самата Србија“.
Нешто повеќе од три години подоцна, во октомври 2000 година, кога по 11 недели бомбардирање на НАТО, српските сили се повлекоа од Косово, Милошевиќ беше симнат од власт.
ДБ во 2002 година се трансформираше во Безбедносна информативна агенција (БИА), но ЕСО остана до март 2003 година, кога нејзиниот поранешен командант, Милорад Улемек Легија, заедно со група поранешни членови на ЕСО и луѓе што се занимаваа со организиран криминал, изврши атентат врз реформскиот премиер, Зоран Ѓинѓиќ.
Станишиќ и Симатовиќ беа уапсени во голема полициска акција започната по убиството на Ѓинѓиќ. „Тие (властите) не знаеја што да прават со Станишиќ и Симатовиќ и заклучија дека е најдобро да ги екстрадираат во Хаг“, истакнува Шварм.
Ниту еден поранешен висок офицер на ЕСО, во Србија не беше обвинет за воени злосторства извршени во Хрватска или БиХ.
Што се однесува до Србија денес, Шварм забележува дека некои членови на сегашната владејачка коалиција – претседателот, Александар Вучиќ, и претседателот на парламентот, Ивица Дачиќ, беа „дел од тој режим во кој Станишиќ и Симатовиќ направија кариери“ во 90-тите години.
Вучиќ беше министер за информирање, за време на војната во Косово, во периодот 1998-1999 година, додека Дачиќ му беше соработник на Милошевиќ. Останатите, кои беа осудени за воени злосторства, денес се членови на владејачките партии и се сметаат за херои.
„Ние повторно гледаме некакво враќање во 90-тите“, нагласува Шварм.
„Некое време имавме колективна амнезија, 90-тите не постоеја, т.е. да речеме од 2012 до пред некоја година, а сега имаме директна реафирмација на деведесеттите, тоа е што се однесува до оваа власт“.
Српската напредна партија на Вучиќ дојде на власт во Србија во 2012 година, одвојувајќи се од ултранационалистичката Српска радикална партија.
„Имаме луѓе кои правосилно се осудени за воени злосторства, тие водат воени паради, тие се членови на партии“, нагласува Шварм.
Со главните луѓе на ЕСО зад решетки, поради убиството на Ѓинѓиќ, Србија не „копаше подлабоко“ во другите активности на единицата, вели Шварм и заклучува: „Бог знае што би отворила понатамошната истрага и какви прашања тука би се поставиле“.