Регион

По последното судење, судбината на наследството на Хашкиот трибунал, неизвесна

Осврт на значајните пресуди, контроверзиите, успесите и неуспесите во извршувањето на мисијата на Трибуналот на ООН

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Дражен Ердемовиќ, припадник на Војската на Република Српска (ВРС), беше првиот кој на судиите на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) во Хаг, во мај 1996 година, им призна дека учествувал во убиствата на заробените мажи и момчиња, Бошњаци, од Сребреница.

Ердемовиќ пред Хашкиот трибунал изјави дека пукал во Бошњаците само затоа што му се заканувале: „Кога одбив, ми рекоа: Ако ти е жал, застани и ти за да те убиеме“.

Ердемовиќ е првата личност осудена од Трибуналот за учество во масакрите во Сребреница. Тој беше осуден на пет години затвор. По една година помината во затвор, тој беше предвремено ослободен. Подоцна тој сведочеше на судењето на југословенскиот претседател, Слободан Милошевиќ.

По затворањето на МКТЈ, кон крајот на 2017 година, преостанатите случаи, вклучувајќи ги и жалбените постапки во предметите на политичкиот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ, и на воениот командант на ВРС, Ратко Младиќ, беа преземени од страна на ММКТ.

Обраќајќи му се на Советот за безбедност на Обединетите нации, неколку часа откако Младиќ беше осуден на доживотен затвор, претседателот на ММКТ, Кармел Агиус, рече дека Трибуналот презел значителни чекори во борбата против неказнивоста на воените злосторства.

„Пресудата (на Младиќ) им испраќа силна порака на жртвите на злосторствата извршени во поранешна Југославија и на други места, дека извршителите на ваквите ужасни злосторства, на крајот ќе бидат изведени пред лицето на правдата, без оглед на нивните функции или колку тие се чувствуваат моќни и недопирливи“, истакна Агиус.

На 30 јуни, ММКТ ќе донесе првостепена пресуда во последниот случај кој се однесува на воените злосторства во поранешна Југославија – во случајот против поранешните претставници на Државната безбедност (ДБ) на Србија, Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ.

МКТЈ и ММКТ досега осудија 90 лица на вкупно 1.311 години затвор, плус седум доживотни затворски казни, за злосторства извршени за време на војните во поранешна Југославија.

Но, иако тие играа важна улога во гонењето на некои од најтешките злосторства во Европа по Втората светска војна, како геноцидот во Сребреница, и придонесоа за воспоставување на нови правни стандарди, како што е гонењето на военото силување како злосторство против човештвото, некои Влади во поранешна Југославија, и натаму одбиваат да ги прифатат нивните пресуди.

Политичките лидери на Србија и на босанскиот ентитет, Република Српска, одбиваат да прифатат дека масакрите во Сребреница претставуваат геноцид. Србија, исто така, одбива да уапси двајца националистички политичари, кои ММКТ ги бара, заради наводно непочитување на судот.

Во неколку држави, воените злосторници, откако беа ослободени по издржувањето на казната, беа пречекани како херои, со официјална поддршка од државните функционери, а во некои случаи тие беа именувани на истакнати позиции во јавниот живот.

„Денес се соочуваме не само со неспроведување на пресудите, туку и со негирање на злосторствата и величење на злосторниците, од страна на државите“, предупредува, Амир Ахмиќ, офицер за врски со Хашкиот трибунал.

Значајни пресуди: силување и геноцид

Судиите во текот на изрекувањето на првостепената пресуда на Радован Караџиќ, во 2016. Фото: МКТЈ/Фликр

Трибуналот, во 2001 година, со изрекувањето на осудителната пресуда на припадниците на ВРС, Драгољуб Кунарац, Радомир Ковач и Зоран Вуковиќ, стана првиот меѓународен трибунал со седиште во Европа, кој утврди дека силувањето извршено за време на војната е злосторство против човештвото.

Кунарац беше осуден на 28 години затвор за повеќе силувања во босанскиот град Фоча и за држење во ропство на две жени, дела сторени за време на војната во БиХ. „Доказите покажаа дека припадниците на вооружените сили на босанските Срби, го користеле силувањето како инструмент за терор“, се вели во пресудата.

На почетокот на оваа година, ММКТ го отфрли барањето на Кунарац за предвремено ослободување, иако тој има право на тоа откако издржа две третини од казната. Судијата Агиус објасни дека „неуспехот на Кунарац да покаже дека се рехабилитирал и тежината на неговите злосторства, во голема мерка превагнуваат против неговото предвремено ослободување“.

Повеќе од една третина од обвинетите кои Трибуналот ги осуди, беа прогласени за виновни за злосторства што вклучуваа и сексуално насилство, што Трибуналот го смета за едно од своите главни достигнувања, кое го „трасирало патот за построги осудителни пресуди за такви злосторства низ целиот свет“.

Првата пресуда на Трибуналот, со која беше утврдено дека е извршен геноцид врз Бошњаците од Сребреница, беше пресудата во случајот против Радислав Крстиќ, воен командант на дринскиот корпус на ВРС.

Трибуналот донесе одлука оти со убиствата на повеќе од 7.000 мажи и момчиња од Сребреница, извршени во серијата масакри во јули 1995 година,  и со протерувањето на жените и децата, силите на босанските Срби покажале намера за уништување на Бошњаците како етничка група во тоа подрачје, во целина или делумно.

„Советот го нарекува масакрот во Сребреница со неговото вистинско име – геноцид. Оние што се одговорни за него, ќе носат печат и ќе служат како предупредување за другите, што ќе помислат да извршат такво грозоморно дело“, нагласи судијата, Теодор Мерон, по изрекувањето на пресудата на Крстиќ, во 2004 година.

По ова, и Караџиќ и Младиќ, како и други припадници на ВРС, беа осудени за учество во геноцидот во Сребреница.

Освен за геноцидот, Караџиќ и Младиќ беа осудени и за прогон на Бошњаците и Хрватите низ БиХ, за тероризирање на населението во Сараево за време на опсадата на градот и за држење на припадници на УНПРОФОР во заложништво. Обајцата беа осудени на казна доживотен затвор.

Судењето на генералите предизвика големо незадоволство во Хрватска

Анте Готовина / Фото: Бета

Најважното судење на МКТЈ за Хрватска, беше случајот против хрватските генерали, Анте Готовина, Младен Маркач и Иван Чермак, кои беа гонети за злосторства извршени за време на операцијата на хрватската војска, „Бура“,  во 1995 година.

Процесот се претвори во правна и политичка драма, тресејќи ги темелите на младата хрватска држава, изградена врз наратив за праведна и одбранбена војна против Југославија и српските бунтовници.

Обвинението го опфати целиот хрватски политички и воен врв во тоа време – вклучително и претседателот Фрањо Туѓман – за планирање и организирање кампања за етничко чистење насочена кон Србите, како дел од „заеднички злосторнички потфат“.

Во 2011 година, судскиот совет на МКТЈ го осуди Готовина на 24, а Маркач на 18 години затвор, додека Чермак беше ослободен од обвинението. Ова предизвика големо незадоволство во Хрватска, особено кај политичките елити и меѓу бранителите.

Но, следната година, жалбениот совет на МКТЈ ги ослободи Готовина и Маркач. Кога се вратија во Хрватска, тие беа пречекани од пресреќни граѓани и политичари – и од владејачките, и од опозициските партии – кои го прославија, како што велеа, последниот доказ дека улогата на Хрватска во војната не била злосторничка.

Иако Трибуналот утврди дека биле извршени злосторства од големи размери и ја повика Хрватска да ги гони, државните судови успеаја да донесат само една конечна и една првостепена пресуда за злосторствата извршени за време на „Бура“.

Жарко Пуховски, професор во пензија, кој долги години ја следел работата на МКТЈ, вели дека ослободувањето на генералите е важно за хрватската држава, затоа што потврдува дека „никој не е осуден за злосторствата извршени од хрватски трупи на хрватска територија“.

Тој објаснува дека хрватските политичари придонеле за создавање на критички став кон МКТЈ во Хрватска и дека го фалеле или осудувале Трибуналот, во зависност од тоа дали осуденото лице е од хрватска националност или не.

„Ова ги покажува двојните стандарди присутни во хрватската политика, при што хрватскиот претседател (Зоран Милановиќ) гледа на МКТЈ како на непријателска организација. Сепак, во исто време, претседателот ја поддржува пресудата против Младиќ, осудувајќи го концептот на заеднички злосторнички потфат како „антихрватски“, иако Младиќ не би бил осуден на овој начин без тој концепт“, вели тој.

Клучните обвинети починаа пред да им биде изречена пресудата

Слободан Милошевиќ во судница во Хаг. Фото: МКТЈ

Како претседател на Југославија, Милошевиќ беше првиот шеф на држава  обвинет од МКТЈ за воени злосторства. Но, нему не му беше изречена пресудата, затоа што тој, пред крајот на неговото судење, почина од срцев удар во притворот во Хаг, во март 2006 година.

Милошевиќ беше обвинет како личност одговорна за убиство на стотици цивили, Албанци од Косово, и за депортирање на уште 800.000, за време на војната во Косово, потоа за убиство и притворање на хрватски цивили за време на војната во Хрватска и за убиство и притворање на бошњачки и други несрпски цивили, за време на војната во БиХ .

Неговото наследство од војната во 90-тите, сè уште фрла сенка врз Србија. Две години по неговата смрт, неговата Социјалистичка партија стана помлад партнер во владејачката коалиција во Србија, а тоа е и денес.

Во 2018 година, српскиот претседател, Александар Вучиќ, кој беше министер за информирање во една од владите на Милошевиќ во 90-тите години, го опиша Милошевиќ како „голем српски водач“ чии „намери биле најдобри“, но резултатите биле лоши.

По апсењето на Милошевиќ во 2001 година, следната деценија Србија ја помина обидувајќи се да ги уапси сите други лица, осомничени за воени злосторства, кои Хашкиот трибунал ги бараше, а кои се криеја во Србија. Последниот што беше уапсен, беше Горан Хаџиќ, воен водач на српските бунтовници во Хрватска, кој беше обвинет за злосторства против човештвото и кршење на законите и обичаите на војувањето во Хрватска, од 1991 до 1993 година.

Но, во јули 2016 година, Хаџиќ почина пред да му биде изречена пресудата. Претставниците на воените жртви, изразија жалење што ниту Милошевиќ, ниту Хаџиќ, не живееја доволно долго за да бидат осудени.

Манда Патко од здружението „Мајките на Вуковар“, за БИРН, по смртта на Хаџиќ, изјави дека жртвите „жалат што Хаџиќ починал пред да му биде изречена пресудата што ја заслужил … За нас тој е воен злосторник, тоа беше, и тоа ќе остане“.

Пресуди за злосторствата во Косово

Обвинителството за воени злосторства на Србија и Специјалното одделение за воени злосторства при Вишиот суд во Белград. Фото: БИРН

Трибуналот, на повеќето највисоки српски воени и полициски функционери, им изрече затворски казни за злосторства над Албанците, извршени за време на војната во Косово, во судски процеси што ги открија не само размерите на извршените злосторства, туку и обемот на операциите за прикривање на телата на жртвите, со нивно закопување во тајни масовни гробници.

Единствениот осомничен, кој покрај Милошевиќ, ја избегна пресудата, беше воениот претседател на Србија, Милан Милутиновиќ.

Меѓу оние што се најдоа зад решетки се началникот на Генералштабот на Војската на Југославија (ВЈ) Драгоjуб Ојданиќ, југословенскиот заменик премиер, Никола Шаиновиќ, генералите на ВЈ, Небојша Павковиќ и Владимир Лазаревиќ, и генералот на српската полиција, Сретен Лукиќ.

Ојданиќ ги призна злосторствата во јануари 2013 година, но осум месеци подоцна, кога излезе од затвор откако издржа две третини од казната, го повлече ова признание.

Откако излегоа од затвор, Шаиновиќ и Лазаревиќ беа пречекани како херои во Србија, а медиумите им дадоа доволно простор да ги негираат фактите што Трибуналот ги утврди за злосторствата извршени врз косовските Албанци.

Од друга страна, двајцата најпознати команданти на Ослободителната војска на Косово, кои беа обвинети од Трибуналот, Фатмир Лимај и Рамуш Харадинај, беа ослободени од обвинението.

Само еден припадник на ОВК од понизок ранг, Харадин Бала, беше осуден за воени злосторства врз Срби и Албанци, за кои се верувало дека соработуваат со југословенските власти. Тој беше осуден на 13 години затвор.

Како и многу други поранешни команданти на ОВК, по војната, Лимај и Харадинај станаа политички лидери и беа министри во косовската влада.

И двата судски процеси беа придружени со обвинувања за заплашување на сведоците. Во пресудата на Харадинај, судот истакна дека наишол на „значителни тешкотии“ во обидот да донесе голем број сведоци да сведочат. „Многу сведоци го наведоа стравот како истакната причина, зошто не сакаат да се појават пред судскиот совет и да сведочат“, се вели во пресудата.

Бројни сведоци ги сменија своите искази во текот на судењата, други починаа во мистериозни околности, а беа изречени и пресуди за влијание врз сведоците во двата случаи.

Дека сè уште има сериозни проблеми со заштитата на сведоците, укажува и предупредувањето од Специјалниот суд на Косово со седиште во Хаг, кој се очекува да им суди на поранешниот косовски претседател Хашим Тачи и на други поранешни високи припадници на ОВК за наводни воени злосторства, дека се соочува со напори за негово поткопување во Косово, што може да го загрози животот на сведоците.

Отров во судницата

Текст во „Вечерњи лист“, за самоубиството на Слободан Праљак

Со последната пресуда што МКТЈ ја изрече во ноември 2017 година, беше потврдена првостепената пресуда на шестмина политички и воени функционери на самопрогласената Херцег-Босна. Тие беа осудени на вкупно 111 години затвор, за злосторства извршени над Бошњаците од 1992 до 1994 година.

Судот утврди дека обвинетите – Јадранко Прлиќ, Бруно Стојиќ, Слободан Праљак, Миливој Петковиќ, Валентин Ќориќ и Берислав Пушиќ – учествувале во заеднички злосторнички потфат, предводен од властите во Загреб, со цел создавање хрватски ентитет во Босна и Херцеговина, со намера тој подоцна да стане дел од „Голема Хрватска“.

Пресудите беа засенети од драмата што се случи во судницата – Праљак испи отров, додека судијата му ја читаше пресудата и по кратко време почина во болница. По неговата смрт, комеморативните настани што се одржаа во спомен на Праљак во Хрватска, повторно предизвикаа загриженост дека воените злосторници се величат како херои.

Самоубиството го претвори Праљак во „народен маченик“ во Хрватска, нагласува Пуховски.

Иако смртта на Праљак се најде на насловните страници на весниците, пресудата на шестмината функционери на Херцег-Босна, беше исклучително значајна, бидејќи со неа беше заклучено дека Хрватска била директно вклучена во војната во БиХ. Престојната пресуда во случајот против Станишиќ и Симатовиќ, може да заклучи дека и Србија имала директна улога во војните во Хрватска и во БиХ.

Ахмиќ, сепак, верува дека националистичките политички елити во Србија и Хрватска, никогаш нема да прифатат пресуди во кои се наведува дека нивните земји биле вклучени во меѓународни конфликти во 90-тите години.

„Поради тоа, не е направен поголем напредок во справувањето со минатото и процесите на помирување“, нагласува тој.

Филип Сварм, главен и одговорен уредник на српскиот неделник „Време“, посочува дека српската јавност денес е малку заинтересирана за ваквите судења и дека пресудата во последниот случај – Станишиќ и Симатовиќ – нема да промени многу.

„Во Србија луѓето зборуваат за сè, освен за 90-тите години “, вели тој. „Мислам дека имаме колективна амнезија. Кога сето ова ќе заврши, амнезијата само ќе се продлабочи“, додава Сварм.

После трибуналот

Хашки трибунал

Архивата документи и докази на Хашкиот трибунал, како и фактите што овој суд ги утврди, оставаат зад себе богат материјал за истражувачите.

Но, дали локалните судови во поранешна Југославија ќе го поддржат неговото наследство на барање правда, не е сосема јасно.

Ива Вукушиќ, историчар на Универзитетот Утрехт во Холандија, вели дека по затворањето на МКТЈ, не е извршен доволен притисок врз БиХ, Хрватска и Србија, тие соодветно да ги гонат сите преостанати неказнети воени злосторства од конфликтот во 90-тите.

Вукушиќ смета дека јавноста треба да изврши притисок врз домашните власти со цел да се задоволи правдата. „Не сакаме да живееме опкружени со воени злосторници“, вели таа.

А прашањето, дали Трибуналот требаше да стори повеќе за да го поттикне повоеното помирување, останува прашање за интензивна дебата – особено што националистичките политички лидери, продолжуваат да форсираат етнички поделбени агенди, низ целиот Балкан.

Сепак, Ахмиќ забележува дека претседателите на Трибуналот секогаш потенцирале дека судот „нема мандат да воспоставува помирување и мир“.

И Невенка Тромп, која беше главен истражител во тимот на обвинителството во текот на процесирањето на Слободан Милошевиќ во Хаг, посочува дека е невообичаено што воопшто се покренати вакви големи правни постапки.

„По конфликтите и војните, вие (инаку) немате можност, Меѓународен кривичен суд да се занимава со овие работи“, додава Тромп.

И покрај недостатоците што може да му се припишат на Трибуналот, Пуховски се согласува дека, доколку гонењето се оставеше на локалните судови во матичните земји на воените злосторници, тие никогаш немаше да бидат изведени пред лицето на правдата.

Без Трибуналот, нагласува тој, „би било невозможно да им се суди за, како што можеби ќе се каже, „сопствените“ воени злосторства, пред судовите во Загреб, Белград и во Сараево“.