Партиите што освоиле мандати во Собранието, годишно делат по 4,5 милиони евра од Буџетот.
Националните паркови од Буџетот добиваат нула денари годишно. Веќе 60 години.
Парковите ги штитат ретките видови, рисовите, мечките, волците, елените, орлите, автохтоните растенија, шумите, реките… без денар од државата.
Кого штитат партиите со оние 4,5 милиони? Мечките сигурно не, или можеби „мечките“ во фотелјите. И инвеститорите на дивоградби и лобистите за хидроцентрали.
И дали е фер тоа? Кај не им даваат пари, владите барем да имаа доблест да се откажат од законската можност да именуваат директори на парковите или членови на управните и надзорните одбори. Се разбира, не се откажуваат, туку мешаат прсти и во вработувањата.
И секоја спогодба, која парковите се обидуваат да ја склучат со некој хотел, ресторан, водич на планинари, организатор на групи за јавање на коњи или на чамци или мотори за да наплатат надомест, оти бизнисот го вршат во зачувана природа, прво мора да ја одобри владата, па потоа може да се склучи.
Значи политиката сака да има контрола на тоа што се прави во заштитените подрачја, ама пари не сака да даде. Кај не сака да даде, уште на година-две им приредува ново изненадување. Груевски ќе градеше големи хидроцентрали, владата на Заев подели концесии за мали хидроцентрали. Има такви што се планираат дури и во заштитените зони на новиот национален парк Шар Планина и во Маврово.
Политиката сака да има контрола на тоа што се прави во заштитените подрачја, ама пари не сака да даде. Кај не сака да даде, уште на година-две им приредува ново изненадување.
Сега дојде и законот за легализација на дивоградбите. Идејата е уникатна. Кај ќе се овозможи озаконување незаконски објекти, па уште и во заштитените подрачја.
Министерот за транспорт Благој Бочварски вели дека Министерството за животна средина ќе давало согласности за легализација на градби во парковите, па така ќе се заштитела работата. Еве веќе гледаме како ќе оди. Дивоградби никнуваат покрај Мавровско Езеро и на други места во паркот и никој не може да ги спречи. Никнуваат и во тазе прогласениот парк на Шара.
Се носат одлуки да се прекине со градењето, но на „инвеститорите“ баш и не им е грижа. Си продолжуваат, бидејќи никој не верува дека на такво место, каде што треба да биде „ерес“ да помислиш да фрлиш хартија, некој ќе донесе механизација и работници и сред бел ден пред очи на сите да си гради, ако не е „некој“. Сиромашен човек не гради викендичка во национален парк за да преживее. Тоа се луѓе со влијание и моќ. Луѓе што ја злоупотребуваат таа моќ бидејќи знаат дека нема да бидат казнети.
Очигледно дека властите си ги гледаат овие заштитени подрачја како ресурсни зони. И за економски и за клиентелистички профит. Иако парковите со сѐ посилната контролирана урбанизација низ државата сѐ повидливо се искачуваат на листата на приоритети, да останат такви какви што биле замислени – енклави на дива природа, во која човекот ќе има што е можно помал удел и ефект.
Да сакаа да им помогнат, имаа многу начини за тоа, па дури и ако не сакаат да им дадат баш пари.
Парковите сами треба да си ги заработат платите за да може да ја извршат должноста што државата им ја определила. Или, ако не се снајдат, нема да има ниту плати, ниту заштита. Така оди принципот на самофинансирање.
Затоа, до скоро сите го правеа она што најдобро го знаеја. Тие се формирани за да се зголеми дрвната маса во испостената земја. И тоа е шумарска работа што добро ја работеле. Шумата е зголемена на територијата на трите паркови, Маврово, Пелистер и Галичица. И поради тоа што имаат многу дрва, сечеле и продавале огревно и техничко дрво и така заработувале. Но, сега парадигмата е сменета. Од контакти со другите колеги во светот и од сопствените искуства се сфаќа дека и сечата е вознемирување на природата, која треба да ја штитат.
Да не бидеме наивни, политиката тешко дека ќе го остави на раат новиот парк, иако би требало. Таму ќе има вработувања и именувања, а знаеме како оди тоа и кој кажува
Некои од нив почнаа трансформација на начинот на кој ќе заработуваат, па увидоа, како и нивните колеги од светот, дека со одржлив туризам подобро ќе оди работата отколку со сеча. И тргнаа по тој пат. А кој ја плаќа трансформацијата? Фонд финансиран од друга земја. Не од сопствената.
Зашто сопствената има пари за партиите, но не и за нив. Има пари и за дресови и монети со рисови, пастрмки и шарпланинци на нив и за горди промоции на „убавините на татковината“, ама нема пари за тие што ги штитат.
Но, добро е што парковите веќе тргнуваат по патот, па стануваат поснаодливи и поуспешни во привлекувањето странски грантови и во наплата на услуги. Галичица веќе 6-7 години не сече дрва. За некоја година, процесот ќе ги повлече и Маврово и Пелистер. Веќе имаат и пресметки, кои покажуваат дека парковите не се само рај за природата, туку и економски потенцијално многу профитабилни места, ако се управуваат соодветно и стручно. Само „Галичица“ во идеални услови може да донесе вредност од над 40 милиони евра годишно.
Државата ќе гледа, и кај не помогнала, уште ќе се прашува каде да ги најде тие количества огревно дрво што претходно ги создавале националните паркови. Бидејќи јавното претпријатие, кое великодушно се финансира од Буџетот, а работи со загуба, не постигнува да снабди ниту половина од она што е потребно.
Вештините што ги имаат вработените во парковите до неодамна биле доминантно шумарски. Таква им била работата. Сега им требаат други, за ако им остане време од бркањето со „инвеститорите“ на дивоградбите и хидроцентралите, да комуницираат и со гостите што доаѓаат токму за богатството на природата. Да им објаснат зошто подрачјата се значајни, кои се богатствата, какво е нивното влијание, зошто треба да ги чуваме. Патем, на гостите да им извадат и некој денар. Тоа се други вештини.
Владата барем може да посвети внимание да им помогне да се преориентираат. Во најмала рака, да им го даде она што сега им фали, еден ценовник според кој ќе ги наплаќаат услугите од тие што заработуваат на нивната територија. Да не мора да се ценкаат со секој одделно како на пазар.
Шара 3 години ќе создава управа и начин на управување, а уште неформиран, паркот има предизвици. Дивоградби, диви сечи, лов, хидроцентрали…
Тоа што Шара стана национален парк, не е мала работа. Огромна е. Прв по 60 години и прв во независна Македонија. Но, политичката одлука во Собранието е само цреша на шлагот. Шлагот, пак, повеќе од 10 години го матеа десетици стручњаци, истражувачи, љубители, професори, активисти… Истражуваа, пишуваа, лобираа, притискаа… Како успеале да ја убедат политичката елита да го направи чекорот, не знам, но е џиновска работа.
Но, и тоа е само почетокот. Шара 3 години ќе создава управа и начин на управување, а уште неформиран, паркот има предизвици. Дивоградби, диви сечи, лов, хидроцентрали… Да не бидеме наивни, политиката тешко дека ќе го остави на раат новиот парк, иако би требало. Таму ќе има вработувања и именувања, а знаеме како оди тоа и кој кажува.
Истовремено е шанса. Да се покаже промена за барем овој парк да почне од друга позиција. Промена во начинот на кој се гледа на него, дека тоа не е само уште една „пилана“ со убав поглед или градежна зона на голема надморска височина. Вклучените во постапките велат дека тоа е можно, но ако се постават вистинските луѓе на вистинските места, а не според заслуги за партиите.
Позитивна работа е што, запознавајќи ги луѓето и од парковите и од оние кои однадвор им помагаат на разни начини, можеме да бидеме задоволни дека има чесни, упорни и способни луѓе, кои ќе се борат за јавниот интерес. Можеби нема да победат, но ќе се борат.