Избор на уставни судии или како да му намигнете на Уставот

Коментар на Васко Маглешов

„Избирате партиски кадар во независното судско тело што треба да гарантира независност на целиот судски систем“, говореше Цветанка Иванова на седницата од 20 април 2010 година, кога се избираше член на Судскиот совет од редот на истакнатите правници.

Иванова тогаш жестоко противејќи се предложениот кандидат да биде член на Судскиот совет, рекла оти не нашла „ништо што го прави истакнат“.

Единаесет години подоцна, Иванова, која е долгогодишен партиски член и во најтесните партиски кругови на СДСМ, и чии роднини имаат бизнис-релации со семејството на премиерот Заев, од оваа позиција самата беше на тапет за истите критики. Овојпат од ВМРО-ДПМНЕ како опозиција, по шпекулациите дека владејачката партија ја токми за уставна судијка, заедно со уште еден таков „пропартиски“ кадар.

Комисијата само што почна, заврши. Тоа што се одвиваше во Собранието, беше едночинка со врева, викање и тропање по масите. Некој со право ќе рече дека ова е редовна придружна манифестација секогаш кога се избираат луѓе на клучни институции. Веројатно само тоа и е некаков декор при ваквите избори.

Идентични коментари имаше и во 2012 година, кога се избираа тројцата уставни судии на кои им истече мандатот. Па така, тогашниот опозиционер Јани Макрадули, на маратонската осумчасовна седница говорел дека предлозите се спорни. Дискусијата се движела од тоа дека ќе биде послушник, до тоа дека имала слаб просек, а оценката по уставно право ѝ била шестка. Се дискутирале и ставовите на тогашната власт дали кандидатката за уставен судија е „добра мајка или домаќинка“.

Пратеникот Ердоган Сарач, пак, спорел дека тогашниот кандидат, а подоцна член и претседател на Уставниот суд, Сали Мурати, учествувал на избори за градоначалник, имал и партиски активности.

Ова правно „корзирање“ доаѓа оттаму што Уставот не ги регулира децидно постапката и условите за избор на уставните судии, па тоа е повод за епизодната „партиско-политичка врева“ во разбирањето на тоа каков правен габарит треба да биде секој иден уставен судија.

А кај нас, законите се направени како упатства за употреба, па ако нешто не е напишано, останува да се толкува според партиската диоптрија, па може да му се „намигне“ на Уставот.

Праксата покажа дека овој широк полигон, никогаш (намерно или не) не беше доволно „стеснет“, за да стане јасно што всушност треба да исполнува еден кандидат за да биде судија-заштитник на Уставот.

Дали тоа се годините поминати со правнички стаж, одредена академска титула од правото, научна или професорска дејност, меѓународно искуство… Можеби затоа, низа одлуки на овој суд беа толкувани повеќе како штета, отколку како уставносудска заштита.

Кај Судскиот совет, кој исто така предлага уставни судии, услов е кандидатот да биде „истакнат правник“, иако и таа флоскула за партиите има неверојатно широк лексички дијапазон, па според партиската логика е „контејнер“ што може да собере сѐ.

Повозрасните паметат дека своевремено Уставен важел за бастион на правото, каде што за влез била потребна импозантна кариера и каде што, каков и да бил законот, избраните судии малку биле оспорувани.

Од таков „ков“, повозрасните ги сметаат универзитетските професори Тодор Џунов и Милан Недков, кои имале впечатливи кариери и силни образложенија на правните мислења.

На пример, во биографијата на Џунов, меѓу другото, пишува дека бил арбитер на надворешно-трговска арбитража и арбитер на Судот за мирење и арбитража на ОБСЕ.

Судејќи според биографиите, овој правнички „багаж“, како што одминуваа годините стана реткост при изборот на уставни судии, а партиите од петни жили се обидуваа да ја уверат јавноста дека предлозите се солидни.

Поради ваквата законска недореченост, која остава простор за арбитрерно толкување, Хелсиншкиот комитет достави иницијатива до Министерството за правда за донесување Закон за постапката и условите за избор на уставните судии.

Со право посочија дека Уставниот суд не само што е заштитник на уставниот поредок, туку е двигател на реформата на правната култура и водич на редовното судство во толкувањето на уставните вредности.

Независноста на уставното судство е правно кредо што мора да го почитуваат партиите кога предлагаат кандидати за уставни судии. За нив не треба да има ни трага од сомнеж, дека некогаш ќе бидат батлери на оние што ги предложиле.