Вести

МВР: Случајот за убиството на Вања е расчистен, убиецот е во бегство

Се истражува улогата на таткото во случајот

Организаторот и извршителот на убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес е во бегство, надвор од државата, беше соопштено на денешната заедничка прес-конференција на Министерството за внатрешни работи и на Основното јавно обвинителство. Според зборовите на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, убиецот прво избегал во Белград, заедно со својот адвокат, а потоа во Бугарија. Потрагата по него е во тек.

„Ќе дадам сè од себе за да се најде овој монструм“, изјави министерот за внатрешни работи.

Иако официјално не беше спомнато името на убиецот, и во прашањата на новинарите, и во известувањата на некои медиуми се наведува дека станува збор за контроверзниот скопски бизнисмен и основач на партијата Десна, Љупчо Палевски – Палчо.

Реконструкција на злосторствата

„Имаме снимка од купувањето на бензинот што бил користен за да се запали возилото“, објасни Спасовски, додавајќи дека МВР има прегледано снимки од 70 видеонадзори. | Фото: МВР

МВР и ОЈО, рано утринава, пред полната сала со новинари го реконструираа злосторството. Случајот го расветлиле со помош на исказите од тројцата соучесници поткрепени со материјални докази.

Главниот мотив, според нив е – користољубие. Велешанецот Панче е убиен поради долг од 500 евра, а девојчето заради обид да се изнудат пари од нејзината мајка.

„Имаме целосно признание од тројцата осомничени и кој за што бил задолжен“, објасни јавниот обвинител Гаврил Бубевски на прес-конференцијата.

Осомничени се вкупно пет лица, од кои за три е веќе определена мерка притвор, првоосомничениот е надвор од државава, а петтото лице, татко на малолетничката, е приведено.

Улогата на таткото во злосторствата сè уште е предмет на истрага. Извесно е дека, според зборовите на соучесниците, тој споделил информации со извршителот за тоа кога неговата ќерка би била сама.

Таа, имено, секој ден одела на училиште со помалата сестра, но поради губење часови, дента Вања тргнала сама на училиште. Грабната е во влезот на самата зграда, каде што живеела. Била ставена во вреќа за спиење со врзани раце и нозе во багажникот на „ситроенот“ на велешанецот, кој бил убиен претходно.

„Имаме снимка од купувањето на бензинот што бил користен за да се запали возилото“, објасни Спасовски, додавајќи дека МВР има прегледано снимки од 70 видеонадзори.

Од надзорните камери, полицијата утврдила и дека пред „ситроенот“, во кој била Вања, постојано се движело друго возило од марката „рено кангу“. Подоцна полицијата открила дека „реното“ е во сопственост на две лица, кои се членови на политичката партијата на Палевски и кое вообичаено тој го користел. И тие двајца вчера биле сослушани.

Направен бил и претрес во просториите на партијата Десна.

Вчера, по признавањето на осомничените, биле најдени телата на двете жртви. Телото на Вања било закопано кај селото Бразда, во близина на Скопје, а телото на Панче во близина на Велес.

Исчезнувањето на Вања Ѓорчевска, според полицијата, прво го пријавила нејзината мајка, бргу по грабнувањето во 8.30 часот, а нешто подоцна, околу 11 часот истото го сторил таткото во полициска станица.

Вања била убиена дента околу 10 часот, соопшти МВР.

Жртвите не се директно поврзани еден со друг, но Панче, кој бил пријавен како исчезнат на 24 ноември, му должел пари на соседот, кој е еден од соучесниците. Токму на денот кога таа била киднапирана, МВР го нашло опожарениот „ситроен“ во селото Бразда, но не се посомневале дека тоа е поврзано со случајот на Вања, бидејќи возилото не било пријавено како исчезнато.

Дезинформации и шпекулации

Уште од исчезнувањето на Вања, во медиумите и на социјалните мрежи имаше шпекулации што, всушност, се случило. Некои дури инсинуираа дека се работи за злосторници од албанска етничка припадност, пишувајќи за сомнежи дека осомничените биле пуштени на Косово.

Поради тоа, МВР брзало да излезе со соопштение уште вчера вечерта бидејќи веќе имало многу дезинформации, кои доведувале до меѓуетничка омраза и нетрпеливост.

„Апелираме да не се шират дезинформации околу етничката и верската припадност на убијците. Сите убијци се од македонска етничка припадност“, објасни министерот.

Обвинителството најави дека ќе бара најстроги казни за злосторниците откога МВР ќе ја затвори истрагата. Воедно беше соопштено дека станува збор за изолиран криминален чин, кој не претставува закана по општата безбедност на граѓаните.