Вести

Избран новиот состав на ДКСК, доминираат ревизори

Од седум члена тројца се ревизори, двајца од ДКСК, една судијка и еден од ревизорско тело

Ревизорите  Татјана Димитровска, Цвета Ристовска и Зоран Богоевски, вработените во антикорупциската комисија Билјана Каракашова Шулев и Бесник Џемаиљи, судијката Софија Спасова Медарска и Сервет Демири  од ревизијата на претпристапната помош за ЕУ се предложени за нови членови на комисијата за борба со корупцијата.

Овие личности  по тридневно јавно интервјуирање ги изгласа комисијата за избор на ДКСК. Ранг листата  со нивните бодувања беше објавена пред полноќ. За да станат членови на ДКСК нив потоа треба да ги изгласаат пратениците на пленарна седница.

Претседател во следните пет години ќе биде  Димитровска. Таа 19 години работи во Државниот завод за ревизија, а од пред две години е помошник на главниот ревизор, меѓу другото, како што рече и за ревизија на политички партии, ДКСК, АВМУ, ДИК и други.

За членови на антикорупциската комисија беа пријавени 41 кандидат. Од нив дел ревизори, вработени во Државната комисија за спречување корупција, во други владини и јавни установи, судии, обвинители…

Јавното интервјуирање траеше три дена. Во четвртокот, петокот и саботата кандидатите ги испрашуваше комисијата за избор, пратениците и претставници на граѓанскиот сектор. Во комисијата членуваа пратениците од СДСМ, од ВМРО-ДПМНЕ, од ДУИ, од Демократско движење, како и Јован Андоновски  како претставник на Народниот правобранител и претставниците на Советот за соработката меѓу невладините организации и Владата Снежана Камиловска Трповска и Никола Додов.

Ова е  втор пат комисијата да се бира на ваков начин, преку јавни интервјуа кои одложено се емитуваат на собранискиот канал.