Регион

На Балканот, треба да се памети, за да се заборави

Заборавањето може да биде подобар начин од политизираното сеќавање

Сеќавањето на жртвите на неправдите е должност на живите, нели? Сеќавањето на мртвите се чини дека е морален императив за нас, кои живееме. Етички доказ дека сме луѓе.

Но, до кој степен сеќавањето може да биде корисно, кога ќе се оддалечи од приватноста на луѓето и кога ќе стане политички проект, кој бара „национални стратегии“, „комеморации“, „ресурси“, „фондови“ и „годишнини“? Каква врска има сеопфатното сеќавање од огромен обем, со безличните и дистописки звучни називи, како што е „комисија за вистината“, со закрепнувањето од трагичното минато?

Дали ни се потребни апсурдни институции како Министерство за сеќавање, за да ги разбереме пресвртите во минатото? Бидејќи таквите орвеловски креации со мандат за „формализирање на сеќавањето“, на крајот стануваат заробени од владината пропаганда. Земете го, на пример, полскиот Институт за национално сеќавање, кој започна како обид на владата да го зачува сеќавањето на минатото, но, денес, според историчарот Том Џунс, тоа  „функционира повеќе како пропагандно тело и ‘Министерство за историска вистина’, кое делува под лажна претпоставка дека постои една објективна вистина за минатото“.

И што значи да се каже „да се прости, но никогаш да не се заборави“?. Како овие вештачки креации, ѝ помагаат на трауматизираната заедница да гледа во подобра иднина?

Таквото сеќавање со политички набој е типично за Балканот и создава погубен контекст за насилството од минатото. Целта е да ја зголеми штетата, што ни ја предизвикале поранешните непријатели, а потоа да се рационализира сопствената улога во тоа минато.

На оваа политичка премиса и се додава сеќавањето на жртвите, поради емоционален ефект, што го храни чувството за пожртвуваноста и огорченоста. Земањето помалку активна улога како влада, во формализирањето на сеќавањето, е клучно за да се обезбеди шанса за мир и помирување. Не е неопходно да се сеќаваме на секој чин на неправда, за да му се даде значење на трагичното минато и да се изгради мирно општество. Всушност, заборавањето е исто толку важно како и сеќавањето.

Во своето познато предавање од 1882 година, насловено како, „Што е нација?“, францускиот историчар, Ернест Ренан, напиша дека „заборавањето … е важен фактор во создавањето на нацијата“.

Што значи тоа? Тоа значи дека многу народи поминале низ трагично и крваво минато. За да прераснат во мирно општество по таквата историја и да живеат во хармонија со своите соседи и поранешни непријатели, потребно е да се заборави. Ова не се однесува на празна или ладна амнезија или на заборавање на фактите за непријатните настани, туку на траумата и болката што ги опкружуваат.

Над 100 години после Ренан, публицистот Тони Џуд, во своето монументално дело „По војната: Историјата на Европа после 1945 година“, напиша дека „без … колективна амнезија, зачудувачката повоена обнова во Европа немаше да биде можна“. Во спротивно, ако дозволиме сеќавањето на немил настан од минатото да расте во нас како рак и да добива митски размери, тоа ќе не направи затвореници.

Особено поразителен е видот на „политичко сеќавање“, кој, со силна страст, се потпира на сеќавањето на минатите злосторства и на понижувањата. Еве еден пример:

„Херојството на Косово … ја храни нашата гордост, не ни дозволува да  заборавиме дека некогаш бевме голема, храбра и горда војска, една од ретките што и кога губеше, остана непоразена. Шест века подоцна, денес, повторно сме во битки, и пред битки“.

Дали се сеќавате на овој говор? Ова беа зборови што поттикнаа една нација во акција, изречени од извесен Слободан Милошевиќ на 28 јуни 1989 година на Газиместан, Косово, на одбележувањето на 600-годишнина од мрачниот полумитски настан наречен Косовска битка.

Неизбежното прашање е: каква корист им донесе ова сеќавање на Србите во 21 век? Може ли да се претпостави дека повеќето Срби денес не чувствуваат гордост или можеби дури и се срамат и сакаат да можат да ги избришат сеќавањата од годините што следеа по тој говор, кој ги повика луѓето никогаш да не заборават?

Исто така, идејата дека треба да се сеќаваме на еден ужасен настан, за истиот да не се повтори во иднина, е во најдобар случај сомнителна. „Масакрот што се памети, може да послужи како пречка, но може да послужи и како модел за следен масакр“, напиша Рут Клугер, која го преживеала холокаустот и чие семејство било погубено од нацистите, кога таа била дете.

Затоа, „да се прости, но никогаш да не се заборави“ не е фер етичка заповед. Колку од оние чии сакани биле убиени можат да ја послушаат? Колкумина од нас успеале да ги достигнат овие свети височини? Простувањето е колосално барање кон луѓето што биле повредени или страдале. Барањето, со текот на времето да заборават, е помал товар, пореално, похумано.

За жал, политизацијата на сеќавањето на Западен Балкан е една од основните причини за постојана национална омраза и гнев.

Политичарите од Белград до Приштина, и од Загреб до Сараево, но и на други места во регионот, беа неуморно ефикасни во одржувањето на отворените раните од минатото во општествата. Тие негуваат форма на корозивно сеќавање кое предизвикува незадоволство не само против поранешниот режим кој сторил неправда, туку и против цела заедница или нова генерација.

Ова ја храни континуираната омраза и гнев. И „гневот може да биде уште позагрижувачки дел од заборавањето, особено гневот комбиниран со тага затоа што … тие повикуваат на акција, тие се пренесуваат низ генерации“, напиша, Луис Хајд, во својот труд „Буквар за заборавањето“. Политичкото сеќавање го храни овој вид бес, дури и кога е тоа нешто повеќе од апокрифна приказна. Тогаш не е чудно што омразата ги надминува генерациите во регионот.

Клучно е, на места како Балканот, да се отфрли поимот сеќавање, како политички проект. Ваквите иницијативи имаат тенденција да бидат придружени со наративот ‘ние против нив’. Кога се провлекува низ политичка призма, официјалното сеќавање помалку се фокусира на оддавањето почит на жртвите, а повеќе на одбележување на битките од минатото и поставувањето на споменици на борци со оружје в рака.

Со политизирањето на масакрите од минатото, на овој начин, не се изразува почит на сеќавањето на жртвите; да се вреднуваат мажи со оружје во јавната арена, значи сеќавање и величење на насилството.

Ова е токму она што следната генерација не треба да го има како „колективно сеќавање“ – сеќавање под владин мандат, кое е штетно и отровно.

Mikra Krasniqi

Микра Красниќи е писател од Вашингтон. Ставовите изразени во овој текст се ставови на авторот и не ги одразуваат нужно ставовите на БИРН