Четиринаесетгодишната ќерка на Викторија Боико престана да бара засолниште при најмал звук само два дена откако премина од Украина во Полска. „Пред тоа беше пекол. Навечер плачеше секој ден; беше постојано исплашена“, вели Боико во разговорот за БИРН што го направивме една недела во средината на март, во Кијовска хала, огромен центар за бегалци во Млини, во близина на полско-украинската граница.
Внатре во распространетата шопинг-аркада, каде што низи од полски кревети ги покрија ѕидовите на поранешните излози на продавниците, ќерката на Боико постојано ја следи мајката со погледот. Резервираната тинејџерка, која со нетрпение чекаше да го прослави крајот на годината со пријателите пред руската инвазија, по нивното пристигнување на 6 март е во состојба на висока напнатост. „Затоа спиеме заедно“, вели Боико, покажувајќи кон нивните два кревета поставени еден до друг.
Триесет и шестгодишната козметичарка и нејзината ќерка избегаа од Запорожје, во југоисточна Украина, на почетокот на март, откако експлозија на бомба ги искрши сите прозорци од нивниот стан. Во време кога тие заминуваа, руски воздушен напад ја запали нуклеарната централа во градот – која е и најголема во Европа, поттикнувајќи стравувања од нуклеарна катастрофа. Украинскиот претседател Володимир Зеленски го нарече нападот „нуклеарен терор“.
Со неговата наредба за инвазија на Украина на 24 февруари, рускиот претседател Владимир Путин ја предизвика најтешката бегалска криза од Втората светска војна. Еден месец по инвазијата, 4 милиони луѓе – од кои половината деца – побараа засолниште во соседните земји, вклучувајќи ги Полска, Словачка, Унгарија, Романија и Молдавија, вели агенцијата за бегалци на ОН УНХЦР.
Сепак, рускиот напад, кој ја претвори Украина во воена зона, не само што ги наруши животите, туку и трауматизираше цела генерација Украинци.
Специјалистичка нега
Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека на најмалку половина милион бегалци во Полска им е потребна поддршка за нарушувања на менталното здравје предизвикани од конфликтот. „Истовремено, 30.000 страдаат од сериозни проблеми со менталното здравје“, соопшти Палома Кач, претставник на СЗО, за време на онлајн-брифингот на 22 март.
Иако ќерката на Викторија Боико сега ги нема лековите што ги земала додека била во Украина за да се справи со реалноста на руската инвазија која ги уништува нервите, таа сè уште не е надвор од опасноста. За време на еднонеделното застанување во Полска, девојчето разговарало со двајца психолози-волонтери, но нејзината мајка сака да обезбеди долготрајна терапија откако ќе стигнат на крајната дестинација во Австрија.
„Се скршивме во Украина“, вели Боико. „Сега таа ми вели дека сѐ е во ред бидејќи сака да бидам опуштена. Знам дека сè уште е исплашена“.
Слично на тоа, децата што престојуваат во Полска, ќе имаат потреба од специјалистичка нега, што ќе покрене прашања за способноста на земјата да се справи со претстојната ментална здравствена криза.
Полска, која пред инвазијата беше дом на 1,5 милион големата украинска дијаспора, прими над 2 милиони бегалци за краток временски период, оставајќи ги јавните служби преоптоварени. Некои дисциплини, како детската психијатрија, уште пред кризата во 2021 беа на работ на издржливост. Податоците покажуваат дека тогаш во Полска имало по еден психијатар на секои 15.000 малолетни лица.
Од 28 март, околу 72 украински државјани – 69 возрасни и тројца малолетни – се хоспитализирани со „ментални нарушувања и нарушувања во однесувањето“, во јавните здравствени установи, соопшти Министерството за здравство во одговорот за Балкан Инсајт.
Невладините организации и волонтерите од Полска и од Украина, работејќи со властите, одиграа клучна улога во одговорот на потребите за ментално здравје на најмладите Украинци.
Националниот здравствен фонд отвори телефонска линија на украински каде што бегалците бесплатно можат да добијат информации за установите што обезбедуваат советување за менталното здравје. Со оглед на тоа што многу бегалци можат да комуницираат само на украински и руски, специјалистите со соодветни јазични вештини беа многу барани.
Јана Џадан, украински психолог која ги советува децата бегалци во Масовскиот невропсихијатриски центар во главниот град Варшава, побегна од централна Украина на почетокот на март. Таа одржува до 25 консултации неделно и вели дека повеќето нејзини пациенти никогаш не побарале третман за менталното здравје пред да пристигнат во Полска.
„Тие обично се нормални деца, кои имаа добар живот, имаа пријатели, семејство и потоа им се случи војна“, вели таа за БИРН.
Дваесет и четиригодишната девојка со светли очи е еден од само двајцата украински волонтери специјалисти за траума во болницата и само делумно ги задоволува потребите на најголемата бегалска популација во Полска. Варшава стана клучна дестинација и се проценува дека најмалку 300.000 бегалци пристигнале во главниот град, зголемувајќи го бројот на жители за 17 отсто.
На работа, Џадан гледа малолетници, меѓу 2 и 16 години, кои се исплашени, престанале да зборуваат или постојано плачат. „Тие сè уште слушаат некои звуци, сè уште не се чувствуваат безбедно дури и овде во Варшава“, вели таа.
Ужасното искуство на конфликтот, објаснува Џадан, нема да влијае врз сите на ист начин. Некои малолетници ќе имаат потреба од психијатриска помош, додека за други е доволна една посета на психолог. Таа верува дека разделбата на семејството е најчестиот и најитен проблем што ги засега децата бегалци.
Сирачиња
Легија деца можеби ќе треба да расте без татковци – на мажите на возраст од 18 до 60 години им е забрането да ја напуштат Украина. „На повеќето од нив им е многу тешко да останат во Полска додека 50 отсто од нивните роднини сѐ уште се во нивната земја“, вели Џадан.
Тоа особено важи за малолетниците што ја напуштиле Украина без своите родители или законски старатели. Над 500 деца без придружба преминале од Украина во Романија меѓу 24 февруари и 17 март, според агенцијата на ОН за правата на децата УНИЦЕФ. Организацијата вели дека вистинската бројка на сите разделени деца, вклучително и тие што побегнале во соседните земји, веројатно е многу поголема.
Меѓу нив е и 15-годишната Марија од јужноукраинскиот пристанишен град Одеса. Плашејќи се за животот на нејзината ќерка, мајката на Марија ја качила во автобус за Романија на 26 февруари, предупредувајќи дека можеби никогаш повеќе нема да се видат.
„В сабота ќе помине еден месец откако ги видов моите родители“, вели тивко самоуверената тинејџерка, која излегла од дома со својот деветгодишен брат, два дена откако експлозиите одекнале низ градот. Двајцата патувале заедно со уште шест деца без придружба. Сите од средината на март живеат во дом за млади, во близина на Честохова, јужна Полска.
Двете недели колку што останаа во Романија, чекајќи го нивниот лет за Полска, беа најтешки. „Плачев ноќе затоа што мислев дека не мора да биде вака. Планирав да завршам училиште, да одам на факултет. Имав седумгодишен план и за неколку дена сѐ се смени. Бев сама со брат ми, без моите родители“, вели Марија.
Технологијата ја направи разделбата малку поподнослива бидејќи таа може редовно да се јавува преку видео со нејзината мајка и пријателите што престојувале во Одеса. Но тоа, од друга страна, ја засили и реалноста на војната. „Кога разговараме, ќе се слушнеа сирени и ќе ми речеа дека мора да одат во засолништето за бомби. Тоа направи да сфатам дека е подобро за мене да бидам тука“, вели таа.
Заглавена во неизвесност меѓу два света – оној од кој мораше да избега и оној што копнее да го напушти – на Марија ѝ недостасува интеракцијата со врсниците. Украинските млади, пред инвазијата, веќе издржаа две години затворања поради пандемијата. За да задржи некаков привид на нормалност, таа се запиша во полско училиште кон крајот на март. Најмалку 75.000 украински деца бегалци, според официјалните податоци, посетуваат локални училишта.
Сепак, со нејзиното семејство оддалечено илјадници километри, Марија признава дека е предизвик да се најде мотивација за учење.
„Мама ми вели да размислувам за училиштето [но] не можам да правам никакви планови во мојата глава“, вели таа. „Го чекам крајот на мај, мислејќи дека ќе се вратам дома на лето“.