Анализи

На повидок в.д. државен обвинител на местото на Јовески

На партиите не им се брза пред избори да назначат нов шеф на ЈО

На 25 септември, тoчно три месеци пред да му заврши мандатот, како што налага Законот за јавно обвинителство, државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, со писмо ја известил владата да ја отпочне постапката за избор на негов наследник.

Една недела подоцна, владата за ова расправала на седница, па на 9 октомври го информирала парламентот дека треба да објави оглас за избор на нов државен обвинител.

Но, наместо огласот да се распише најдоцна два месеца пред истекот на мандатот на Јовески, како што налага Законот, парламентот за предлогот за објавување на огласот расправаше на 27 ноември, односно еден месец пред да му истече мандатот.

Талат Џафери | Фото: БИРН

Од кабинетот на претседателот на парламентот, Талат Џафери, не одговорија на прашањата на БИРН зошто се доцнеше со распишувањето на огласот.

Законот за јавно обвинителство пропишува дека тоа треба да се направи најдоцна два месеца пред истекот на мандатот, како што е праксата досега, или, пак, веднаш по испразнувањето на местото.

А огласот за избор на нов републички обвинител во Службен весник е објавен на 29 ноември.

Оттогаш помина повеќе од половина од рокот од 15 дена, во кој заинтересираните кандидати може да се пријавуваат за најмоќната позиција во обвинителската хиерархија. Крајниот рок, завршува в четврток.

Потоа Советот на јавни обвинители, на барање на владата во нов рок од 15 дена, треба да достави позитивно или негативно мислење за сите пријавени кандидати на огласот што ги исполнуваат условите.

Владата по ова, до парламентот треба да достави предлог за именување државен обвинител, за кој претходно Советот дал позитивно мислење.

Дури потоа во Собранието треба да се одржи расправа и да се гласа. Во 2017 година, од стигнувањето на предлогот до Собранието, до изгласувањето помина еден и пол месец.

Според досегашната динамика, извесно е дека целата процедура за избор на нов републички јавен обвинител е многу тешко да заврши до 25 декември, кога му е последниот функционерски ден на Јовески. Тој ќе треба да замине во пензија.

Во ваков случај, Советот на јавни обвинители од редот на јавните обвинители, во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија ќе треба да назначи вршител на должност, кој нема да биде на функцијата подолго од шест месеци.

Моментално во републичкото обвинителство има деветмина јавни обвинители, кои би можеле привремено да ја извршуваат функцијата, додека да заврши постапката.

Оваа пракса за назначување вршител на должност на чело на Јавното обвинителство не е непозната. Така беше со обвинителите Славчо Станков и Лилјана Спасовска, кои привремено ја извршуваа функцијата.

На претходниот оглас за државен обвинител во 2017 година се пријавија дваесетина кандидати, меѓу кои, судии, адвокати, јавни обвинители и професори по право.

Избор со „политичко намигнување“

Различни идеи за избор и исто решение со години | Фото: БИРН

Кој ќе го предлага шефот на најмоќната позиција во борбата со криминалот отсекогаш бил тема на партиска „трговија“. Моментното решение е дека државниот обвинител треба да биде предложен од владата.

Своевремено, поранешниот премиер Зоран Заев ветуваше дека предлогот за државен обвинител би дошол од редовите на опозицијата, за потоа во предвечерието на претседателските избори во 2019 година да ретерира и да каже дека на „ваква опозиција, …апсолутно ние не прифаќаме да биде предлагач на јавниот обвинител во Република Северна Македонија“.

Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ беше гласна во критиките за државниот јавен обвинител во заминување и бараа опозицијата да предлага шеф на ЈО, но сега е прилично тивка. Глас не ѝ се слушна ниту за доцнењето на огласот, а барањето сега некако и не се спомнува.

Ова „високо столче“ е клучно во борбата со криминалот бидејќи од него може да зависи забрзувањето или забавувањето на истрагите. На пример, во време на мандатот на Марко Зврлевски, опозицијата постојано обвинуваше дека предмети биле ставани во фиока, случаи по допрен глас за висока корупција речиси и да немало, а одредени афери со години не добиваа епилог.

Затоа позицијата на шефот на Обвинителството е решавачка во обвинителската хиерархија. Шефовите на обвинителствата, вклучително и на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, за својата работа одговараат токму пред државниот обвинител.

Владимир Туфегџиќ | Фото: Лична фото-архива

Покрај тоа, државниот обвинител може да го преземе кривичното гонење во кое постапуваат пониските обвинители, или, пак, да овласти други обвинители да водат постапка по одделни предмети. Може да суспендира обвинител и да отвори дисциплинска постапка.

Поранешниот судија и aктуелен адвокат Владимир Туфегџиќ смета дека начинот на избор и широките законски и дискрециски овластувања го дефинираат републичкиот јавен обвинител како политичка фигура на врвот на јавнообвинителската организација.

Tврди дека треба да се смени изборниот модел и јавниот обвинител да се избира во парламентот со двотретинско, а не со просто мнозинство, и тоа на предлог на претседателот на државата, по претходна постапка на непосредни јавни интервјуа со кандидатите и презентација на нивните програми за работа.

Eлена Мујоска Трпевска | Фото: Веб-страница на македонско пенолошко друштво

„Само на овој начин ќе се надмине политичката бариера на форсирање кандидат исклучиво прифатлив по волја на актуелната власт, а, од друга страна, предлагачот, односно претседателот на државата, ќе има одговорност за предложениот кандидат доколку тој не ги оствари очекувањата“.

Професорката Елена Мујоска Трпевска од Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, смета дека сме сведоци на „системски недостаток на намера и волја за зајакнување на независноста и самостојноста на обвинителството во државата“.

Таа вели дека високите очекувања од новиот Закон за јавни обвинители и измените на Законот за Советот на јавни обвинители во 2020 година со кои требаше да се обезбеди основа за професионален и непристрасен обвинителен систем отпорен на политички и на други притисоци, особено во процесот на избор или разрешување, „спласнаа само две години подоцна“ кога за прв пат јавните обвинители на непосреден начин преку гласање бираа нов шеф на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.