Анализи

На улица се пукаат, на Тик-ток се препукуваат

Како се промовираат скопските криминални кланови

Закани, одмазднички пораки и дури конкретни најави за ликвидација, како и постојана промоција на сомнително стекнати богатства, непречено и речиси секојдневно се објавуваат на тикток-профилите со илјадници следбеници, кои посветено ги промовираат водачите на скопското криминално подземје.

Ваквите содржини, со леснотија, може да стигнат до најмладата публика, која е доминантна на Тик-ток.

Со развојот на технологијата и со секојдневното користење на социјалните мрежи, бандите го шират влијанието надвор од нивните традиционални простори и се однесуваат како инфлуенсери

Со сигурност не може да се утврди кој ги управува налозите, меѓутоа речиси секогаш главни актери во споделените видеа и во постовите се ликови од потерниците на македонската полиција или од црните хроники на медиумите.

Онлајн-сцената на мафијашите првпат ѝ го привлече вниманието на јавноста лани, кога од сега непостоечки профил беше најавена ликвидацијата на лидерите на еден од криминалните скопски кланови.

Пред убиството на Орхан Бајрами, еден од водачите на групата Дуќанџик, се појави пост со фотографија од него, Јетон Кривањева и Енес Исени, кои неколку месеци пред тоа беа ликвидирани во Скопската чаршија. Над ликот на Бајрами на  фотографијата пишуваше: „Coming soon (н.з. Наскоро)“. Неколку дена подоцна тој беше убиен во Грција.

Бандите и клановите отсекогаш дејствувале добро скриени од пошироката јавност, меѓутоа со развојот на технологијата и со секојдневното користење на социјалните мрежи, тие го шират влијанието надвор од нивните традиционални простори, со тоа што се однесуваат како инфлуенсери на социјалните мрежи.

Милиони прегледи и илјадници следбеници

Ајети, од лани е в затвор, меѓутоа неговиот лик и понатаму се појавува во вирални видеа

Ајети, од лани е в затвор, меѓутоа неговиот лик и понатаму се појавува во вирални видеа | Фото: Тик-ток монтажа

Скопските криминални групи Беланоца и Еди Америка, која ги обединува припадниците на клановите Грчец и Дуќанџик, го шират теренот за пресметка од улиците на социјалните мрежи.

Водачот на Беланоца, Фатлум Ајети, од лани е в затвор, меѓутоа неговиот лик и понатаму се појавува во вирални видеа. Ако добро се анализираат сите објави со Ајети, станува јасно дека ѕидот зад селфињата што се шеруваат, всушност, е ѕидот на неговата затворска ќелија.

Во април годинава се прошири видео преку кое тој недвосмислено им се заканува на неколку членови на конкурентска група.

Водачот на Беланоца, Фатлум Ајетиод лани е в затвор, меѓутоа неговиот лик и понатаму се појавува во вирални видеа

„Ќе те пратам кај твоите другари. Ќе те смирам, само ти, за разлика од нив, ќе немаш гроб“, вели Ајети, прикажувајќи фотографија од пријатели на соперникот што веќе се убиени.

Ова видео е избришано непосредно пред објавувањето на текстов.

Низ објавите со неговиот лик се реафирмираат пораките што ги испраќале неговите татко и вујко, кои беа убиени во мафијашки пресметки.

„Одмаздата е поблага од торта“, пишува на пост од јули годинава, кој има преку 100.000 прегледи.

Со оваа објава, на која има и слика од торта со натпис „Халкидики“, се одбележа и годишнината од убиството на Орхан Бајрами, ривалот на Ајети и на неговата дружина.

Тикток-профилот на кој се појавуваат овие видеа и постови, поврзани со Ајети, има повеќе од 20.000 следбеници. Тој дури содржи и постови снимени во дворот на затворот, каде што тој, облечен во дизајнерски „хуго“ сандали, ужива во зајдисонцето и пуши наргиле.

Како реакција на објавите на Фатлјум Ајети, на друг тикток-профил, летово се појави видеоклип на еден од неговите лути ривали.

„Намерно седиш во затвор зашто се плашиш дека надвор ќе те снема, но и во затвор не си сосема безбеден“, му порачува припадник на кланот од Грчец, од својот автомобил во возење.

Предводникот на кланот од Грчец, пак, Шеваљ Муареми е можеби најголемата „ѕвезда“ на Тик-ток од редовите на скопското подземје. Видеото, кое е всушност комбинација од негови фотографии, има милион и триста илјади прегледи.

Муареми е баран од полицијата за тешко убиство, но и за нарко-трговија. Според некои медиумски извештаи, тој е моментално во бегство во Дубаи, каде се крие и од органите на прогонот, но и од конкурентската криминална група што уби некои од неговите пријатели и соработници.

Предводникот на кланот од Грчец, пак, Шеваљ Муареми е можеби најголемата „ѕвезда“ на Тик-ток од редовите на скопското подземје

Низ видеото, додека се „вртат“ фотографиите на Муареми, во заднина се слуша новинарски прилог, во кој презентерка на албански информира за криминалните „подвизи“ на бегалецот.

Постои тикток-налог, кој објавува содржини поврзани и со Раде Трајковски-Штекли, врз кого лани, во рок од два месеца, се пукаше во трговскиот центар „Ист гејт“.

Таму, пак, се велича друга криминална активност.

„Кој нема да плати рекет, нека си купи противпожарен апарат“, пишува во постот со фотографија на познатиот Штекли.

Неговата фан-база е нешто помала. Профилот, за кој не се знае кој го води, има 6.800 следбеници.

Бесни автомобили и луксузни летувања

Промоција на бесните автомобили, златните часовници и на луксузните летувања

Промоција на бесните автомобили, златните часовници и на луксузните летувања | Фото: Тик-ток монтажа

Освен за меѓусебни пресметки, овие профили се користат и за промоција на бесните автомобили, златните часовници и на луксузните летувања на кои одат припадниците на скопските криминални групи.

Содржината на профилите е слична, најчести се групните фотографии од ресторани и ноќни клубови.

На едно од ваквите видеа може да се проследи како повеќемина се дружат во ноќен клуб и ги мијат рацете со скапо шампањско.

Освен за меѓусебни пресметки, овие профили се користат и за промоција на бесните автомобили, златните часовници и на луксузните летувања

Криминалците од скопските улици, на Тик-ток често се споредуваат со тајниот агент од филмовите – Џејмс Бонд или со познатиот колумбиски нарко-бос Пабло Ескобар, веројатно со цел да се прикажат дека се непобедливи како првиот и немилосрдни како вториот.

Додека колумбиската власт го гонеше Ескобар како криминалец и терорист, меѓу обичните луѓе уживал популарност бидејќи инвестирал во изградбата на патишта, училишта и станбени објекти во посиромашните населби.

Во тој стил, на социјалните мрежи, лидерите на скопското подземје понекогаш се претставувани како добродетели. Лани во декември се прошири видео во кое е прикажано како, сега веќе убиениот Јетон Кривањева, наводно, подарува стан на млади без родители. Клипот има повеќе од 300 илјади прегледи на Тик-ток.

Има и такви што отворено се идентификуваат со ликовите од филмовите со мафијашка содржина.

Тие ги украсуваат своите постови со слики од актерот Марлон Брандо од филмот „Кум“, во кој тој ја играше улогата на водачот на сицилијанската мафија под името Вито Корлеоне.

Низ нивните тикток-акаунти често ја споделуваат репликата од британската криминална серија „Top Boy“, од сцената во која група лондонски дилери на дрога бараат совет како да се справат со нивните албански ривали.

„Албанците немаат слаба точка“, е одговорот што го добиваат.

Освен моменти од нивните омилени крими-филмови, мафијашите-инфлуенсери користат и музика со сличен тоналитет на агресија.

Дел од младите се идентификуваат со овие самопрогласени улични „херои“ и се восхитуваат на нивниот животен стил

„Изнуда, атентати, секој рекет треба да плати. Со политиката сме во спрега, имаме политичар на врска“, е дел од текстот од песната „Одиш за Канада“ на српскиот музичар Слободан Вељковиќ, која се користи од речиси секој профил.

Преку активноста на социјалните мрежи може да се забележи дека луѓето од подземјето милуваат да се споредуваат со кралот на џунглата, лавот.

Тие што успеале некако да се фотографираат со младо лавче во рацете, гордо ги споделуваат овие слики, додека другите се задоволуваат со тоа што често го објавуваат емотиконот на лав.

„Лавот не се заморува со мислењето на овците“, пишува на пост со фотографија од Шеваљ Муареми.

Влијанието врз младите

Дел од младите се идентификуваат со овие самопрогласени улични „херои“ и се восхитуваат на нивниот животен стил.

На Тик-ток често може да се види фотографија, како онаа што беше објавена неодамна од две момчиња. Тие во едната рака го држат американското знаме, а со другата го покажуваат симболот на кланот Дуќанџик – подигнати два прста.

„Дали сме млади? Млади сме, ама сме јастреби“, на српски вели гласот од аудиото закачено на овој пост.

Овие пубертетлии веројатно и не знаат дека „јастреб“ е израз за членови на организација, кои јавно се залагаат за насилство и за радикално остварување на своите цели.

Нивните врсници што од дома го следат судирот на клановите на социјалните мрежи, често и јавно коментираат. На профилот со постови од бегалецот Муареми, освен што има момчиња што јавно го поддржуваат, има и такви што од него бараат конкретна акција.

„Седејќи во Дубаи не се одмаздуваат другарите“, пишува под еден од постовите со Муареми, фотографиран во Дубаи.

Во 2022 година, БИРН истражуваше за ризиците што Тик-ток ги има врз младите.

Според истражувањето, 69 отсто од родителите со кои e разговарано, изјавиле дека нивните деца отвориле профил пред да наполнат 13 години, што претставува возрасна граница за да може некој да отвори профил на социјалните мрежи.

Доколку им забраниле на децата да ја користат апликацијата, тие едноставно отвориле таен профил.

Предизвикот со кои се соочуваат корисниците на Тик-ток е, всушност, начинот како алгоритмот на оваа социјална мрежа ја пласира содржината на корисниците. Тие лесно може да влезат во ехо-комори со негативна содржина од која е тешко да се избега.