Вести

Над 1.000 прекршители на мерките за еден месец

Бројот на прекршители се доближи до бројот на инфицирани

„За време на полицискиот час, еден од обвинетите пеш, а другите со возила се движеле во Радовиш и околината“, „Обвинетиот, наместо во изолација, отишол во берберски салон“…
Ова се описите за тие што ги прекршиле мерките на Владата за сузбивање со корона вирусот во земјава.

Сумарните податоци покажуваат дека бројот на прекршители за еден месец, односно за периодот од 17 март до 16 април надмина 1.000, поточно 21 обвинителство во земјава издале казнени налози на 1.007 лица, вклучително и на оние за кои е покренато обвинение.

Дневна статистика за број на прекршители на мерките | Фото: БИРН

Тоа значи дека прекршителите на владините мерки им се доближија на бројот на инфицирани со корона вирусот, кој вчера беше 1.207.

Според статистиката, на прво место, односно најмногу казнени налози се изречени за непочитување на мерките за ограничување на движењето, односно за популарно наречениот полициски час, потоа за непочитување на мерките за самоизолација, а за незначителен дел од прекршителите се побарани парични казни бидејќи давале угостителски услуги.

Бројките покажуваат дека една четвртина од казните се побарани за скопјани (261), потоа следуваат казни за прекршителите побарани од обвинителствата во Битола (97), Прилеп (93), Струмица, Гостивар итн…

Споредбената анализа покажа дека по заострувањето на мерките од полицискиот час, во првите 16 дена од април се изречени повеќе казни споредено со месец март. Деновите кога се изречени вкупни трицифрени бројки за казнени налози се 3 април (107) и 10 април (139).

Податоците од Јавното обвинителство покажуваат дека единствено за викендите, овие бројки на прекршители се или на 0, или се мали.

Обвинителствата ги гонат прекршителите врз основа на членот 206 од Кривичниот законик, кој пропишува санкција за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, а санкцијата е парична казна или затвор до една година.

Просекот на паричните казни е меѓу 30 и 100 дневни глоби, а износот, кој се множи со бројот на глобите, е различен (најнискиот е 5 евра, па нагоре). Тоа значи дека просекот на паричните казни што се побарани за прекршителите се движи меѓу 200 евра до 3.000 евра.

Освен паричните, има побарано и затворски казни. Таков е примерот со мајка и ќерка од Струмица што не ги почитувале мерките на самоизолација.

Беровското обвинителство, пак, за двајца прекршители бара условна казна затвор во траење од три месеци, која нема да се изврши ако обвинетите во рок од една година не сторат ново кривично дело.

На први април, кавадаречкото обвинителство пред судот покрена постапка и против двајца малолетници бидејќи го прекршиле полицискиот час.