Анализи

Над 10 илјади луѓе имаат пристап до доверливи информации

Безбедносниот сертификат како дел од политичкиот псевдодијалог

„Како лице со документ за трајна неспособност поседува безбедносен сертификат?“ Неколку дена по ред, од партиската говорница во ВМРО-ДПМНЕ ова го прашува пратеникот Драган Ковачки. Тој алудира на документот што го објави, а со кој тврди дека премиерот Димитар Ковачевски, пред 22 години во воената евиденција е заведен како трајно неспособен за служење војска.

Во жестината на обвинувањата, премиерот Ковачевски му одговори на Ковачки, исто така, споменувајќи безбедносен сертификат. Во овој случај, обвинувањето е спротивно, дека Ковачки дезертирал од Армијата затоа што по влегувањето во НАТО знаел дека нема да го добие тој документ.

Ова е само последен од низата случаи, во кои имањето или немањето безбедносен сертификат станува дел од партиската псевдокомуникација. Одново и одново недобивањето се користи речиси како некаков опис на личноста или доказ за нејзината неспособност или, пак, спротивно, ако некој го поседува се употребува како доказ за нефункционирањето или партизираноста на државата.  

За несоодветното издавање безбедносни сертификати се зборуваше и кога министерот за надворешни работи, Бујар Османи го правдаше  вработувањето на Бесмира Ејупи во Министерството, наведувајќи дека таа веќе имала безбедносен сертификат. Овој документ, кој обезбедува читање класифицирани информации, беше тема за меѓупартиски преписки и кога се објаснуваше отказот на поранешниот технички министер за внатрешни работи, Наќе Чулев.

Лани, ВМРО-ДПМНЕ држеше секојдневни прес-конференции, на кои обвинуваше дека министри биле одбиени за НАТО сертификати, користејќи го тоа како некаков аргумент за нивната неспособност. Две години претходно, во 2019 година, тема беа новинарите и овој вид документи. Тогаш дирекцијата соопшти дека во тој момент нема ниту еден новинар што има пристап до класифицирани информации, но дека во минатото имало.

Менлива бројка

Прашалникот за безбедносен сертификат е на осум страници | Фото: БИРН

Но, колку луѓе навистина имаат безбедносен сертификат во  овој момент?

Бројката постојано се менува, ни велат од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, која е единствена што издава сертификати, а во моментов таа изнесува 10.720 лица.

Сегашната бројка што БИРН ја доби од дирекцијата е поделена во три категории.

Безбедносен сертификат за „државна тајна“ во моментов имаат 1.220 луѓе, до документи означени со „строго доверливо“ може да пристапат 6.500, а оние означени со „доверливо“ може да ги читаат 3.000 луѓе. За пристап до класифицирани информации означени со степенот „интерно“, пак, воопшто не се врши безбедносна проверка и не се издава безбедносен сертификат.

Највисокиот степен на класификација е државна тајна, а од дирекцијата појаснуваат дека во оваа бројка спаѓаат и тие што имаат НАТО сертификати, зашто вообичаено тие што ги добиваат имаат и национална дозвола за пристап до државни тајни.

Што е, пак, државна тајна одлучуваат претседателот на државата, првиот човек на Собранието, премиерот, претседателите на Уставниот и на Врховниот суд, министрите, јавниот обвинител, началникот на генералштабот, директорите на Агенцијата за национална безбедност, на Оперативно-техничката агенција, на Центарот за управување со кризи и на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.

Безбедносните сертификати сега се издаваат според Законот за класифицирани информации, кој е донесен во 2019 година. Дваесет и едно прашање, со потпрашања, има во прашалникот на осум страници, кој треба да се пополни за да се побара безбедносен сертификат. Покрај вообичаените прашања што се одговараат при аплицирање за кој било документ, како на пример име, презиме, матичен број, адреса на живеење и други, во прашалникот за безбедносен сертификат има и специфични.

Па така, тој што бара да има пристап до класифицирани информации, треба да ги напише сите училишта во кои учел во текот на образовниот процес, сите адреси на кои живеел некогаш во животот, сите работни места што ги извршувал. Од приватни прашања, на пример се бараат контакти од пријатели, колеги, партнери, има детални прашања за децата или родителите итн. Дополнително треба да се одговори и дали имате профили на социјалните мрежи и кои се тие.

Пет отсто одбиени

Откако ќе се пополни оваа апликација, дирекцијата проверува дали се точни податоците за идентификација, деловната способност, дали лицето е осудувано и дали знае да работи со класифицирани информации.

Потоа работата ја преземаат од Агенцијата за национална безбедност, која врши проверка за сите што аплицирале, освен за вработените во Министерството за одбрана и во армијата, за кои проверките ги прави самото Министерство.

„Приближно, процентот на одбиени барања за издавање национален безбедносен сертификат изнесува до пет отсто“, велат од дирекцијата.

Од таму одговараат воздржано и со административен речник за причините поради кои се одбиени, па упатуваат на член од Законот за класифицирани информации, во кој се предвидува кој може да има безбедносен сертификат.

Во законот таксативно се наброени условите што треба да се исполнат, како на пример апликантот треба да е македонски државјанин, да нема двојно државјанство ако аплицира за сертификат државна тајна, ако бара сертификат строго доверливо, може да има и двојно, но само од држава членка на НАТО, потоа да има причина зошто бара сертификат, да не постојат безбедносни пречки, да има деловна способност, да не е осудуван, ниту, пак, да има забрана за вршење професија.

Наброени се и неколку други услови, како на пример, за државна тајна да мора да има 21 година, а за другите степени на класифицирана информација доволни се наполнети 18 години.

Пристап до класифицирани информации може да имаат и луѓе вработени во приватниот сектор, ако тоа е неопходно за нивната работа, а сите пред да го добијат сертификатот, мора да поминат обука, која ја спроведува Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации преку електронски систем. Во некои случаи, од дирекцијата одат и во институции, како на пример во Царина и таму им вршат обуки на вработените што треба да добијат сертификат. Потврдата за помината обука е еден од документите што треба да се поднесат при аплицирањето за безбедносен сертификат.