Вести

Награди на ЕУ: Избрани најдобрите истражувачки стории

„Нечиста крв“ на ИРЛ првонаградена, второпласирана – сторијата за Онишченко на Призма

Документарецот „Нечиста крв“ на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) ја доби првата награда на Европската Унија (ЕУ) за истражувачко новинарство. Второпласирана беше сторијата на Призма што го разоткри скандалот со Олександр Онишченко насловена како „Избеган украински политичар под санкции на САД, добил македонско државјанство“, на новинарката Фросина Димеска.

Признанието за третото место го доби серијалот видеостории на „Код“ емитувани на ТВ Телма – „Државата не наплати пари од пресудено дело – Неуспешна конфискација на Трансмет“, дело на новинарите Миомир Серафиновиќ и Снежана Лупевска Созен.

Наградите, вчера, во Скопје ги додели амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Дејвид Гир. Во конкуренција беа повеќе новинарски стории изработени минатата година.

Документарецот „Нечиста крв“ се занимава со работата на приватната клиника „Жан Митрев“, за време на пандемијата од корона. Според тричленото жири, авторите Сашка Цветковска, Елена Митревска Цуцковска, Маја Јовановска и Трифун Ситниковски од ИРЛ направиле долга и опсежна истрага.

Фросина Димеска, наградената новинарка на Призма | Фото: БИРН

„Жирито едногласно одлучи да ја награди приказната за злоупотреба на третман на пациенти со ковид 19 и профитерство во услови на пандемија, сметајќи дека таа содржи голема релевантност, трудољубивост, длабински и иновативен пристап“, се вели во образложението на жирото.

„Оваа награда е значајна зашто доаѓа во време на сериозни притисоци врз новинарите“, изјави вчера новинарката на ИРЛ, Маја Јовановска, по доделувањето на признанието.

Жирито го препознало ефектот на второнаградената сторија, со тоа што владата го повлече македонското државјанство на контроверзниот украински бизнисмен Онишченко.

Владата му го одзеде пасошот, меѓутоа до овој момент не се утврди кој е одговорен зошто Украинецот доби македонска патна исправа во време кога е на црната листа на Соединетите Американски Држави и кога Украина го бара со потерница.

„Наградата е мотив за мене и за редакцијата на Призма за идни истражувања“, изјави авторката Фросина Димеска.

За третонаградената сторија, жирито заклучило дека новинарите на „Код“ спровеле сериозно истражување, со кое покажале дека државата не успеала да спроведе конфискација, и покрај завршен судскиот процес за компанијата „Трансмет“ и за нејзиниот сопственик Сеад Кочан.

Амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир ја искористи пригодата да потенцира дека новинарите во државава функционираат во атмосфера на сериозна поларизација, несоодветни работни услови, физичко и вербално насилство и на непочитување на новинарските права.

„Работата на новинарите на кои им оддаваме признание вечерва открија приказни што во друг случај би останале нераскажани. Ја признаваме нивната потрага по вистината и храброст, бидејќи не можеме да заборавиме дека нивната работа не е секогаш лесна“, изјави Гир.

Претседател на жирото е Константин Тесторидес, новинарот со повеќедецениско искуство и дописник од Скопје за меѓународната новинска агенција Асошиејтед прес, а, покрај него, за наградите одлучуваа и раководителот на македонската програма во Дојче веле (DW), Борис Георгиевски и новинарот од Србија, Филип Рудиќ, кој работи за телевизијата N1.

Во организација на Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ), Томсон медија и на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, ова е петта година по ред како се доделува наградата за најдобра истражувачка сторија.