Пред две лета, Српската православна црква (СПЦ) го призна постоењето на МПЦ и со томос ја изедначи на себе, ставајќи крај на повеќедеценискиот спор.
Владееше уверување дека Вселенската патријаршија, со симнувањето на шизмата (отпадништво од црковната заедница) и српската црква со томосот, го расчистиле патот, православниот свет целосно да ги прифати Македонската православна црква и нејзините следбеници.
Оттаму изненадување е благ збор за да се опише аберот што стигна од Вселенската патријаршија оваа пролет. Нејзиниот митрополит господин Кирил, близок соработник на првиот меѓу еднаквите, екуменскиот патријарх Вартоломеј Први, преку ТВ-интервју порача дека српскиот томос, всушност, и не бил баш тоа.
Владиката Јован има уникатно искуство, одблиску ги познава приликите и во Цариград, но и дома. Две децении сослужувал и комуницирал со великодостоинствениците од православниот свет, на кои денес им „тежи“ зборот. Од друга страна, пак, бил и сега повторно е дел од највисоките структури на Македонската православна црква
Тој го нарече српскиот потег престап, алудирајќи дека томос може да даде единствено Вселенската патријаршија.
Поглаварот на МПЦ, господин господин Стефан, еден месец подоцна индиректно ги призна несогласувањата меѓу Скопје и Константинопол, како што клирот архаично ја нарекува Вселенската патријаршија, со седиште во денешен Истанбул.
За македонскиот архиепископ, неприфатливи се три услови на Вселенската патријаршија. Таа, според поглаварот, бара откажување од името Македонска православна црква, отстапување на македонската дијаспора и признавање на украинската црква.
За дилемата околу томосот и за условите што доаѓаат од седиштето на Вселенската патријаршија, градот некогаш прославен како Цариград, зборувавме со митрополитот крушевско-демирхисарски, Јован, во јавноста познат и по световното име Вранишковски.
Владиката Јован има уникатно искуство, одблиску ги познава приликите и во Цариград, но и дома.
Две децении сослужувал и комуницирал со великодостоинствениците од православниот свет, на кои денес им „тежи“ зборот. Впрочем, тоа го сведочи и заедничка фотографија на владиката и Вартоломеј. Од друга страна, пак, бил и сега повторно е дел од највисоките структури на Македонската православна црква.
Забавено време
Со епископот разговаравме во манастирот „Св. Јован Златоуст“, во подножјето од Баба Планина, под врвот Пелистер, каде што во еден од најжешките јунски денови сè уште имаше видливи делови под снег.
Манастирот со години беше седиштето на долгооспоруваната Православна охридска архиепископија (ПОА), која пред 20 години се отцепи од МПЦ со силен тресок од реакции на верниците и на граѓаните.
Оној што првпат доаѓа во манастирскиот комплекс, не може, а да не ги забележи конаците со различни интензивни бои. Со сина боја од истата палета се бојадисани и вратите, а шаренилото преовладува и на таванот во просторијата исполнета со планинска свежина, каде што нè прими владиката.
Ја прифаќа болеста како нешто што му се нашло на животниот пат. „Во животот имав можност да претрчам одредени работи, порано да ги доживеам. Некои работи сум ги завршил однапред и сега, и да заостанам малку, не е толку страшно.“
„Треба да дојдете наесен, да видите како манастиров се вклопува во пејзажот – секое ливче од дрвјата има различна боја“, објаснува владиката, борејќи се со зборовите и тешко гестикулирајќи.
Тој веќе неколку години е болен, се движи полека и само со помагало.
„Забавено ми е времето“, вели тој, не за да се пожали, туку да објасни како функционира.
Ја прифаќа болеста како нешто што му се нашло на животниот пат.
„Во животот имав можност да претрчам одредени работи, порано да ги доживеам. Некои работи сум ги завршил однапред и сега, и да заостанам малку, не е толку страшно.“
Објаснувајќи како се справува со здравствените предизвици, се наврати на минатото, на последното рочиште како поглавар на ПОА, кога беше обвинет за перење пари и подоцна осуден.
„И сто години да ме осудите, ништо нема да загубам, зашто немам нешто незавршено во животот“, му порачал на судијата.
Неговото враќање во МПЦ следуваше по српскиот томос. Оттогаш помина година во соработката со поглаварот и со колегите од синодот, која тој ја оценува како коректна, иако чувствува воздржаност од сите страни.
„Ја испитуваме ситуацијата“, додава тој.
„И има, и нема томос“
Дилемата дали има или нема томос не е едноставна, уверува владиката.
Вели не грешат ниту оние што сметаат дека МПЦ доби томос од српската црква, ниту, пак, оние што тврдат дека актот на признавање, сепак, треба да „дојава“ од Цариград.
Митрополитот ја сместува конфузијава во контекст на тоа дека, според него, православната конфесија во светски рамки е на крстосница.
„Ние сме на некое прекршување“, вели тој.
Сложенава и замрсена ситуација се должи на тоа што православниот свет практично веќе не е еден, туку имаме два паралелни центри, цариградски и московски, кои се конфронтираат по повеќе точки.
Прашањето на доделување томос е една од причините за раздор.
Не грешат ниту оние што сметаат дека МПЦ доби томос од српската црква, ниту, пак, оние што тврдат дека актот на признавање, сепак, треба да „дојава“ од Цариград
Православните цркви подолго време не успеваат да се договорат кој сега го издава томосот, дали мајката-црква, како во нашиот случај СПЦ, или Константинопол, како што било со векови.
Впрочем, пропаднал обидот да се прецизираат правилата.
Нашиот соговорник се навраќа на 2009 година, од кога датираат недоразбирањата. На собир во Швајцарија, помесните цркви не успеале да изберат една од двете понудени патеки до автокефалија.
Првиот предлог бил Вселенската патријаршија да е главен потписник и без неа да не може да се даде томос, а другите цркви да се само сопотписници, додека вториот предлог томосот да се доделува со консензус на сите цркви.
Но, немало договор и затоа не постои обврзувачко решение.
Овој глобален судир директно се прекршува во микрокосмосот на МПЦ. Во информираните кругови за црковните прашања, подолго време се зборува за поделба на владиците меѓу поддржувачи на Цариград и на Москва, дури се споменуваат и конкретни имиња.
Таа поделба повремено излегува и на виделина, кога владици што се против барањата на Патријаршијата ги нарекуваат неистомислениците „фанаридиоти“, а други јавно го „коригираат“ архиепископот Стефан, велејќи дека погрешно ги претставува барањата на Цариград.
На прашањето дали МПЦ-ОА може да се доведе во ситуација да избира кој од двата православни центри да се приклучи, и практично да влезе во пазарење кој ќе ѝ понуди подобри услови, владиката Јован вели дека тоа би било најнеодржливото решение.
„Најтешко ми паѓа што се бара да се фати страна. Или ќе бидеш на оваа, или ќе бидеш на онаа страна, тоа е најлошото за православието. Треба да се мисли на решение за следните 100 години. Тоа е само еден миг за црквата“, вели владиката.
„Охридска архиепископија е прифатливо име“
„Дијаспората е решен проблем. Не знам зошто го спомнуваат“, дециден е владиката.
Наспроти толкувањата, стравувањата и шпекулациите дека „Цариград ќе ни ги земе црквите во дијаспората“, реалноста е поинаква според она што ни го кажа митрополитот крушевско-демирхисарски.
За ова прашање е најден компромис. На сите цркви им се остава тие да ја раководат дијаспората, новина е што се создава координативен совет што ги вклучува црквите на конкретната територија.
Вселенската патријаршија е гркофонска црква, оттаму за неа и за елинскиот свет што вклучува уште неколку помесни и влијателни цркви, терминот „Македонија“ е срцепарателен
„И таму прв во тој совет е секогаш епископот од Вселенската патријаршија.“
Другиот компромис се води според вековниот принцип „еден град – еден владика“. Затоа владиките на различни цркви во ист град во дијаспората не смеат да носат иста титула.
„Српската црква го смени името на нивниот епископ во Германија, сега епископот се нарекува дизелдорфски, а тој од Вселенската патријаршија го носи името епископ на Германија.“
Што се однесува до вториот услов од Цариград, оној за името, владиката Јован смета дека Охридска архиепископија е сосема прифатлив назив зашто со себе носи историја долга илјада години.
Вселенската патријаршија е гркофонска црква, оттаму за неа и за елинскиот свет што вклучува уште неколку помесни и влијателни цркви, терминот „Македонија“ е срцепарателен, објаснува тој.
Митрополитот, како и одредени аналитичари, смета дека МПЦ може да испреговара подобар договор со Вселенска патријаршија од оној на државата во Преспа. Да добие некој вид двојна формула – дома во црковниот устав и во правниот промет да не се менува ништо, да стои името МПЦ-ОА, а за останатиот православен свет, македонската црква да е Охридска архиепископија.
„Сепак, тоа ќе зависи од вештината на преговарање“
Најголемиот проблем
Најголем проблем е признавањето на Украинската православна црква, смета владиката Јован.
Во православниот свет, прв противник на оваа црква е Московската патријаршија.
Меѓутоа, наспроти општото убедување дека проблемот со украинската црква има само геополитичка природа, малата МПЦ да не ѝ „брца в око“ на црковната велесила од Москва, нашиот соговорник нуди аргументација од доменот на религиската догма.
Украинската црква е неприфатлива, според неговото толкување, зашто една од трите групи што ја сочинуваат, го нема она што во црквата се нарекува апостолско премство.
Апостолското премство е непрекинатиот ланец на пренесување власт во црквата, кој почнува уште од првиот век, кога, според верувањето, апостолите што го следеле Исус Христос и потоа го ширеле неговото учење, ја предале својата улога на други свештеници, па тие на други, и од нив таа пракса продолжува до ден-денешен.
Наспроти општото убедување дека проблемот со украинската црква има само геополитичка природа, малата МПЦ да не ѝ „брца в око“ на црковната велесила од Москва, нашиот соговорник нуди аргументација од доменот на религиската догма
На тој начин, Православната црква, како и Католичката, се повикува на директна непрекината линија на апостолско премство од две илјади години.
„На пример, за да стане некој ѓакон, мора јас да направам ракополагање, односно ѓаконот да го добие апостолското премство од некој што веќе го има. Таа група во украинската црква не добила апостолско премство.“
Оттаму, вели владиката, не можат да се влечат паралели меѓу македонската и украинската црква, зашто МПЦ, сепак, го имала вековниот континуитет.
„Нам никој не ни го спори апостолското премство, зашто српскиот патријарх го предал уште во 1958 година. Не е истиот случајот во Украина.“
На прашањето, зошто, и покрај догматските недоследности, Цариград ја признала украинската црква, митрополитот Јован ги крева рамениците.
„Јас имав можност да разговарам со најголемиот теолог таму, кој ми беше и професор, сега е починат, Јован Зизјулас. Во еден долг дијалог ми одговараше на сите други прашања, но за ова прашање (н.з. признавањето на украинската црква) немаше одговор.“
„Само велеше – Цариград може да го направи тоа.“
Овој одговор, вели владиката, е неприфатлив за многумина во црквите.
„Руската црква, меѓу другото, се држи и за ова и вели чекај, ако ова вие го признаете – не сте православни“, вели владиката.
Разговорот го привршивме со порака за трпение од митрополитот Јован.
Тој ја разбира потребата да се затвори проблемот, конечно МПЦ да биде призната од сите и прифатена во православниот свет, меѓутоа, бара и разбирање дека овдешните проблеми, сепак, се рефлексија на нерешените односи генерално во православието.