Регион

Најстарата професија на Балканот ни на небо ни на земја

Во сите балкански земји, законот е на страната на клиентите наместо на работниците

Жени и мажи нудат сексуални услуги на улица, на интернет, во студија и во апартмани. Сексуалната работа често се нарекува „најстарата професија во светот“. Некои ја избрале бидејќи им се допаѓа, други бидејќи биле присилени да ја работат.

На Балканот, законската рамка за сексуалната работа се разликува од земја во земја. Сепак, во сите нив, законот е на страната на клиентите наместо на работниците.

Во Турција и во Грција, сексуалната работа е легална, но под строги услови. Експертите, во двете држави, велат дека законската рамка треба да се смени за да им се обезбеди поголема заштита на сексуалните работници.

Во Бугарија и во Црна Гора, сексуалната работа е на маргините на законот. Генерално се смета за нелегална, но во пракса сексуалните работници не се гонат.

На другите места, во Босна и Херцеговина, Албанија, Србија и во Косово, оваа работа останува незаконска и нема иницијативи да се декриминализира.

Турција: дозволена, но под строги услови

Сексуалната работа во Турција е дозволена, но сите жени што се вклучени во неа мора да работат во регистрирани бордели и редовно да одат на здравствени прегледи.

Но, луѓето што ја охрабруваат и ја олеснуваат сексуалната работа може да добијат казни затвор до четири години. Дополнително, нелегалната проституција може да резултира со затворска казна од една година, како и со административна казна.

Во извештај објавен од Анкарската трговска комора (АТО) во 2004 година се вели дека во земјата можеби има околу 100.000 сексуални работници, но само околу 3.000 работат во 56-те официјално регистрирани бордели во различни градови.

Еврим Демирташ, адвокат што работи со сексуални работници и со ЛГБТ заедницата, за БИРН вели дека турските закони треба да бидат појасни.

„Законот мора да биде сеопфатен и јасно да ја дефинира сексуалната работа, бидејќи многумина ја гледаат оваа професија како криминал или како нешто лошо“, објаснува Демирташ.

Откога дојде на власт Реџеп Таип Ердоган, многу бордели во Турција се затворија.

Истражување спроведено од проектот Црвен чадор, глобален фонд за заштита на правата на сексуалните работници, открива дека само три проценти од нив наоѓаат клиенти преку регистрираните бордели.

Наместо тоа, многумина работат на интернет, на улица или во салони за „масажа“, а тоа наводно станало уште позачестено за време на пандемијата со корона.

Демирташ вели дека насилството против сексуалните работници е уште еден голем проблем. Најслаби во секторот се сексуалните работници од ЛГБТ заедницата, бидејќи тие најмногу се соочуваат со дискриминација.

Грција: легална, но ранлива заедница

И таму каде што сексуалната работа е дозволена, има многу недоречености | Фото: Pixabay

Слично како Турција, и Грција ја дозволува сексуалната работа, но не на улиците или во хотелите, ниту преку интернет, туку само преку борделите што треба да исполнат одредени услови.

Тие мора да бидат најмалку 200 метри оддалечени од цркви, училишта, спортски центри или од верски институции. Сексуалните работнички, исто така, мора да бидат немажени или вдовици, никако во брак.

Вангелис Малиос, професор по право, кој учествувал во работна група формирана во 2020 година за промена на сегашната законска рамка (што не успеало), вели дека околу 99 проценти од борделите што сега работат се нелегални.

Постојниот закон ги турка повеќето сексуални работници во илегала, „што води кон болести на зависност и кон опасни ситуации“, вели за БИРН Ангелики Сугле, адвокатка од организацијата Црвен чадор Атина

Рафаела, 60-годишна транс жена што работела во сексуалната индустрија 42 години, за БИРН вели дека нема избор, освен да го работи ова и дека во нормални услови ќе можела да се пензионира.

Сепак, многу сексуални работници не можат легално да ги пријават своите приходи. Не можат да докажат од каде ги заработиле парите, па поради тоа немаат пристап до државните здравствени и пензиски системи.

„Неприфатливо е што не можеме да работиме легално и што не можеме да имаме осигурување и пензија, а единствената причина за тоа е што сме во брак. Ова е основно право, кое нас ни е одземено од неприфатливи причини“, вели Џорџ, 35-годишен, кој заедно со својата сопруга нуди сексуални услуги на други двојки и на мажи.

„Едноставно, потребни се промени на законот. Има предлози, но, за жал, никој не сака да го поднесе политичкиот трошок за да ги прифати“, вели професорот Малиос.

Северна Македонија: нелегалноста охрабрува насилство

„Запознавате нови луѓе, се спријателувате со некои клиенти. Не е сѐ во сексот“, вели една сексуална работничка од Северна Македонија за БИРН.

Ќе ја наречеме Миа, што не е нејзиното вистинско име. Има триесетина години и вели дека почнала со сексуална работа доброволно уште додека била тинејџерка. Првичната мотивација ѝ биле парите, но подоцна сфатила дека сака да го работи тоа. Самовработена е и работи од дома.

Но, сексуалната работа во Северна Македонија е нелегална и се третира како нарушување на јавниот ред и мир. Прекршителите може да добијат казни од 600 до 800 евра. Други активности поврзани со сексуалната работа се третираат како кривични дела.

Експертите велат дека сегашното законодавство и политика, како и немањето јасна разлика меѓу трговијата со луѓе и сексуалната работа создаваат стигма, дискриминација и насилство.

Миа, за БИРН, вели дека полицајци се обидувале да ѝ ги земат парите откако им ги пружила нејзините услуги.

Малку се сексуалните работници што се осмелуваат да се пожалат. Во моментов, единствената законска заштита што им стои на располагање е Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, како и програмите за заштита на населението од ХИВ.

Првиот колектив на сексуални работници на Балканот, Асоцијацијата за поддршка на маргинализираните работници Стар-Стар Скопје, основана во 2010 година, во 2021 објави дека имало 13 случаи на прекршување на човековите права против сексуалните работници во земјата таа година. „Неказнивоста го охрабрува говорот на омраза, а често и насилството“, велат од Стар-Стар.

Освен Стар-Стар, и невладината организација Опции за здрав живот – ХОПС, работи на промоција, почитување и заштита на човековите права и слободи за сексуалните работници и ја поддржува декриминализацијата на сексуалната работа во Северна Македонија.

„Тоа би ги заштитило сексуалните работници од насилство и од експлоатација и би ги подобрило нивната безбедност, здравје, добросостојба и економска независност“, велат од ХОПС за БИРН.

Црна Гора: индустријата расте, но легализацијата не е на повидок

Сексуалната работа и натаму е нелегална во Црна Гора, а нема ниту јавни иницијативи за да се легализира.

Законот предвидува парични казни или едногодишни затворски казни за макроата што ја рекламираат проституцијата.

Организациите за заштита на човековите права со години велат дека проституцијата станала голем бизнис, особено на црногорскиот брег, уште повеќе во новите луксузни туристички комплекси, каде што клиенти често се богати странци. Бројот на жени што се впуштаат во сексуална работа, во Црна Гора нагло се зголеми, велат од една невладина организација.

Сексуалната работа, во повеќето балкански земји останува нелегална и подлежи на кривична одговорност, со што на многу сексуални работници им се ограничува пристапот до здравствено и социјално осигурување и тие стануваат ранливи на експлоатација

„Има многу жени што ќе дојдат да работат како келнерки или собарки во Црна Гора, но тие потоа се злоупотребувани и присилени да даваат сексуални услуги. Но, ниедна од проститутките со кои што сме зборувале не ни рекла дека била принудена на сексуална работа“, велат за БИРН од невладината Женска сигурна куќа во Црна Гора.

М.Н. Бугарија: нелегален занает, но ретко се гони

Сексуалната работа е нелегална во Бугарија и често се поврзува со трговијата со луѓе. Сепак, властите ретко ловат сексуални работници или клиенти.

Според бугарскиот Устав, секој има право на каква било работа. Сепак, со закон од 1968 година е пропишано дека луѓето што работат и примаат пари на неморални начини, ќе бидат казнети. Законот првенствено ги опфаќа сексуалните работници и питачите.

На 4 мај, главниот обвинител Иван Гешев го оспори законот пред Врховниот суд на Бугарија и рече дека е време тој да се смени.

Анализа спроведена од Дигинита, фондација специјализирана за спречување на трговијата со луѓе, соопшти дека во земјата има високо ниво на маргинализација на жените што работат во сексуалната индустрија.

Босна: сѐ уште е нелегално и нема придвижување кон реформи

Законите ги штитат клиентите, а не работниците | Фото: Pixabay

Сексуалната работа е нелегална во Босна.

Законот за јавен ред и мир вели дека е нелегално да се плаќа или да се примаат пари за секс. Имало иницијативи да се заштитат сексуалните работници и да се казнуваат само тие што плаќаат за секс. Но, досега ништо не е направено за да се декриминализира професијата.

Предвидените санкции за оние што ги принудуваат другите да се впуштат во проституција или што изнајмуваат, односно обезбедуваат локации за проституција се движат од 500 до 1.500 конвертибилни марки (256,46 до 769,37 евра).

Со 200 до 600 марки (102,58 до 307,75 евра) се казнуваат луѓето што нудат сексуални услуги или што ги користат.

Во декември 2019 година, Прајм комуникации, агенција за односи со јавноста и за маркетинг, направи истражување во врска со легализацијата на сексуалната работа во Босна и Херцеговина. Од 1.500 граѓани, 60,2 отсто биле против, а 17,2 главно не се согласувале со тоа. Приближно секој десетти се двоумел (11,9 отсто), а само 7,9 целосно ја поддржувале легализацијата.

М.Н. Албанија: општеството не е подготвено за декриминализација

Сексуалната работа во Албанија е кривично дело што се санкционира со затворски казни до три години и за сексуалните работници и за клиентите.

Експертите велат дека законот им оди во прилог на макроата и на трговците со луѓе наместо на сексуалните работници.

Имало неколку обиди да се декриминализира сексуалната работа во Албанија, но јавното мислење не поддржувало такви промени, велат експертите.

Полицијата често врши рации во салони за масажа и ги апси и клиентите и сексуалните работнички.

Во 2016 година, една сексуална работничка беше осудена од Вишиот суд, но двајцата приведени клиенти во истиот случај, општински службеник и бизнисмен, поминале без обвиненија.

Србија: законот ги штити машките клиенти наместо сексуалните работнички

Во Србија, сексуалната работа е нелегална за клиентите, работниците и за тие што обезбедуваат простор за сексуална работа. Казните се движат од 30 до 60 дена затвор или парично од 50.000 динари (400 евра) до 150.000 (1.250 евра).

Експертите велат дека српскиот закон ги казнува сексуалните работнички повеќе отколку клиентите. Извештај од Независниот женски центар (АЗЦ), невладина организација со седиште во Белград, покажува дека, според податоците од судските пресуди, во 2016, за проституција биле осудени 79 жени што нуделе услуги, а само 17 мажи клиенти.

Косово: криминализацијата ја охрабрува трговијата со луѓе

Косовскиот кривичен закон вели дека поттикнувањето или принудувањето на проституција, како и обезбедувањето простор за проституција е кривично дело за кое може да се добијат и до 20 години затвор.

Операцијата „Масажа“ од 2016 година останува еден од најпознатите косовски полициски случаи. Таа година, полицијата уапси повеќемина сопственици на „студија“ за масажа, кои прикриено воделе бизнис со сексуални услуги.

Во 2019 година, БИРН објави дека бизнисот со масажи зад кои се крие сексуална работа и натаму постои. Полицијата, исто така, соопшти дека многу центри за масажа се вклучени во трговија со луѓе. Извештај од Амнести интернешнел вели дека Косово во 2021 година било една од топ дестинациите за трговија со луѓе.