Цели десет години, професорот Драги Митревски со својот тим ја истражуваше скопската тврдина Кале. Од 2007 до 2016 преораа 18 илјади квадратни метри меѓу ѕидините и открија над 13.000 предмети, од новото камено време, сѐ до доцниот отомански период.
Од 2017 година, откога ги завршил своите обврски, Митревски ниту еднаш не го посетил скопското Кале.
„Немам желудник да го гледам тоа место какво е. Таму се вложија десет години од животите на многу луѓе, а е оставено да стои како недовршен проект“, вели тој за БИРН.
Археолошките тимови, како што вели професорот, си ја завршија работата секаде, освен во делот со недоградената и полуразурната црква-музеј. Според него, работата била толку темелна и сеопфатна што може да се спореди со истражувањата на Калемегдан во Белград или на Акропол во Атина, според значењето што тие го имале за своите градови и држави.
Сепак, она што требало да следува по крајот на археолошките работи – уредувањето на просторот заради историска презентација, изостана. Се чека елаборат за ревалоризација, урбанистички план, идејни проекти и други формалности што одземаат време. Во меѓувреме, Калето останува да сведочи само за насилниот меѓуетнички инцидент од 2011 година предизвикан од градењето на музејскиот објект во облик на црква, наместо за милениумската историја.
Сѐ е во распаѓање, освен новоизградениот ѕид
Додека археолозите, истражувачите и работниците трошеа години од своето време на Калето, државата трошеше милиони од народните пари. Овој недовршен проект досега одзел околу 4,6 милиони евра од државниот буџет.
Толку чинат 37-те договори поврзани со истражувањата и уредувањето на Калето во периодот од 2008 до 2014 година, за кои има достапни податоци на Електронскиот систем за јавни набавки. Можно е оваа сума да е и поголема, бидејќи некои договори се дополнувања на претходно склучен основен договор. Со оглед дека работите на Калето почнаа од 2007, за тој период нема објавени податоци за набавките.
И покрај овие потрошени суми, посетителите што ќе решат да поминат еден ден на ридот над центарот во Скопје ќе наидат на тврдина што е негостопримлива на многу начини – без уредени патеки, со големи непристапни делови, без насоки за движење и без какви било туристички ознаки.
Ќе мораат да влезат од службениот влез, бидејќи главната порта, симболот на речиси секоја тврдина во светот, е затворена со решетки, на кои се потпрени неколку големи карпи. Дрвениот мост е опасен за движење.
Иако објектот е оставен недовршен, просторот е релативно чист и не е обраснат со треви, освен на неколку помали места. Во разни ќошиња од кулите или покрај ѕидовите, сепак, може да се најдат „артефакти“, како лименки, пластични шишиња или испразнети пакувања од чипс. Канти за отпадоци нема. Последните ги стави Ристо Пенов во својот прв мандат како градоначалник на Скопје, при крајот на 1990-тите.
Затоа, пак, на сите страни може да се видат купчиња извадени камења, оставени за да бидат употребени за некоја реконструкција. Околу недовршената црква стојат градежните материјали, веќе оштетени и неупотребливи. Само мал дел од поплочените патеки, исто така направени во 1990-тите, се останати. Другите се обраснати и покриени со земја, оставени за да ги открие некој археолог во иднина, за неколку стотини години.
Два од трите музеи во кои требаше да се презентираат наодите се завршени и стојат со катанци на вратите и со слој прашина на прозорците. Веднаш до влезот се наоѓа музејот во форма на праисториска колиба, но изграден од стакло и метал, кој оди три ката под земјата, и во кој треба да се сместат наодите од каменото и од бронзеното време. Додека ги чека вистинските археолошки предмети, низ него почнале да растат дрвја. Едно се обидува да го пробие стаклото.
Завршен е и вториот музеј, во кој треба да се сместат наодите од отоманскиот период. Третиот, фамозната црква, е оставена каква што беше по уништувањето во 2011 година, и покрај тоа што чинеше најскапо, околу 1,7 милиони евра. Освен што е најскап, тоа е и највисокиот објект што се гледа на тврдината од централниот плоштад.
Единственото место приспособено за движење на посетителите е ѕидот со кулите што се изгради за време на археолошките истражувања во продолжение на единствената кула што беше преостаната по земјотресот во 1963 година. Тој е направен врз темелите на стариот ѕид, кои мораше да бидат отстранети за градбата да биде стабилна.
Додека посетителите ги поминуваат овие триста метри од првата до последната кула, од надворешната страна може да гледаат панорама на центарот на Скопје, а од внатрешната стариот и дополу урнат ресторан Кале, израснатата вегетација во непристапните делови, и црквата со празна метална конструкција и со искршени блокови за ѕидовите.
Другите делови на Калето се потешко достапни, меѓу нив и киклопскиот ѕид, неговиот најстар и најимпозантен дел изграден од огромни камени блокови. И од внатрешната страна тешко се доаѓа до главната порта. Просторот, покрај долниот ѕид од страната на реката Вардар, кој пред истражувањата беше популарно шеталиште и служеше за пристап кон повисоките делови и кон старата кружна кула, е запуштен. Двата топа оставени покрај ѕидот како музејски експонати се распаѓаат.
Најздодевната и неуредна тврдина?
Малку нешта се случуваа на тврдината Кале од туристички аспект откако завршија археолошките истражувања. Веројатно, највпечатливиот настан меѓу ѕидините во изминативе три-четири години беше посетата на Зорица Заева и Бети Базиана во април 2019 година. За време на досега единствената официјална посета на еден грчки премиер во земјава, Алексис Ципрас, неговата партнерка, заедно со сопругата на македонскиот премиер Зоран Заев, прошетаа низ тврдината со туристички водич.
Истата година, еден руски патувачки јутјубер направил 20-минутно видео за Калето, во кое го опишува овој симбол на главниот град како една од најздодевните, валкани и неуредни тврдини што некогаш ги посетил. Највпечатливи му биле токму аномалиите што секој може да ги забележи – блокираната главна порта, недовршеноста на самата локација и недостигот од каква било информативна содржина.
Во меѓувреме, Калето ја задржа новата „традиција“ да биде мегдан за меѓуетнички провокации, особено во предизборниот период. Во јуни 2020 година, подмладокот на ДУИ со ласери го испиша предизборниот слоган на партијата – „псе јо“, или „зошто да не“, за Албанец да биде премиер, што предизвика реакции од повеќе страни, вклучително и онлајн-кавга меѓу скопскиот градоначалник Петре Шилегов и поранешниот прв човек на Чаир, Изет Меџити.
Инцидентот што се случи пред десет години, и денес служи за ширење омраза на социјалните мрежи. Еден од примерите е песна од албански музичари објавена на Јутјуб уште во 2011, со наслов „Тргни се од Кале“, полна со националистички и со вулгарни пораки. Прегледана е над 120 илјади пати и придружена со околу 500 коментари со говор на омраза и кон Македонците и кон Албанците. Во поново време се споделува на други социјални мрежи, како Тик ток, каде што намената ѝ останува иста.
Цела историја помина во чекање документи
Единствениот случај кога зборовите „Кале“ и „уредување“ се споменувале заедно во изминатите години беше за време на конкурсот на Град Скопје за идејни решенија како да се уреди просторот од тврдината кон Музејот на современа уметност. Тој се распиша во април 2019, а резултатите – 17 идејни решенија од автори од различни земји, беа претставени на изложба во музејот во октомври истата година. Тоа беше дел од проект поддржан од Европската Унија за ревитализација на културното наследство во историските градски центри.
Бидејќи овој простор е впишан во Генералниот урбанистички план како зеленило, авторите за таму предвиделе парковски решенија со павилјони. Самиот проект го носеше насловот „Кале – културна тврдина“, бидејќи идејата беше тој простор да заживее, не само како шеталиште, туку и како место за културни настани.
Досега ништо не се направило по овие решенија бидејќи градот Скопје чека елаборат за ревалоризација на Калето од Националната установа Конзерваторски центар – Скопје. Тоа е документ со кој стручно се утврдуваат вредностите на еден објект заштитен како културно наследство и се определуваат границите на заштитената зона и на контактната зона. Поточно, се дефинира каде може да се уредува, а каде не смее, не само меѓу ѕидините, туку и во околината.
Врз основа на тие податоци, градот Скопје планира да направи проект за уредување на тврдината и на просторот кон музејот, поставување клупи, канти, патеки, табли и друга урбана опрема, на места и на начин што движењето на посетителите нема да го загрозува историскиот споменик.
„Градот Скопје е подготвен за внатрешно уредување на тврдината и се надеваме на што е можно побрз развој на настаните“, изјавија за БИРН оттаму.
Од институциите задолжени за културното наследство добивме различни одговори за тоа до каде е подготовката на елаборатот. Вишиот конзерватор Љиљана Китановска од Националниот конзерваторски центар ни одговори дека постапката е во тек.
„Прашањата за границите на доброто и контактната зона, како и за степените на режимот на заштита, во моментот се отворени“, наведе Китановска во писмениот одговор што го испрати во име на институцијата.
Ацо Костов, директорот на Управата за заштита на културното наследство, пак, вели дека елаборатот бил готов и чекал усвојување. Управата е надредена институција на конзерваторскиот центар и во овој случај таа треба да го одобри документот што центарот го подготвил.
„Се чека елаборатот да биде потврден од комисија во Управата. Не знам кога ќе се случи тоа“, рече Костов.
Општина Центар, пак, за првпат прави детален урбанистички план што го опфаќа Калето, Музејот на современа уметност и околниот простор, односно местото за кое се планира уредување. Процедурата сѐ уште не е ниту до половина завршена.
„Досега не се правеле планови за таму бидејќи се сметало за заштитено подрачје“, вели градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ.
Додека се чекаат сите документи, тврдината стои раскопана, со места што се ризични за посетителите, со значајни делови што не се пристапни и со околина во која без контрола почнаа да се градат нови објекти во чувствителната зона околу овој споменик на културата од прва категорија.
Објектите, за кои според Богдановиќ не било возможно да се издаде градежна дозвола зашто немало ДУП, сепак имаат некаков легален статус и се впишани во катастарот. Со тоа се загрозува можноста целиот простор да се уреди како зеленило заради подобра заштита на тврдината, како што предвидува Генералниот урбанистички план.
Скопската тврдина Кале за првпат е заштитена како културно наследство во 1952 година, а со нова одлука заштитата е и дополнета во 1969 година. Се чини дека седум децении подоцна заштитата веќе „не држи“. Многу војски го чувале бедемот низ вековите, но сегашната бирократска војска се покажува како најнеподготвена за да го одбрани.
Прочитајте повеќе: Како Калето стана „слободна зона“ за нови градби