Нашиот човек Џамбаски

Коментар на Фросина Димеска

Името на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски е познато за сите македонски граѓани што се интересираат за општествените и политичките случувања, особено за односите со Бугарија. Едноставно, тие што следат дневни вести, не можат да ги избегнат неговите ставови и позиции за Македонија.

Со Џамбаски се отвораат телевизиските дневници, се полнат домашните портали и весници. Големиот број објави во медиумите речиси секојдневно му резервираат место на главните позиции на агрегаторот Тајм.

Па, така сите имаат можност да дознаат каков говор денеска  одржал, дека повторил „дека Македонија била и е бугарска“ или дека „бара враќање на ветото“.

Џамбаски, всушност, не пропушта шанса да го искористи секој повод да ги каже своите ставови за македонското прашање, а и македонските медиуми не ја пропуштаат можноста да ги пренесат.

Не поминаа ниту десетина дена по националистичките пораки што тој ги искажа од панихидата за Мара Бунева во Скопје и со кои си осигури место во ударните македонски вести, Џамбаски, пак, стана една од најцитираните личности.

Овојпат поводот беше претепувањето на Христијан Пендиков, секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид.  

Иако речиси сите македонски политичари го осудија насилството, а нивните бугарски колеги жестоко бараа одговорност, Џамбаски отиде понатаму и, во свој стил, не штедеше и епитети порачувајќи, како што пренесоа медиумите кај нас „не ги пуштаме тие дивјаци во Европската Унија“.

Ова е доследно на неговата политика да ги провоцира и скандализира своите неистомисленици, независно за која тема се работи. Џамбаски снимаше предизборни спотови на кои беше прикажана и територија на денешната Македонија, прикажувајќи ја како дел од Бугарија, или, пак, секогаш кога може извикува дека Охрид е бугарска престолнина. И секогаш се исполнува она што веројатно е и негова процена – преку провокациите станува главна вест во Македонија.

Но, тоа што Џамбаски го изјавува е едно. Друго прашање е како неговите навредувачки изјави, кои несомнено поттикнуваат омраза, се пренесуваат во домашните медиуми, но некогаш генерализирани како: „Бугарија бара“ или „Софија условува“, иако тој и неговата ВМРО-БНД се далеку од одлучувачките центри кај источниот сосед.

Во водечките бугарски медиуми, тој не е толку важен лик. На пример, на бугарската државна агенција БТА има два наслова со неговото име од кога на 20 месецов беше претепан Пендиков, за разлика од тукашниот етер, во кој дневно е застапен со над стотина објави.

А кој е, всушност, Џамбаски?

Тој сега е дел од тројката претседавачи на ВМРО-БНД, партија што претходно ја водеше Красимир Каракачанов, која не успеа да влезе во три состави на бугарското собрание.

На последните циклуси на предвремените парламентарни избори, ВМРО-БНД освои помалку од потребниот цензус од четири отсто за да биде застапена во бугарското собрание, со што нивните ставови сега може да се слушнат во медиумите и на социјалните мрежи, но не и од државните говорници.

Овие изборни резултати, во последниве години отвораат нејаснотии зошто претставниците на оваа национал-конзервативна партија, чии ставови во бугарското општество неретко се дефинираат и како неонацистички, наоѓаат толку голем простор во македонските медиуми.

Пренесувањето на ставовите на Каракачанов, кои се идентични со оние на Џамбаски, можеби и беше оправдано додека тој имаше и државна функција, односно беше вицепремиер и министер за одбрана. Но, Каракачанов тоа не е речиси две години, исто време колку што и неговата партија е вонпарламентарна.

За споредба, на последните бугарски парламентарни избори, ВМРО-БНД освои 1,08 отсто од гласовите, кои беа недоволни да добијат пратенички места. На последните македонски парламентарни избори, најблиску до резултатот на бугарското ВМРО е партијата Интегра.

Оваа наша партија освои и повеќе од бугарската ВМРО-БНД, точно 1,35 отсто од гласовите, но ниту еден медиум во Македонија, ниту во Бугарија, главните вести не ги отвора со ставовите на Љупчо Ристовски, лидерот на Интегра.

Преку политиката на скандали, Џамбаски стигнува да биде вест и во европските медиуми. Како европратеник, позиција што последно ја доби на евроизборите во 2019 година, неколкупати ја ужасна и европската јавност. 

Последно лани беше парично казнет поради нацистички поздрав во Европскиот парламент, претходно Европскиот центар за правата на Ромите го нарече лицето на омразата во Бугарија и покрена петиција против него поради расистичките и ксенофобичните изјави насочени кон оваа етничка група.

Поранешниот претседател на Европскиот парламент, Дејвид Сасоли покрена и истрага за Џамбаски поради тоа што колешка нарече Французинка со алжирско потекло, а колега Германец со турско потекло.

И во македонското општество има политичари што нaвредуваат врз расна и етничка припадност, но истите медиуми што го пренесуваат Џамбаски, не ги пренесуваат ставовите и на домашните личности со такви позиции, па тие остануваат маргинализирани.

Можеби со популарноста што му ја даваат македонските медиуми на Џамбаски и на неговиот претходник Каракачанов може да се објасни тоа што ВМРО-БНД има изборни успеси речиси исклучиво во Македонија.

На бугарските предвремени парламентарни избори што се одржаа во 2021 година, ВМРО-БНД беше прва партија во Македонија, а на следните избори втора, веднаш зад ГЕРБ, резултат кој е далеку поголем од тој што го постигнаа во својата матична земја. Но, битно е да се каже дека станува збор за резултат изведен од гласање на околу 200 луѓе.

Но, еве го 4 февруари, кога во земјата се очекува да пристигне и организирана група од Бугарија по повод одбележувањето на раѓањето на Гоце Делчев. Најавите се дека македонските власти, дента ќе решат дали некого ќе пуштат во земјава. Се разбира, Џамбаски се препозна во таквите најави и веќе прави тензија, најавува дека доаѓа и никој не може да го спречи. Ќе го добие ли и овојпат вниманието што го посакува?