Крстовизија

Коментар на Васко Маглешов

Вестите на македонските телевизии, на 19 јануари секоја година се исти. Може да се „замрзнат“ и да се „одмрзнат“ и ќе бидат како кифлички со вкус на подгреано тесто што глуми свежина.

„Напорот“ е само да се сменат имињата на фаќачите на крстот, а некогаш не треба дури ни тоа, бидејќи тие се повторуваат.

Првите десетина минути од централните вести, ако не и повеќе, секоја година, без исклучок, задолжително се посветени на спектаклот со скокачите по крстот во реките и езерата.

Се разбира дека основната функција на медиумите е информативната, па оттука, нема сомнеж дека треба да се извести и за овој традиционален настан, особено ако е познато дека според последниот попис, околу 60 отсто од населението во земјава се изјасниле како христијани.

Но, кога медиумите известуваат од вакви настани, задолжително треба да имаат и мерка и професионална дистанца. Телевизиите не се службен весник на црквите, а линијата на преминување на професионалната граница е тенка.

Па така, на пример, уредникот на вториот Дневник, на јавниот радиодифузен сервис МТВ, кој го плаќаат сите граѓани (што ќе рече и атеистите и будистите и агностиците), издвои 10 од 30 минути за тема од „исклучителен јавен интерес“ – одбележувањето на Богојавление – Водици.

Не само што видовме како е во Охрид и во Скопје, не само што дознавме дека среќниот пронаоѓач на крстот осумпати се фрла во Вардар, туку ја видовме „потрагата“ по крстот и во другите градови, како Битола, Прилеп, Куманово, Велес, Валандово, па и во селото Глуво во Чучер-Сандево зашто многу е важно граѓаните да бидат информирани за сите градови каде што се полагал крстот, во овој ТВ-спектакл на традицијата, религијата и естрадата.

На една од телевизиите, 10 минути на екранот пишуваше „Македонија го одбележува Богојавление – Водици“, иако Македонија де јуре и де факто не одбележува ништо. Празникот е верски, и тоа само за православните христијани, а не е државен празник.

Како тоа да не беше доволно, видовме и пораки од опозиционерот Христијан Мицкоски, како да е важно каде се политичарите на денот и какви се нивните пораки.

Во минатото, оваа оцрковена традиција често беше проследувана и со комични ситуации на полагање на крстот во вирови, бари и рекички, со туркање и „неправда“ за тоа кој го фатил крстот, а клиповите се споделуваа вирално.

Овојпат за титулата највирално видео, се „натпреваруваа“ Крива Паланка, каде што имало влечење за крстот и охридски Оровник, каде што, како што објавија порталите, крстот „исчезнал“, а скокачите се откажале.

Последниве години, за волја на вистината, таа „гег-традиција“ не е толку доминантна, но се наоѓа понекое место, кое овој обичај го прикажува во грдото светло на алчноста и грабањето, кое нема ништо заедничко со вредностите што ги пропагира христијанството.

Во духот на повторувањето на истите слики, и годинава, како и секоја друга година, пријавените верници носеа маички од познатиот долгогодишен спонзор на манифестацијата.

Ако се цени според приоритетите што им беа дадени на прилозите, излегува дека фрлањето на крстот е поважно, на пример, од состојбата со Клиниката за пулмологија, на која се бара слободен кревет. Еден од лекарите рече дека сè е полно до последен кревет, дека клиниката е преоптоварена и оти морале да воведат и втор дежурен лекар.

Но, не е само Водици.

Вести со религиско-традиционални теми се отвораа и за Божик, повторно во најголем дел како телевизиите да се експозитура на црквите, речиси со никаква професионална дистанца.

Можеби во прашање е и новинарска неинвентивност, па кога ќе се погоди ваков ден, уредниците на денот „тријат раце“ затоа што знаат дека половина од вестите не мора ниту да ги мислат.

За волја на вистината, само една национална телевизија процени дека оваа традиција не e доволно значајна за со неа да се отворат вестите.

Со оглед на тоа што моќта на телевизиите е голема, ова долгометражно информирање напросто се претвора во некритичко дисеминирање на верски пораки.

Реторичко е прашањето дали медиумите издвоиле приближно исто толку време за проблемите на одредена немнозинска група, за лица со сетилна и телесна попреченост, за болни од цистична фиброза на пример, кои со недели упорно бараат јавноста да ги поддржи во барањата за лек, но уште повеќе за маргинализираните и заборавените, само затоа што се тивки и нивните болки не се „фотогенични“?