Највкусната трошка леб и најпопуларниот политичар

Коментар на Гоце Трпковски

Познат е вицот во кој двајца се тркале, а по крајот на трката, весниците на насловните страници објавиле дека поразениот завршил втор, а победникот – „дури претпоследен“. Обично се прераскажува како пример за манипулативно користење на информациите, во кое тие, иако се технички точни, во суштина се далеку од реалноста.

Овој метод бил измислен како алатка за пропаганда или „стратешка комуникација“, но медиумите понекогаш го користат и без таква цел, туку само затоа што им овозможува на поинтересен, поскокотлив начин да прикажат некоја вест. А во борбата за клик повеќе, принципите имаат малку значење, па затоа не треба да нѐ изненадува дека десетици медиуми, од човек-портали до големи телевизиски куќи, излегоа со наслови дека поранешниот премиер, а сега избеган осуденик Никола Груевски бил најпопуларен политичар, и тоа го извадија како главна поента од анкетата на Интернационалниот републикански институт (ИРИ), во која има 90 страници со прашања и одговори од сите сфери на живеењето.

Веста е технички точна. Прашањето гласи: „Кога ќе помислите на политичкиот живот во Македонија, која е личноста кон која сте најмногу наклонети“. Седум проценти како свој прв избор го навеле Груевски, што е повеќе од другите, но, сепак, се седум мали проценти. Многу блиску до статистичка грешка. Па, така медиумското покривање на моменти наликува како да се известува која од трошките од лебот што останале по вечерата била најголема, а која највкусна.

Всушност, вкупната наклонетост кон десетте политичари наведени во резултатот, каде што освен Груевски се и претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, лидерите на парламентарните партии и коалиции, како и двајцата пензионирани политичари Зоран Заев и Бранко Црвенковски изнесува 39 отсто. Наспроти тоа, 38 отсто рекле дека не се наклонети кон ниеден политичар, а другите, или не дале одговор, или се определиле за некој што не стигнал ниту до еден процент, како што стои во објаснувањето на анкетата.

Според тоа, резултатите повеќе покажуваат дека нема популарен политичар, отколку дека некој е најпопуларен. Но, иако точните бројки стојат во текстовите, во културата на читање наслови тоа не е важно, па веќе се создаде амбиент дека пророштвото на Заев за враќањето на Груевски на бел коњ почнало да се остварува.

Од друга страна, не можеме премногу да морализираме за работата на медиумите. Тие, сепак, функционираат во еден амбиент, во кој професионалните стандарди се повеќе пречка отколку неопходен услов за успешно работење. Камо ова да важеше само за медиумската работа. Важи за речиси сите сфери.

А што е со креаторите на тој амбиент – политичарите? Дали ги загрижува тоа што сите заедно, десетмина на број, имаат поддршка колку што обично има еден политичар во другите земји? Дали се свесни за вистинското значење на резултатите, а тоа е дека се непосакувани, непопуларни и дека огромно мнозинство граѓани не гледаат никаква иднина со нив?

Тешко е да се поверува дека се многу засекирани за тоа, бидејќи обично се презафатени со броење и мерење колку им се полни салите на митинзите во година кога нема никакви избори.

Веќе со години поддршката на партиите е во пад, особено на големите. Тоа не го покажуваат само анкетите, туку и изборните резултати. Но, повлекувањето на поголемиот дел од гласачкото тело во апатија речиси за никого не е проблем. Единствено е важно дали сѐ уште се пред другиот, односно дали конкуренцијата паднала повеќе или помалку од нив. Дури и ако дојдеме во ситуација само триесетина отсто од граѓаните да излегуваат на избори, никој нема да се грижи за апатијата на другите 70 отсто.

Ако по овие принципи функционираше бизнисот, досега ќе имаше целосна економска пропаст. Но, таму, кога пазарот се намалува зашто купувачите се незадоволни од понудените производи, се бараат нови што би им биле попримамливи. Тоа е бидејќи компаниите реално губат ако 50, 60 или 70 проценти од потрошувачите им го свртат грбот.

Политичарите не губат. И тој што би победил со 15 отсто гласови би добил 100 отсто власт. Со целата моќ и со сите буџетски пари на располагање. Политичката апатија не носи амнестија од плаќањето даноци. Не функционираат така работите. Затоа на политичките лидери не им пречи кога неутралните стануваат апатични, поважно им е колку цврсти поддржувачи им преостанале.

Постојат начини да се надмине овој проблем. Можеби со поинаков изборен модел што би овозможил поголема конкурентност и подобри можности за продор на нови лица што би ја пополниле нашата политичка црна дупка. Или со подобрена внатрешна демократија во партиите.

Но, кое било решение да се бара, ќе треба да го изберат сегашните политичари. А зошто би избрале нешто што би им ја нарушило сегашната комотна позиција во која поддршката од седум проценти се смета за популарност? Токму поради тоа долгорочно остануваме затворени во маѓепсаниот круг, во кој решението на проблемот најмногу зависи од тие што го создаваат.