Две војни во 20 век – Втората светска војна и војната од 90-тите години, сè уште се, честопати, во фокусот на политичката дебата во современа Хрватска.
Иако антифашистичкото наследство на оваа земја од Втората светска војна, честопати се занемарува, Татковинската војна од 90-тите години, игра голема симболична улога во современиот концепт на самата Хрватска како нација, поради што организациите на воените ветерани од 90-тите, имаат голема политичка моќ.
Според некои проценки, во Хрватска има над 1.300 вакви организации. Многу Хрвати веруваат дека тие, преку националистичката реторика и историскиот ревизионизам, придонесуваат за продлабочување на поделбите во општеството, но едно од нив е различно.
Веќе три години, здружението „ВеДРА“, кое работи во Сплит, обединува ветерани од Татковината војна и антифашисти – комбинација што е тешко да се замисли во денешна Хрватска, во која ветераните гласно протестираат против антифашистичките симболи и сè што е поврзано со социјалистичка Југославија, во чиј состав, пред крвавата војна во 90-тите години, беше и Хрватска.
„Со години слушаме поединци од овие здруженија, како едноставно негираат нешто што е историска реалност“, вели за БИРН, Ранко Бритвиќ, претседател на ВеДРА, кој бил припадник на хрватската полиција, за време на Татковинската војна.
Тој нагласува дека таквите луѓе „ја негираат улогата на Хрватска во Народноослободителната војна“ – што значи дека заклучуваат оти хрватска војска, во Втората светска војна, всушност била војската на фашистичкото усташко движење.
Усташите ја основаа Независната Држава Хрватска (НДХ) во 1942 година, со поддршка на нацистичка Германија и фашистичка Италија, и усвоија строги расни закони против Србите, Евреите и Ромите. „Идентификувањето на земјата со овие сили, ја става Хрватска во погубна позиција“, истакнува Бритвиќ.
Имало две причини за основањето на ВеДРА, вели тој: „Прво, за да го заштитиме достоинството не само на Народноослободителната борба, со која сме горди и горди сме што бевме дел од таа антифашистичка коалиција во Втората светска војна, туку и за да го заштитиме достоинството на Татковинската војна“.
„Нашата главна задача е хрватскиот ветеран, облечен во црна маица, да не биде личност што користи усташки поздрав“, истакнува тој, алудирајќи на растечката носталгија по усташкото движење меѓу ветераните и употребата на неговите ознаки и поздравот „За дом спремни“ – кој е еквивалент на нацистичкиот поздрав „Зиг Хајл“.
„Напор да се обезвреди позитивното“
Повеќето здруженија на хрватските ветерани, многу гласно се спротивставуваат на симболите на антифашистичкиот отпор, од Втората светска војна.
Тие гласно негодуваа кога минатиот месец, на облакодер во Риека, беше поставено големото уметничко дело – црвена ѕвезда петокрака, наречено „Споменик на црвената Риека“.
Инсталацијата беше беше поставено на повеќекатница во Риека, во знак на сеќавање на датумот кога највисокото тело на хрватското антифашистичко движење во Втората светска војна, Националниот антифашистички совет на народното ослободување на Хрватска (ЗАВНОХ), донесе одлука градот да биде преземен од рацете на нацистите, по капитулацијата на италијанските фашистички сили.
Хрватските медиуми објавија дека во центарот на Риека, демонстранти предводени од бранителите, протестираа против оваа инсталација, за да го изразат своето незадоволство од „ симболот на најголемото зло во Република Хрватска од ’45 година наваму“, поврзувајќи ја црвената ѕвезда со злосторствата на припадниците на ЈНА над Хрватите во војната во 90-тите.
Дури и некои министри во Владата, која је предводи конзервативната Хрватска демократска заедница (ХДЗ), го осудија поставувањето на уметничкото дело. Хрватското Министерство на бранители, соопшти дека потавувањето на петокраката, е „политичка провокација што ги вознемири не само хрватските бранители и страдалниците на Татковинската војна, туку и бројни граѓани“.
Сепак, Бритвиќ посочува дека споредувањето на црвената ѕвезда од Втората светска војна, со симболот што го злоупотребуваа силите на Слободан Милошевиќ, за време на војната во 90-тите години, е „малициозно, без оглед дали тоа го изјавил некој министер или некој обичен човек“.
„Многу е очигледeн тој напор, навистина да се девалвира сè што се случило во Втората светска војна, а што е позитивно“, нагласува тој.
Во последните неколку години, здруженијата на ветерани протестираа против разни настани, како што се театарски претстави, фестивали и концерти, најчесто оние на кои имаше учесници од Србија или од српската заедница во Хрватска.
„За мене ова е трагикомично … сега доаѓа музичар од Србија, да речеме Бајага, кој е ширум популарен, и тие реагираат на него“, вели Бритвиќ.
Тој нагласува дека некои здруженија на ветерани се потребни, затоа што тие работат, на пример, на обезбедување на правна или психолошка помош за бранителите, но дека членовите на ВеДРА веруваат оти има „премногу такви здруженија“ што „земаат многу (државни) пари“.
Здруженијата на бранители, кои во Хрватска ги има на стотици, можат да се пријават на јавен повик и да добијат средства од државата, за нивни проекти.
„Сепак, во многу места, овие здруженија станаа цел за себе“, истакнува Бритвиќ.
„Нашите деца мора да запомнат“
Активностите на ВеДРА вклучуваат организирање изложби, дискусии и презентации на книги, како и присуство на комеморации, како на важни места на антифашистичкиот отпор, така и одбележување на клучни моменти во Татковинската војна.
„Иако сите сме биле во војската и во полицијата, не сме милитаристички настроени, туку едноставно мислиме дека тоа се места што нашите деца мора да ги запомнат, за да не се повторат овие војни“, објаснува Бритвиќ.
Членовите на ВеДРА, исто така, ја одбележаа годишнината од убиствата на српските цивили на местата како што се Грубори, Вариводе и Гошиќ, извршени по операцијата на хрватската војска „Бура“, во 1995 година, со која беа поразени српските бунтовници, кои од 1991 година, држеа делови од хрватската територија.
На овие комеморации присуствуваа и високи хрватски функционери. Многу набљудувачи го поздравија овој нивен гест, како чекор кон помирувањето и нормализирањето на односите меѓу Хрватите и Србите во земјата.
Во август, хрватските лидери присуствуваа на прославата на годишнината од операцијата „Бура“, за која хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, рече дека е „наша најголема победа“, но исто така изрази жалење за сите жртви „не само Хрвати, туку и Срби“. И членовите на ВеДРА беа присутни на оваа прослава.
„Оваа година, за прв пат, бевме горди во Книн – тоа беше организирано на толку убав начин“, забележа Бритвиќ, изразувајќи надеж дека хрватското општество оди во вистинската насока.
Тој смета дека образовниот систем треба да има улога во справувањето со минатото, истакнувајќи дека учебниците по историја не се занимаваат на вистинскиот начин со Втората светска војна или војната во 90-тите.
Бритвиќ заклучува дека комеморативните настани нема да имаат значење „ако се само парада, ако се заборави на децата“.