Регион

За жртвите не се доволни осудителни пресуди

Иако кривичното гонење на воените злосторници е важно, тоа не е сатисфакција за жртвите во посиромашните земји, доколку не им е обезбедена и директна отштета, вели Џеси Бартон Хронешова, од катедрата за меѓународен развој на Универзитетот Оксфорд.

„Важно е да сфатиме дека мирот и соочувањето со минатото не можат да се случат во услови на слаб социоекономски развој, сиромаштија и нееднаквост“, вели таа, во интервју за БИРН.

Ова е еден од заклучоците во книгата „Борба за отштета“ од Бартон Хронешова, која, меѓу другото, работеше за БИРН, но и за други медиуми.

По долгогодишно истражување и разговори со жртвите и активистите за човекови права, таа сфатила, како што вели, дека правдата обезбедена од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) и Судот на БиХ, не е доволна за жртвите.

Таа објаснува дека „книгата, во голем дел, била поттикната од дискусиите со луѓето, кои постојано повторуваа дека изрекувањето на пресудата е една, а сиромаштијата сосема друга работа“.

„Еден испитаник ми рече дека не е важно колку години затвор добиле оние што ја водеа војната, доколку жртвите – и останатиот дел од земјата – продолжуваат да живеат во сиромаштија и во несигурни услови“, нагласува таа.

На жртвите им треба директна отштета, додава таа – парична, реална, услужна и други форми на отштета, за страдањето во војната.

Жртвите „имаат глас“

Џеси Бартон Хронешова. Фотографија на Џеси Бартон Хронешова

Транзициската правда отсекогаш ја фасцинирала Бартон Хронешова, родена во Прага, четири години по падот на комунистичкиот режим, и таа особено се интересирала за тоа како жртвите се справувале во „повоениот социолошки и политички свет“.

„Книгата покажува дека некои жртви имаат многу силни и бескомпромисни ставови за минатото и не се подготвени да прифатат дека и ‘другата страна’ можеби страдала, ниту пак да ги нијансираат своите ставови со некој поширок развој на настаните. Долго време се чинеше дека минатото е црно-бело, иако реалноста честопати беше покомплицирана“, истакнува Бартон Хронешова.

Некои се длабоко трауматизирани и имаат потреба од психосоцијална грижа, други се сериозно инвалидизирани, додека некои ги загубија членовите на семејството кои се грижеле за нив.

„Бев збунета кога дознав колку е огромна разликата помеѓу различните видови на отштета, што ја имаат различни групи на жртви во Босна и Херцеговина, па започнав да истражувам како тие биле усвоени и зошто“, вели таа.

Бартон Хронешова додава дека сфатила оти „и покрај широката политика на БиХ“, раководството на жртвите и нивните стратегии се навистина важни во однос на тоа кој е „поуспешен“.

Ова е она што се нарекува „капитал на жртвата“-збир на лостови, сојузници и ресурси, што ги има секоја група на жртви, што може да се искористат кога се бара отштета.

Главната порака на нејзината книга е дека жртвите не треба да се гледаат како пасивни актери.

„Тие имаат глас и имаат одредена – понекогаш ограничена – моќ што можат да ја искористат, ако се решат за тоа. Нивните напори се навистина важни и треба да се поддржат – иако многу внимателно – со цел да се променат постојните политики“, нагласува Бартон Хронешова.

„Велам внимателно, бидејќи во книгата опишувам и како, повластениот третман на некои групи, имал спротивен ефект и само создал повеќе тензии, а да не ги спомнувам и ентитетите“, вели таа.

Еден од предизвиците при креирањето на оваа книга, биле очекувањата на жртвите. Бартон Хронешова посочува дека би сакала книгата да го смени начинот на кој отштетата се сфаќа во БиХ, но, се сомнева во тоа.

„Се чини дека моите испитаници имаа големи очекувања – или да ја претстават својата верзија на историјата или, во некои ретки случаи, очекуваа дури и финансиска и материјална корист“, истакнува таа.

Книгата е всушност нејзината докторска дисертација, а истражувањето што го спровела, како што вели, било „проверка на реалноста“.

„Научив многу за човечките вредности и за отпорноста. Се сеќавам дека интервјуирав една госпоѓа во седумдесеттите години, чиешто семејство (шест сина и сопруг) биле убиени, а таа дури и не знаеше каде се нивните тела. Сè уште беше кревка, но и мила и во неа сè уште имаше животна искра“, додава Бартон Хронешова.

Извадок од книгата: Зошто мојата нога вреди помалку?

Јас самата на себеси не си го направив ова. Војната ми го стори ова и сега сакам државата тоа да го исправи, за да можам да живеам нормален живот, како и сите други“, вели Сабина, покажувајќи на опуштената лева рака и нога. Во детството, таа ја изгубила подвижноста на екстремитетите, кога дел од граната, во 1992 година, ѝ го оштетил ‘рбетот. Таа имаше 29 години кога се запознавме во 2015 година и веројатно беше најмладиот претставник на Здружението на цивилни жртви на војната во Босна и Херцеговина. „Цивилна жртва на војната“, е термин што во БиХ вообичаено се користи за лицата, кои, за време на војната, биле инвалидизирани или сериозно физички повредени, разликувајќи ги со тоа од жртвите на тортура, сексуално насилство и од семејствата на исчезнатите лица.

Иако имала право на инвалидска пензија, како и на бесплатна здравствена заштита, според одредбата донесена во 1999 година, таа не започнала да ги користи сѐ до 2004 година. Дури и тогаш, нејзините примања биле значително помали од оние што им биле понудени на воените жртви со слични повреди.

Според законот на Федерацијата БиХ (ФБиХ), Сабина има право на 70 проценти од она што на месечно ниво им се исплаќа на воените жртви. Нејзините „дополнителни придобивки“, кои, во случајот на воените жртви, вклучуваат право на вработување, бесплатен превоз, ослободување од плаќање на данок и друга поддршка, се сведени на основната бесплатна здравствена заштита. Иако на Сабина ѝ е драго што добила поддршка, таа не може да го скрие разочарувањето. „Зошто мојата нога вреди помалку?“, прашува таа.

Цивилите, кои за време на војната биле повредени или изгубиле членови на семејството, се предмет на ограничено признавање и обештетување ширум цела БиХ. Во меѓувреме, воените жртви на војната – тука се семејствата на загинатите борци и инвалидите – уживаа многу поголеми бенефиции и во ФБиХ и во Република Српска (РС).

Ова е извадок од книгата „Борба за отштета“ од Џеси Бартон Хронешова.