Секоја година во месец август, односите меѓу Хрватска и Србија се заладуваат, а претставниците на двете земји разменуваат остри зборови за настан од 1995 година – операцијата на Хрватска војска (НВ) „Бура“, со која беше ослободена територијата што беше под контрола на бунтовничките Срби од Хрватска, со која и ефективно заврши војната во оваа земја.
Маријана Стојчиќ, социолог и истражувач на белградскиот Центар за применета историја, смета дека ривалските официјални наративи за операцијата „Бура“ во двете земји, создадени и поддржани од националистите, се користат за политички цели.
„Кога зборуваме за ‘Бура’, всушност имаме ист настан, кој има различни функции (во двете земји)“, вели Стојчиќ, во интервју за БИРН.
Операцијата „Бура“, со која беше разбиена самопрогласената Република Српска Краина, секоја година на 5 август, во Хрватска се слави како клучна победа и клучен фактор, кој го обезбеди постоењето на независна Хрватска.
Меѓутоа, во серијата напади за време и по операцијата, според податоците на Хрватскиот хелсиншки комитет, беа убиени над 600 претежно постари српски цивили. Околу 200.000 српски бегалци ја напуштија територијата ослободена во август 1995 година.
Од таа причина, за Србите кои останаа во Хрватска, одбележувањето на годишнината е болна работа, додека во Србија, 5 август се одбележува во тага, како Ден на сеќавање на убиените и протераните Срби.
Комеморациите во двете земји честопати се проследени со националистичка реторика. Стојчиќ забележува дека ова им предизвикува голема штета на локалните, честопати мешани заедници.
„Она што е клучно за српскиот национализам, а ми се чини и за хрватскиот, е уверувањето дека Србите и Хрватите всушност не можат да живеат заедно, дека тие никогаш не можеле да живеат заедно и оти никогаш нема да можат да живеат заедно“, објаснува таа.
„Наратив за мачеништвото и жртвата“
Поради пандемијата на корона вирусот, минатата година Србија и Република Српска ја одбележаа 25 -годишнината од „Бура“ во Србија, на поскромен начин.
Настанот се одржа на мостот над реката Сава, во Сремска Рача, на границата меѓу Србија и Босна и Херцеговина, преку кој конвои бегалци кои бегаа од „Бура“, влегоа во Србија во август 1995 година. На мостот беше поставена и бина со актери облечени како бегалци, кои седеа во автомобили и трактори од времето на Југославија.
Српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, изјави дека „Бура“ е „коцка во мозаикот на злото, чија цел беше исчезнување на Србите и кое беше вршено во текот на минатиот век“. Вучиќ, исто така, направи паралела со убиствата на Србите во Втората светска војна.
Стојчиќ посочува дека „Бура“ во Хрватска е „дел од наративот за победата“, додека во нејзината татковина, Србија, е дел од митот дека земјата била жртва на неправда во текот на својата историја.
„Тоа е наратив за мачеништво, загрозување, каде што во текот на целата своја историја, Србите, всушност, биле постојани жртви на неправдата од страна на други и на напорите Србите да се уништат“, истакнува Стојчиќ.
Таа забележува дека уште претходно, во 80-тите години, пред распадот на Југославија, српските политичари почнале да го нагласуваат страдањето на Србите за време на постоењето на Независната Држава Хрватска (НДХ), фашистичка марионетска држава од Втората светска војна, предводена од усташкото движење, која усвои расни закони против Србите, Евреите и Ромите, и која водеше систем на концентрациони логори.
„Но, многу брзо, усташите беа поистоветени со Хрватите, со хрватскиот народ, создавајќи ја, всушност, таа слика за еден хомоген, непријателски колективитет, чиј единствен spritus movens е всушност патолошката омраза кон Србите“, нагласува таа.
Во Србија, политичките лидери се обидуваат „да го поистоветат она што всушност се случи во „Бура“, со страдањето на Србите за време на НДХ“, додава таа.
Како што вели, наративот на српските официјални претставници за операцијата „Бура“ се карактеризира со „селективност“ и ги исклучува српските офанзиви против Хрватите извршени предходно во војната, како што е тримесечната опсада и насилното заземање на Вуковар од страна на Југословенската народна армија (ЈНА) и српските паравоени формации.
„Таа (Бура) е претставена како погром на Србите во 1995 година, кога најголемиот дел од српското население беше протеран од Хрватска, односно хрватските Срби во Србија, без причина. Тоа е многу деконтекстуализиран наратив, во кој ништо немало од 1991 до 1995 година“, објаснува таа.
„Што значи дека не се случил Вуковар, не се случило бомбардирањето на далматинските градови, не се случиле логорите за Хрватите, немало етничко чистење извршено врз Хрватите“, вели Стојчиќ.
Друго големо прашање е начинот на кој Србија се однесуваше кон Србите кои во големи колони бегаа од Хрватска во август 1995 година. Не им беше дозволен влез во Белград и повеќето беа сместени во лоши услови во стари хотели и напуштени јавни згради или беа сместени кај роднини и пријатели, велат податоците на Фондот за хуманитарно право (ФХП).
Стојчиќ вели дека бегалците не добиле соодветна поддршка во Србија „без оглед на фактот што официјалниот наратив бил ‘ние им помагаме на Србите, кои се загрозени во другите делови на Југославија’“.
Во едно од досиејата на ФХП се вели дека за време на војните во 90 -тите, илјадници српски бегалци биле уапсени во Србија, кои потоа биле мобилизирани и вратени во конфликтните области. „Тоа беше навистина лов на луѓе“, вели Стојчиќ.
Таа нагласува дека многу бегалци биле сместени во супстандардно привремено сместување – во „колективни центри“ – и дека некои од нив останале таму долги години.
Таа се сеќава на медиумски извештај од 2015 година: „Беше август, се зборуваше за ‘Бура’ … и интервјуираа некој човек кој живееше во колективен центар, некаде на југот на Србија“, вели таа, згрозена од факт дека 20 години по војната, човекот „и натаму е во некаков колективен центар, каде што нема прозорци, нема вода, ниту електрична енергија“.
„Тоа е всушност одлична слика за тоа колку националистичкиот режим се грижи за конкретни луѓе“, заклучува таа.
„Симболичните чекори не се доволни“
Во претходните години, со исклучок на 2020 година, одбележувањето на годишнината од „Бура“ во Хрватска беше проследено со националистичка реторика и говор на омраза.
Така, во 2015 година, на фудбалскиот стадион во Книн, се одржа концерт на хрватскиот националистички пејач, Марко Перковиќ Томпсон, како последен настан на прославата, организиран од локалните власти.
Голем број од околу 80.000 присутни извикуваа „Убиј го Србинот“ и го скандираа усташкиот поздрав „За дом спремни“.
Стојчиќ забележува дека „непријателите“ обично се важна тема на комеморативните настани во регионот.
„Ми се чини дека … всушност, приказната за победите и прославите е повеќе предупредување дека другите се опасни за нас и дека мора да бидеме постојано будни“, вели таа.
Клучната работа, според неа, е да се вклучи комплексноста на настаните што се случиле – да не се создаваат некои митски обрасци каде што, на пример, „Бура“ била акција без никаква дамка, или да се сведе „Бура“ само на злосторнички чин“.
Таа посочува дека за значителен дел од населението во Хрватска, тоа бил моментот кога, по протерувањето, тие можеле да се вратат во своите домови само затоа што биле Хрвати. Но, не треба да се занемарат ниту српските цивилни жртви, нагласува Стојчиќ.
Таа го наведува примерот на вицепремиерот, Борис Милошевиќ, од Самостојната демократска српска партија, кој минатата година ја сподели воената приказна на своето семејство на социјалните мрежи.
„Неговиот татко бил војник во хрватската војска, неговата баба била убиена од хрватски војник за време на операцијата ‘Бура’. Мислам дека самата приказна, која е длабоко лична, всушност привлекува внимание кон сложеноста на сите овие настани“, објаснува Стојчиќ.
Минатата година, Милошевиќ присуствуваше на државната прослава на „Бура“, и покрај повиците од политичките лидери на Србија, да не учествува во одбележувањето на годишнината од оваа операција. Милошевиќ изјави дека не може да ги прости извршените злосторства, но оти е подготвен на „секаков гест, што мислам дека ќе може да го подобри статусот на мојата заедница“.
Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, водач на конзервативната Хрватска демократска заедница (ХДЗ), на прославата на годишнината од „Бура“, нагласи дека таа е „нашата најголема победа“, но изрази и жалење за сите жртви „не само Хрвати, туку и Срби“ .
Од друга страна, високи владини претставници им се придружија на претставниците на српската заедница во Хрватска, на одбележувањето на годишнината од масакрите во Грубори и Вариводе, два од неколкуте насилни инциденти по операцијата „Бура“.
Стојчиќ посочува дека минатата година, околу годишнината, во Хрватска можеле да се слушнат ноти на помирување, кои се „симболично многу важни“.
Сепак, хрватските власти имаат уште многу работа, додава таа, како што се изнаоѓање на практични решенија за проблемите на српските повоени повратници, но и соочување со злосторствата што се случија за време на војните во 90-тите или заземање на јасна позиција во врска со употребата на усташките симболи во јавноста.
„Симболичните чекори се неопходни, но не и доволни, важно е што ќе се случи понатаму“, заклучува таа.