Регион

Од Хрватска се бара да им го олесни на Србите патот до хрватско државјанство

Луѓето се дискриминирани затоа што избрале да се преселат во земја од поранешна Југославија

Откако минатата година стапија во сила измените на законот за добивање на хрватско државјанство, конечно почнаа да се решаваат проблемите на хрватските Срби, кои, по распадот на Југославија во 1991 година, не можеа да добијат хрватски документи.

Со законските измени се решаваат проблемите на околу 5.000 луѓе, чии родители се Срби од Хрватска, и кои, во времето кога Србија и Хрватска беа дел од Југославија, живееле во Србија кога тие се родиле.

Новородените по грешка биле запишани во регистарот на државјани на тогашната Социјалистичка Република Србија, наместо на Социјалистичка Република Хрватска. Кога Хрватска стана независна, тие немаа право на хрватски пасош или други документи врз основа на кои можеле да добијат бенефиции како државјани, како што се образование, здравствена заштита, право на глас и вработување.

Еден од нив е Раде Лалиќ, роден во 1982 година. Неговите родители, двајцата од српска националност, имале хрватско државјанство, но во времето кога тој се родил, живееле во Србија. По раѓањето на Раде, тој, по грешка, бил внесен во книгата на граѓани на Социјалистичка Република Србија.

Лалиќ првпат аплицирал за хрватско државјанство во 2007, но следната година неговото барање било одбиено. Тој поднел жалба до Управниот суд на Хрватска, која била отфрлена во 2011 година. „Се обидов и во Србија и во Хрватска, но безуспешно“, објаснува тој.

Сепак, минатата година тој конечно успеа да добие хрватско државјанство. „Сега кога сето ова заврши, конечно се чувствувам слободен“, вели Раде.

Измените на законот стапија во сила во јануари 2020 година. На лицата кои сакаат да аплицираат за државјанство, им е даден рок од две години за да го сторат тоа. Тој рок истекува на крајот од оваа година.

Сепак, експерти за БИРН велат дека процедурата е премногу комплицирана и дека целиот процес сѐ уште е премногу бавен и предлагаат рокот да се продолжи или целосно да се укине.

Некои, исто така, сметаат дека законот ги дискриминира некои апликанти, претежно Срби, имајќи предвид дека на потомците на хрватските емигранти им е полесно да добијат државјанство.

„Непотребна бирократизација“

Пред распадот на Југославија, да се има државјанството на една од шесте конститутивни социјалистички републики – Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Црна Гора, Србија и Словенија – не беше важно прашање, бидејќи сите граѓани беа државјани на Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ).

Меѓутоа, по осамостојувањето, Хрватска не прифати како државјани да ги запише луѓето кои по грешка беа регистрирани како државјани на друга поранешна југословенска република, дури и во случаите кога двајцата нивни родители беа регистрирани како државјани на Социјалистичката Република Хрватска (СРХ).

Според Законот за државјанство на СРХ од 1977 година, секое дете можело автоматски да добие државјанство, доколку неговите родители, во времето на негово раѓање, биле нејзини државјани.

Според југословенскиот федерален систем, секоја република имала свој регистар на граѓани. Но, помеѓу 8 јануари 1977 и 8 октомври 1991 година, кога Хрватска станалс независна држава, во Србија биле направени административни грешки, во смисла на тоа дека илјадници деца чии родители биле регистрирани во хрватскиот регистар на граѓани, биле регистрирани во српскиот регистар.

Иако поминаа децении од распадот на СФРЈ, ниту Хрватска, ниту Србија, не покажаа волја да ги поправат своите грешки.

Денес, според изменетиот хрватски закон, едно лице ги исполнува условите да се запише во книгата на хрватски државјани, доколку е „родено во периодот од 8 јануари 1977 до 8 октомври 1991 година, и чии родители, во момемнтот кога тоа било родено, имале хрватско државјанство, а на кое во евиденцијата за државјанство, му е запишано друго државјанство“.

Саво Манојловиќ, претседател на Здружението за заштита на уставноста и законитоста, со седиште во Белград, посочува дека, иако правната грешка е отстранета, бирократскиот процес и натаму е предолг.

„Во Србија има само два хрватски конзулати и целиот процес е во застој. Предложивме хрватското Министерство за внатрешни работи да се справи со овие луѓе директно во Хрватска, бидејќи конзулатите секако ним им ги проследуваат барањата. Тоа е непотребна бирократизација на процесот“, вели Манојловиќ за БИРН.

Загрепскиот професор по право, Александар Маршавелски, смета дека рокот за пријавување, кој завршува во 2021 година, е премногу краток.

„(Тоа е) несоодветно со оглед на тоа што овие луѓе се всушност хрватски државјани по раѓање, како и според старите и новите прописи, само што се работи за погрешно толкување“, вели Маршавелски за БИРН.

Тој објаснува дека луѓето кои имаат проблеми поради направената грешка, се претежно деца на хрватски државјани, кои мигрирале во Србија, претежно во 60 -тите и 70 -тите години, заради работа или студирање.

Тој објаснува дека во почетокот на 2020 година, кратко време по стапување во сила на законот, луѓето „стоеле во ред пред (хрватските) конзулати во Србија“ и дека конзулатите биле отворени неколку часа дневно и примале само по шест лица.

По воведувањето на мерки во борбата против ширењето на корона вирусот во Србија, термините за прием во конзулатите се закажуваат однапред, па за прием сега се чека и до четири месеци.

Маршавелски смета дека хрватските власти ќе го продолжат рокот за уште две години, иако посочува дека би било подобро тој рок целосно да се укине.

Драгана Јецков, пратеник на Самостојната демократска српска партија во хрватскиот парламент, го покрена ова прашање пред пратениците во април, барајќи од министерот за внатрешни работи, Давор Божиновиќ, да го продолжи рокот, со оглед на вонредните околности околу пандемијата на корона вирусот и силните земјотреси што ја погодија Хрватска.

Божиновиќ одговори дека, и покрај пандемијата, „процесот никогаш не запрел“ и оти биле поднесени околу 200 барања од луѓе чии родители имале хрватско државјанство, при што биле решени „нешто повеќе од 100“ барања.

Хрватското Министерство за внатрешни работи не одговори на нашето прашање за бројот на апликации дојдени од Србија и колку такви апликанти добиле државјанство откако законот стапил во сила.

Според Хуманитарниот центар за интеграција и толеранција, партнер на Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци, кој им помага на хрватските Срби, повеќе од 500 луѓе добиле хрватско државјанство, откако амандманите стапиле во сила.

Етничките Хрвати наспроти децата на хрватските граѓани

Хрватскиот државен архив во кој се ноѓа Хрватскиот меморијално-документациски центар на Татковинската војна. Фото: Викимедија комонс/Сурадник 13

Според законот за хрватско државјанство, лице родено во странство, на кое најмалку еден родител му е хрватски државјанин, може да добие хрватско државјанство, под услов, до својата 21 година, да е регистрирано во конзуларна канцеларија во странство или во матична служба во Хрватска.

Ако некое лице, поради некоја причина, не се регистрирало до својата 21 година, сега има рок до крајот на 2021 година да поднесе барање за упис во регистарот на државјани.

Меѓутоа, постапката е закомплицирана поради фактот дека апликантите мора да обезбедат докази дека не се осудувани, оти не претставуваат безбедносен ризик или дека не ѝ должат пари на државата.

Шпиро Лазиница од Хуманитарниот центар за интеграција и толеранција, вели дека некои хрватски Срби и понатаму имаат проблеми со добивање на државјанство.

Тој, како пример, наведува шест случаи, во кои на апликантите им било кажано дека немаат право на државјанство, иако, со измените на законот, тоа требало да им биде овозможено. Лазиница посочува дека Хрватска им дава приоритет на етничките Хрвати, во однос на хрватските Срби.

„Сега тие повторно се обидуваат да го протолкуваат законот рестриктивно, бидејќи многумина што не се Хрвати, односно што се Срби, аплицираат за државјанство, а тие не го сакаат тоа“, нагласува тој.

Ако хрватското Министерство за внатрешни работи одговори негативно на нивните барања, апликантите, како што вели тој, ќе поднесат жалба до хрватскиот Управен суд.

Со измените на законот беа укинати старите ограничувања кои предвидуваа дека само лицата чии родители или баби и дедовци имаат хрватско државјанство, можат да аплицираат за државјанство. Укинат е и условот барателот да зборува хрватски, да разбира латиница и да ја знае хрватската култура и „општествена структура“.

Во законот сега се наведува дека „припадник на хрватскиот народ“ кој не живее во Хрватска, може да се здобие со хрватско државјанство, доколку го почитува хрватскиот правен систем, ако ги платил сите потребни даноци и такси и доколку не е осудуван.

Законот, исто така, предвидува можност, хрватските емигранти и нивните потомци, да можат да добијат хрватско државјанство со натурализација.

Емигрант се дефинира како „лице кое емигрирало од Република Хрватска пред октомври 1991 година, со намера трајно да живее во странство“.

Сепак, Маршавелски наведува дека според законот, лицето што се преселило во друга југословенска република за време на СФРЈ, не се смета за емигрант.

„И тоа е дискриминација“, посочува тој, наведувајќи дека не треба да има разлика помеѓу луѓето што емигрирале во друга земја надвор од Југославија, додека таа сѐ уште постоела, и оние што се преселиле во Србија или во другите југословенски републики, кои подоцна станаа посебни држави.

Пред повеќе од еден век, голем број етнички Хрвати емигрирале во Северна или Јужна Америка, во Австралија или во Западна Европа, и нивните потомци имаат право да аплицираат за државјанство.

„Луѓето се дискриминирани затоа што избрале да се преселат во земја од поранешна Југославија, а не во Германија, Канада или Австралија“, заклучува Маршавелски.