Регион

Извештајот за страдањата во Сребреница е во спротивност со судски утврдените факти

Сите форензички докази се во согласност со сведочењата на сведоците, кои зборуваа за масовни егзекуции на илјадници Бошњаци

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Извештајот објавен минатата недела од Независната меѓународна комисија за истражување на страдањата на сите народи во регионот на Сребреница помеѓу 1992 и 1995 година, формирана од Владата на Република Српска (РС), дојде до заклучок кој можеше да се предвиди, дека масакрите извршени од силите на босанските Срби, не се геноцид.

Заклучокот на Комисијата ги одразува ставовите на политичките лидери на Република Српска (РС), кои ги отфрлија пресудите на меѓународниот суд, според кои масакрите во Сребреница извршени во јули 1995 година, претставуваат геноцид.

Претседателот на комисијата, израелскиот историчар, Гидеон Грајф, изјави за Радио-телевизија Република Српска (РТРС) дека во ниту еден момент десетмината членови на Комисијата, не почувствувале притисок, и дека се „1.000 проценти“ независни во својата работа.

Грајф нагласи дека „немало геноцид“ и дека бројот на жртви убиени во јули 1995 година, е помал отколку што е тоа наведено во пресудите на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ).

Во извештајот се тврди и дека повеќето од убиените биле војници, а не цивили.

Формирањето на комисијата предизвика загриженост кај балканските експерти на меѓународно ниво, во смисла дека се работи за политички мотивиран проект за негирање на геноцидот, од страна на властите на РС.

Извештајот беше критикуван бидејќи ги игнорира и е во контрадикција со некои факти утврдени од МКТЈ и од други судови, а БИРН провери колку клучните наводи се разликуваат од судски утврдените факти.

Дали бегаа борци или цивили?

Комисијата во извештајот наведува дека колоната што била формирана на 11 јули 1995 година, во селата во областа на Сребреница, Јаглиќи и Шушњари, со цел пробивање кон Тузла на безбедна територија, имала статус на „воена“ колона.

Според извештајот, евакуацијата на населението се одвивала во две големи групи, од кои во првата биле цивили, а во втората „припадници на 28 -та дивизија на 2-риот корпус на Армијата на БиХ“.

Повикувајќи се на наодите на Ричард Батлер, воен експерт кој сведочеше во речиси сите судења за Сребреница во Хашкиот трибунал, Комисијата во извештајот наведува дека „можеме да заклучиме дека колоната била воена формација, составена од военоспособни мажи и само многу малку жени, како и лица помлади од 16 и постари од 60 години“.

Во пресудите на Хашкиот трибунал се наведува дека околу една третина од колоната, се состоела од војници од 28 -та дивизија, а две третини од цивили, иако не сите војници биле вооружени.

Во пресудата против Радислав Крстиќ, поранешен командант на Дринскиот корпус на Војската на Република Српска (ВРС), се вели дека „обвинението во овој случај не наведува дека воените дејствија против колоната биле намерно или неселективно насочени против цивили во колоната“.

„Меѓутоа, илјадници мажи, босански муслимани, главно цивили, од колоната, биле уапсени и префрлени на локации за притвор, а потоа погубени“, се вели во пресудата на Крстиќ.

Во пресудата на Ратко Младиќ, поранешен командант на Главниот штаб на ВРС, исто така, се наведува дека при егзекуцијата на заробените мажи, ништо не било преземено за одвојување на војниците од цивилите, односно дека во сите овие егзекуции, военоспособните мажи систематски биле целени, без оглед дали биле цивили или војници.

Дали жртвите биле убиени во борба или биле погубени?

Photo: Hamdi Firat Buyuk/BIRN

Комисијата во извештајот наведува дека најголемиот број учесници во колоната, односно помеѓу 4.000 и 5.000, загинале во борбени операции, меѓусебни судири, вклучително и самоубиства.

Според извештајот, близу 300 военоспособни мажи не ѝ се приклучиле на колоната, туку побарале засолниште во базата на ООН во Поточари. Тие, како што се додава, биле префрлени во Братунац и „повеќето од нив биле убиени во масовното стрелање во наредните денови“.

Комисијата понатаму проценува дека бројот на заробени и погубени во јули 1995 година, се движел од 1.500-2.000 до максимум 2.500-3.000, и дека до оваа бројка е дојдено имајќи предвид дека околу 7.000 луѓе исчезнале, а меѓу 4.000 и 5.000 загинале во борба и други околности.

Сепак, МКТЈ утврди дека во рок од неколку дена, во јули 1995 година, силите на босанските Срби погубиле неколку илјади луѓе, како дел од голема, систематска операција.

Пресудата за геноцид во случајот против началникот на обезбедувањето на Дринскиот корпус на ВРС, Вујадин Поповиќ, утврди серија факти за бројот на убиени луѓе на различни локации.

Така, во неа се наведува дека масовните убиства започнале на 13 јули 1995 година во областа на Братунац, во складиштето во Кравица, каде што биле убиени најмалку 1.000 луѓе, и продолжиле од 14 до 16 јули 1995 година во регионот на Зворник, во Ораховац, каде биле убиени помеѓу 800-2.500 луѓе; потоа во Петковци, каде биле убиени повеќе од 800 луѓе; во Козлук, каде биле убиени повеќе од 1.000 луѓе; како и на економијата Брањево и центарот за култура „Пилица“, каде биле стрелани меѓу 1.000 и 2.000 жители на Сребреница.

Според пресудите на Хашкиот трибунал, невозможно е да се утврди точниот број на убиени, но сведоштвата поткрепени со форензички и демографски докази, покажуваат дека по заземањето на Сребреница, исчезнале значително повеќе од 7.000 луѓе.

Дали жртвите пронајдени во масовните гробници биле погубени?

Меморијалниот центар во Поточари. Фото: БИРН

Во извештајот на Комисијата се оспорува бројот на жртвите од Сребреница, закопани во масовни гробници и се доведува во прашање дали тие воопшто биле жртви на масовно стрелање.

„Не е неразумно да се претпостави дека присуството на шрапнели или експлозивни материи укажува дека одреден број лица загинале во борба“, се вели во извештајот.

Во пресудата на Крстиќ се потенцира оти Судскиот совет не може да ја исклучи можноста, дека одреден процент на тела во испитаните гробници, им припаѓаат на мажи убиени во борби.

Сепак, целокупните форензички докази се во согласност со сведочењата на сведоците, кои зборуваа за масовни егзекуции на илјадници Бошњаци во магацинот во Кравица, Ораховац, во воената економија во Брањево, во близина на браната кај Петковци и кај Козлук, се вели во пресудата.

Исто така, се наведува дека доказите покажале оти силите на босанските Срби спровеле голема операција за прикривање на злосторствата, во текот на септември и октомври 1995 година, при што тие „ископале многу тела од примарните масовни гробници и ги погребале на уште позафрлени локации“.

Покрај тоа, во пресудата на поранешниот претседател на РС, Радован Караџиќ, се наведува дека Главниот штаб на ВРС, ја организирал операцијата за повторно закопување, со помош на цивилните власти на босанските Срби и други единици на ВРС и полицијата.

Утврдување на злосторството-геноцид

Главното тврдење на Комисијата во извештајот е дека во Сребреница не се случил геноцид, бидејќи „не бил уништен значителен дел од заштитената група муслимани од Босна“.

„Не може да се дели гледиштето на Трибуналот – и покрај малата големина – дека населението од Сребреница сочинувало значителен дел од вкупното муслиманско население во БиХ и дека постоела одредена намера да се уништи заштитената група муслимани како таква“, се вели во извештајот.

Според членовите на комисијата, не биле исполнети посебните критериуми за постоење на посебна геноцидна намера и „не може да се утврди дека овие убиства се извршени со друга намера, освен елиминирање на воената закана“.

Статутот на МКТЈ дефинира неколку основи за утврдување на геноцидот, доколку делата се извршени „со намера да се уништи, целосно или делумно, национална, етничка, расна или верска група“.

Ова опфаќа убивање на членовите на таа група; предизвикување тешка телесна или ментална повреда на членовите на таа група; намерно наметнување врз членовите на таа група услови за живот, за кои се знае дека ќе доведат до нејзино целосно или делумно физичко уништување; воведување мерки насочени кон спречување на раѓања во таа група; присилно преместување на деца од таа група во друга.

Првата пресуда со која е утврден геноцидот во Сребреница, беше онаа што му беше изречена на Радислав Крстиќ во 2001 година, кога Трибуналот заклучи дека доказите покажуваат оти силите на ВРС имале намера да ги елиминираат сите босански муслимани од Сребреница, преку „масакр на сите военоспособни мажи од тоа заедница“.

При класифицирање на злосторството како геноцид, МКТЈ, исто така, го зеде предвид и „долгорочниот ефект, што би ја имала елиминацијата на 7.000 до 8.000 мажи од Сребреница, врз опстанокот на таа заедница“.

Во пресуда што ја донесе во 2007 година, Меѓународниот суд на правдата, исто така, ги дефинира масакрите во Сребреница како геноцид, заклучувајќи дека „тие се извршени со специфична намера за делумно уништување на група муслимани од Босна и Херцеговина“.