Регион

Борба за југословенските имоти на Косово

Косово тврди дека е законски сопственик на повеќе од 160 недвижности, што им припаѓале на југословенските општествени претпријатија

Иако поминаа повеќе од две децении, откако со војна се одвои од Србија, Косово сè уште се бори да добие сопственост на над 160 имоти низ поранешна Југославија.

Досега се покренати постапки за два имоти во соседна Црна Гора, поточно во општина Будва, со вкупна површина од околу 37.500 квадратни метри.

Иницијативата ја предводи Косовската агенција за приватизација (КАП), но институцијата се соочува со предизвик, со оглед на тоа што од седумте земји што произлегоа со распадот на Југославија, само Косово не беше република, туку автономна покраина во рамките на Србија. Косово прогласи независност во 2008 година, но Србија и (од другите поранешни републики) Босна и Херцеговина не го признаваат.

„Имотот за кој зборуваме е имот од 100 проценти инвестициите на Косово, од придонесот на косовски граѓани“, објаснува Сафет Герџалиу, поранешен претседател на Стопанската комора на Косово.

Но, не сите се согласуваат со ова, особено, Александар Вучиќ, претседателот на Србија, каде што Косово побарува 99 имоти.

„Не би било реално да имате шест проценти од населението, а толкав процент на имот“, изјави Вучиќ пред српските пратеници во јуни.

Хрватска побарува бензински пумпи во Косово

Врховниот суд на Хрватска. Фото: БИРН.

Имотот, односно 163-те недвижнини на кои КАП вели дека Косово полага право – главно претпријатија и претставништва – беа во сопственост на таканаречените „општествени претпријатија“ (хибриден модел на сопственост воведен во социјалистичка Југославија).

По распадот на Југославија, секоја нововоспоставена држава побаруваше имот лоциран во другите републики на поранешна Југославија, преку договорот за сукцесија потпишан во 2001 година, во кој Косово не беше една од страните.

Хрватската амбасадорка на Косово, Данијела Баришиќ, посочи дека постои  недостиг на политичка волја, во спроведувањето на договорот и дека процесот оди „бавно“.

Бидејќи Косово немаше статус на република во Југославија, неговиот имот беше префрлен на Србија, а поранешната покраина – штитеник на Обединетите нации скоро цела деценија – немаше право на гласа по ова прашање.

Дури и денес, Србија посочува дека имотот на кој Косово полага право е всушност сопственост на Србија, бидејќи Слободан Милошевиќ ја укина автономијата на покраината во 1989 година.

За првите чекори на Косово, врзано за побарувањата на имотот, се дозна на крајот на јуни оваа година. Имено, црногорските медиуми објавија дека косовското Министерство за правда покренало тужба против општина Будва и Санраф Бич Пропертис, барајќи поврат на околу 4.500 квадратни метри земјиште, кое некогаш било детско одморалиште кое го носело името на Ганимете Тербеши, Албанка од Косово и хероина од Втората светската војна. Од министерството потврдија дека тужбата е поднесена во април 2020 година.

КАП, исто така, бара поврат на 33.000 квадратни метри земјиште во Каменово, во близина на Будва, во кое некогаш било сместено одморалиштето Рекреатурс, за работници од Косово. Основниот суд во Приштина ја отфрли тужбата, а КАП поднесе жалба во март.

Ова прашање беше дополнително искомплицирано, кога Собранието кон крајот на мај гласаше за разрешување на одборот на КАП, кој долго време се соочуваше со обвинувања за корупција и неправилности во процесот на приватизација. Оваа одлука се смета за прв чекор кон затворање на Агенцијата, што на поранешните југословенски републики би можело да им го отежни полагањето на право на сопственост во Косово.

Имено, во 2007 година, Хрватска покрена судска постапка со барање за поврат на 23 бензински пумпи, за кои тврди дека се во сопственост на државната нафтена компанија ИНА.

„Случајот сè уште трае“, истакнува Баришиќ за БИРН, опишувајќи го ова како „предизвик за решавање“.

Во 2012 година, БИРН објави дека бензинските пумпи се користат нелегално од страна на „Косова петрол“, сопственост на Бедри Селмани, близок соработник на поранешниот косовски претседател, Хашим Тачи.

И други хрватски компании имаат побарувања во Косово, но Баришиќ нагласува дека поради разрешувањето на одборот на КАП, тие не знаат каде да се обратат. Економскиот експерт, Мухамет Мустафа, за БИРН нагласува дека специјалниот совет на Врховниот суд, е една од потенцијалните инстанци.

Што се однесува до имотот во Србија, на кој Косово, како што тоа нагласува, полага право, од КАП за БИРН велат дека немаат пристап до релевантната документација.

Канцеларијата за Косово и Метохија на Владата на Србија, не одговори на нашето барање за коментар за овој текст. Не добивме ниту одговор од црногорската Влада.

Косово го поздравува планот на ООН

Собранието на Koсово. Фото: БИРН/Урим Красниќи

Покрај 99 имоти во Србија, Косово тврди дека поседува уште 35 во Црна Гора, 15 во Босна и Херцеговина, осум во Северна Македонија, пет во Хрватска и еден во Словенија.

Списокот на имотот на Косово и нивната локација беше составен од претходникот на КАП, Косовската агенција за доверба, основана под привремената администрација на Мисијата на ООН во Косово, УНМИК, која управуваше со земјата по повлекувањето на српските сили во јуни 1999 година

Агенцијата „заклучи дека тие се сопственост на Косово и оти може да се побаруваат од друга инстанца, со решавање на правниот статус на земјата“, нагласува за БИРН, Бујар Дуголи, косовски министер за трговија, помеѓу крајот на 2004 и почетокот на 2008 година.

Во 2007 година, претставникот на ООН, Марти Ахтисари, предложи форма на надгледувана независност на Косово, заснована на планот во кој се наведува дека сите средства на српските општествени претпријатија во Косово, ќе се сметаат за имот на Косово, како и имотот на косовските општествени претпријатија на други места во поранешна Југославија.

Србија го отфрли планот на Ахтисари, но Косово, по прогласувањето независност во 2008 година, го поддржа.

„Тоа беше една од најважните победи на Косово“, вели економскиот експерт, Мухамет Мустафа, бидејќи планот го потенцира косовското „право да го регулира пристапот до имотот, слично како и другите ентитети во поранешна Југославија“.

Кој одлучува?

Потпретседателот на Владата на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, кој по потекло е Албанец, изрази поддршка на барањето на Косово во врска со имотот во Будва. Тој за новинарите на 25 јуни изјави: „Овој случај не спаѓа во надлежност на Владата, се надевам дека тоа ќе се заврши, бидејќи судскиот систем функционира независно, но на овој случај треба да се изврши позитивен притисок“.

Но, Никола Пламенац, секретар на Секретаријатот за заштита на имотот во Будва, за црногорските медиуми минатиот месец изјави дека само меѓународните тела се „надлежни да одговорат на прашањето за сопственост“, а не локалните судови.

Баришиќ предлага билатерален договор меѓу Косово и Хрватска, во насока на регулирање на имотните проблеми, како оние меѓу Хрватска и Словенија, и Хрватска и Северна Македонија.

Но, Мустафа за БИРН вели дека тоа само дополнително ќе го политизира ова прашање.

„Имотот на која било република или автономна покраина му припаѓа на нејзиниот народ, а посебните побарувања се решаваат преку судовите, а не како институционални прашања на државата“, заклучува тој.