Интервјуа

Не даваме ГТЦ да се претвори во обичен затворен „мол“

Полна со оптимизам, архитектката од иницијативата „Го сакам ГТЦ“, Даница Павловска, во интервју за БИРН говори за претстојниот референдум на 26 април, на кој жителите од Центар ќе одговараат на прашањето „Дали сте за зачувување на автентичниот изглед за ГТЦ?“.

Со новиот проект, кој не можам да го наречам барок, бидејќи ми ја навредува професионалната интелигенција, се нарушува концептот, функцијата и содржините на Градскиот трговски центар, вели Павловска | Фото: М. Јордановска

Со новиот проект, кој не можам да го наречам барок, бидејќи ми ја навредува професионалната интелигенција, се нарушува концептот, функцијата и содржините на Градскиот трговски центар, вели Павловска | Фото: М. Јордановска

Веќе две години Даница Павловска, како доскорешен претседател на Здружението на архитекти на Македонија и како член на граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“, со сите сили се труди да ѝ претстави на јавноста зошто Градскиот трговски центар (ГТЦ) не треба да биде облечен во „барокно руво“ и треба да ја задржи автентичноста.

Полна со оптимизам, таа, во интервју за БИРН, говори за претстојниот референдум на 26 април, на кој жителите од Центар ќе одговараат на прашањето „Дали сте за зачувување на автентичниот изглед за ГТЦ?“.

Со Павловска се сретнавме на една од многубројните трибини кои се организираат во последниов период каде што граѓаните и стручната јавност имаат можност да дискутираат околу изгледот на Градскиот трговски центар и проектот кој предвидува неговата фасада да се претвори во барокна.

Таа избегнува да го употребува терминот „барок“, особено за новиот изглед на ГТЦ.

„Со новиот проект, кој не можам да го наречам барок, бидејќи ми ја навредува професионалната интелигенција, се нарушува концептот, функцијата и содржините на Градскиот трговски центар“.

Нема да дозволиме невкусен декор и затвореност на ГТЦ

Претстојниот референдум во Центар е историски, со оглед на тоа што е прв и во општината Центар и во Скопје.

Една од акциите за спас на Градскиот трговски центар, инициран од „Го сакам ГТЦ“ | Фото: Официјална фејсбук страна на граѓанската иницијатива

Една од акциите за спас на Градскиот трговски центар, инициран од „Го сакам ГТЦ“ | Фото: Официјална фејсбук страна на граѓанската иницијатива

„Се радувам што почнува да се употребува таа демократска алатка, референдум, и се надевам дека ќе се практикува и понатаму бидејќи на локално ниво е од иницијално значење“, вели Павловска и додава дека „граѓанинот е тој што треба да е инволвиран во процесот на одлучување и најдобро знае што му треба, за да сугерира решенија“.

„Не секогаш се предлагаат добри решенија и планови од затворени канцеларии и кабинети“, смета Павловска.

На Советот во општината Центар кон крајот на март годинава, кога се гласаше дали да има референдум за изгледот на ГТЦ, ниту еден од советниците не гласаше „против“. Дванаесет советници беа „за“, а 11 „воздржани“.

„Тоа апсолутно означува дека во земјава почнува една атмосфера на развој“, смета Павловска.

Веднаш по гласањето во општината, граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ почна со засилени активности.

„Во последниве недели ги имаме најголемите активности – толкување на вредностите на ГТЦ, појаснување и разјаснување за значењето на овој објект. Ако во последниве 40 години тој бил и сè уште е срцето на градот и е прифатен како таков, тоа значи дека постои некаков однос на припадност на граѓаните и граѓаните на него“, вели Павловска.

Еден од штандовите поставен во центарот на Скопје | Фото: Фејсбук страна на „Го сакам ГТЦ“

Еден од штандовите поставен во центарот на Скопје | Фото: Фејсбук страна на „Го сакам ГТЦ“

Со поставените штандови на повеќе локации во Скопје, оваа иницијатива која обединува дваесетина невладини организации, им го објаснува на граѓаните значењето на ГТЦ за главниот град. Трговскиот центар, кој има 121 илјади квадрати, не смее да биде затворен, смета Павловска, бидејќи тоа ќе ги задуши градот.

„Проектот за тоа како треба да изгледа ГТЦ воопшто не е публикуван. Ние имаме само фасади во 3Д на интернет. Но, она на што наговестуваат фасадите е невкусен декор, ама тоа да го тргнеме настрана зошто со тоа е преплавен центарот. Димензијата и поставеноста на фасадите укажуваат дека внатре концептот се руши. Се затвора објектот, контактите кои ги има со реката Вардар и со паркот повеќе нема да постојат и тоа значи дека концептуално идејата се руши“, вели таа.

Токму од овие причини, вели таа, тие ќе продолжат да се борат ГТЦ да биде обновен, но сепак да ја задржи автентичноста.

„Тој е во девастирана состојба и бара интервенција, но во смисла на обнова, со задржување на автентичноста. Со неговото иновирање можат да се добијат нови перформанси, енергетска ефикасност или нови квадрати на кровната површина. Меѓутоа, она што би сакале да се задржи е основниот концепт, кој подразбира јавен сообраќај во подземјето и отвореност кон сите страни. Исклучено е да се затвори и тој да стане „мол“, ако сакаме да остане автентичен“.

Силата е кај граѓаните

Граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ има поднесено иницијатива со цел Градскиот трговски центар да се прогласи за културно наследство, за секоја наредна интервенција во иднина да биде правена така што нема да ја наруши неговата композиција.

„ГТЦ некогаш бил регистриран во евиденциите за културно наследство меѓутоа не бил проследен низ процедура и затоа го нема тој статус. Ние упативме иницијатива за ре-прогласување на културно наследство на објетот, скулптурата и композицијата. Доколку референдумот биде успешен и ако повеќе од 50 отсто од излезените граѓани се изјаснат да се задржи автентичноста на ГТЦ, тогаш Советот на општината донесува одлука во која ќе можат да се вградат параметрите по кои ќе може да се интервенира на тој објект“, вели Павловска.

Граѓанската иницијатива досега има собрано околу 10.000 потписи за спас на ГТЦ.

„Преку поддршката на граѓаните осетив дека во нив е силата и дека со голема упорност и оптимизам сè може да се оствари. Очигледно е дека тие сакаат нешто да сторат“.

Даница Павловска е еден од најактивните членови на граѓанската иницијатива која претендира да се задржи автентичниот изглед на ГТЦ | Фото: Фејсбук страна на „Го сакам ГТЦ“

Даница Павловска е еден од најактивните членови на граѓанската иницијатива која претендира да се задржи автентичниот изглед на ГТЦ | Фото: Фејсбук страна на „Го сакам ГТЦ“

Додека го завршуваме разговорот, на трибината во Паркот на франкофонијата веќе почнуваат да се собираат граѓани. Павловска вели дека во одреден период почувствувала апатија, и кај граѓаните и кај архитектите, во однос на новиот изглед на градот, но иницијативата за спас на ГТЦ повторно ги обединила.

„Во почетокот, пред да се оформи иницијативата за спас на ГТЦ, асоцијацијата на архитекти чиј претседател бев јас 4 години, се обиде да влијае на одлуките што се донесуваат во однос на Скопје 2014 и сето она што се случуваше во градот. Но, динамиката на реализацијата на тој проект и игнорантскиот однос кон нашите ставови донесе еден апатичен период, период во кој луѓето не веруваа дека било што може да се стори“, вели таа, додавајќи дека сега „работите видно се менуваат“.

Благо се насмевна кога ја прашавме какво е нејзиното чувство кога поминува низ центарот на Скопје.

„Иритирачки е, но јас сум често таму, па имам фази и на насмевнување“, вели таа.

Впечатокот од нејзиниот одговор јасно ни даде до знаење дека во моментов оптимизмот дека ГТЦ нема така лесно да биде даден да се дотера во „барок“, дава надеж дека и понатаму ќе се слуша гласот на граѓаните кога станува збор за објекти кои го чуваат духот на еден град.