Интервјуа

Мелија: Македонија да покаже сериозност по обвинувањата за пуч

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Мора да се води сметка за правните стандарди, вели претставникот на американскиот Стејт департмент Томас Мелија за БИРН, коментирајќи ја тензијата која ескалираше по наводниот обид за преврат во Македонија

Томас Мелија е помошник – заменик секретар во Бирото за демократија, човекови права и труд во Вашингтон / Фото: С. Ј. Марушиќ

Томас Мелија е помошник – заменик секретар во Бирото за демократија, човекови права и труд во Вашингтон / Фото: С. Ј. Марушиќ

Во интервју за БИРН, помошник заменикот секретар во Бирото за демократија, човекови права и труд вели дека Вашингтон ги поддржува стабилноста и напредокот на Македонија.

Сепак, за тоа е потребна функционална демократија, а на независните судски тела треба да им биде дозволено непречено да ја вршат својата работа.

„Ние сметаме дека само ако институциите работат, само ако се почитуваат правата на поединците и само ако постои сериозен процес со интегритет, кој ќе ги истражи потенцијалните проблеми, може да продолжи зајакнувањето на државата и таа да стане подобар безбедносен, економски и политички партнер“, вели Мелија.

„Се надеваме дека македонските власти ќе донесат добри одлуки за тоа како да се зајакнат институциите на младата демократија што владее во Македонија и ќе се спроведе сериозна истрага за наводните или потенцијални кривични дела.“

Ова се однесува на саботното телевизиско обраќање на премиерот во кое тој упати опасни обвиненија кон лидерот на опозицијата, Зоран Заев.

Груевски рече дека лидерот на Социјалдемократите му се заканувал дека ќе објави компромитирачки податоци за високи функционери, доколку премиерот не се согласи на формирање техничка влада во која ќе биде вклучена и неговата партија.

Полицијата му го одзеде пасошот на Заев и уапси тројца во врска со случајот „Пуч“. Премиерот вети фер судење.

„Не ми е сосема јасно кое е стореното кривично дело или делото што наводно ќе се сторело“, изјави високиот американски функционер.

„Чекаме да дознаеме повеќе за ова и се надеваме дека ќе се почитува принципот на владеече на правото. Да зборуваме прво за доказите, а потоа за обвинувањата, доколку се неопходни, па ќе видиме дали институциите функционираат како што треба“, рече Мелија.

Основото јавно обвинителство, во меѓувреме, ги предупреди новинарите да се држат подалеку од „материјал кој подоцна може да биде дел од истражна постапка“, затоа што тоа е „забрането и казниво со закон“.

Критичарите на Владата го карактеризираа овој потег потег како обид да се спречи објавување на каков и да е материјал кој доаѓа од опозицијата, а се однесува на наводни незаконски активности на власта, со тоа што би ги ги прогласила за доверливи.

Мелија го става под прашање предупредувањето на јавниот обвинител, за кое вели дека ќе биде тешко да се следи.

„Ми се чини дека за новинарите ќе биде тешко да знаат што може биде предмет на криминална истрага во иднина“, заклучи тој.

„Не сум сигурен како би ги следеле тие насоки и да сакаат“, додава тој за БИРН.

„Со сигурност може да се каже дека американска посветеност и дефинитивно политика на американската Влада е да ги поддржува независните медиуми и правата на новинарите да ја вршат својата работа.“

„Тоа е нешто што е многу важно и многу веродостојно и мислам дека луѓето треба да го сфатат сериозно. Пријателите на Македонија сакаат тие институции да бидат зајакнати“, рече тој во контекст на судството.

Запрашан дали очекува опозицискиот лидер да добие фер судење, Мелија рече дека ќе биде мудро Македонија да не ги игнорира сигналите на загриженост кои доаѓаат од дома или од организациите за човекови права од странство.

„Кога луѓето посочуваат дека се разочарани или фрустрирани од нешто што не функционира, тогаш значи дека постои проблем во демократските процедури, а не дека се непријателски расположени кон Македонија“, рече.

„Тоа е затоа што тие се пријателски расположени кон Македонија и сакаат оваа земја да успее. Многу сериозно би ги сфатил оценките на независните групи како `Фридом хаус` која секоја година ги објавува своите проценки, а годинава изрази загриженост за трендовите во Македонија. “

„Не би се жалел за пренесувачот на пораката туку би рекол да ги погледнеме посочените прашања. Истото би го сторил и со проценките на ОДИХР за условите во кои се спроведуваат изборите“, изјави Мелија за БИРН.

Во извештајот на американскиот Стејт департмент за почитување на човековите права за 2013 година, се вели дека Македонската влада „употребува политички притисок и условувања за да влијае врз судството“.

Извештајот, исто така, потенцира веродостојни тврдења дека „постои вмешаност во големи и важни случаи кои вклучуваат злоупотреба на институции или злоупотреби на официјални позиции за да им се наштети на функционери или членови на партии или пак, да се заплашат клучните опозициски лидери“.

Мелија вели дека Владата на САД наскоро ќе го публикува новиот извештај за човековите права за 2014.

„Ќе видите, како што беше и пред една година, како ние гледаме на овдешните случувања. Не ставаме бројки, но мислам дека ќе биде повеќе од јасно која е нашата оценка.

Ги поддржуваме европските аспирации на Македонија и би сакале да ги повикаме сите Македонци во и надвор од Македонската влада, да се водат по европските стандарди, затоа што тие им помогнаа на голем број од вашите соседи, како и на поголемиот дел од Европа“, заклучува Мелија.