Репортажи

Мегапаркови во ниви и во маалски ќошиња

Како се реализира едно од клучните ветувања на скопската градоначалничка

Во киоскот со натпис „чизбургер“, поставен до мегапаркот што го направи скопската градоначалничка Данела Арсовска во Општина Ѓорче Петров, одамна не бил направен и продаден ниеден сендвич. Тој служи како куќарка за неколкутемина чувари што на смени внимаваат на овој парк.

Дваесет и четиричасовното обезбедување тука било потребно, ни рече дежурниот чувар, бидејќи локацијата е надвор од населено место и нема струја, што привлекува несакани ноќни посетители и го зголемува ризикот од оштетување на клупите и на зеленилото.

„Навечер светиме со ламби, а се грееме на дрва“, додаде тој, покажувајќи на складираните цепаници до киоскот.

Мегапарковите беа едно од клучните ветувања на Арсовска во предизборната кампања во 2021 година, заедно со бесплатниот јавен превоз и новите автобуси. За разлика од превозот, ова ветување се реализира. Но, какви се резултатите од реализацијата?

Посетивме четири од петте ветени паркови, бидејќи последниот не е ниту почнат. Три се веќе во употреба, а четвртиот е во изградба. Еден е опкружен со ниви и со депонии и е надвор од населено место, друг е уредено зеленило меѓу згради, а трет е на траса каде што треба да се гради булевар. Некои имаат многу помала површина од онаа што беше најавена, или помалку елементи од тие што беа ветени на почетокот.

„Следете ги тополите“

Мегапаркот во Ѓорче Петров завршува во нива и во ѓубриште | Фото: БИРН

Откако ниту сателитската навигација на мобилните телефони не ни помогна да го најдеме мегапаркот во Ѓорче Петров и нè однесе прво во депонија покрај Лепенец, а потоа во слепи улички меѓу куќите во Ново Село, помош побаравме од локален жител.

„Следете ги тополите, паркот е веднаш зад нив“, ни рече тој.

До тополите, пак, се поминуваше низ повеќе ниви и други имоти.

Првото нешто што го забележавме на мегапаркот беше паркингот. Просторот за паркирање таму е корисен, со оглед дека паркот се наоѓа среде ниви, со само пет-шест куќи и два-три индустриски објекти во близина, и е на половина километар оддалечен од најблиското населено место, Ново Село.

Логично се наметна прашањето – зошто некој би правел парк овде?

„Мегапаркот во Ѓорче Петров е речиси целосно реализиран, а преостанува поставувањето на урбаната опрема, која е предвидено да биде поставена во следниот период“ изјавија од Град Скопје без да потенцираат кога ќе биде тоа.

Киоскот на чуварите во Ѓорче Петров | Фото: БИРН

Оттаму појаснија дека локацијата на која е изграден мегапаркот во Ѓорче Петров, претходно била дива депонија што предизвикувала значително загадување на просторот и на воздухот во тој дел на градот, па затоа било одлучено токму таму да се спроведе проектот.

На северната страна до паркот сè уште има дива депонија, а и реката Лепенец што поминува веднаш покрај него е полна со ѓубре.

Мегапаркот има површина од над 30 илјади квадратни метри. Долг е околу 400 метри, односно за да се стигне од едниот до другиот крај се потребни десетина минути. Местото не изгледа идентично како видеоанимацијата што градоначалничката Арсовска ја објави во 2022 година на својот фејсбук-профил. Таму имаше и фонтани, летниковци и парк за миленици, кои на теренот ги нема. А тоа што најмногу недостасува е електричната инсталација и осветлувањето.

Според најавеното соопштение, овој парк чини 1,1 милион евра.

„Микропарк Чаир“

Проектот во Чаир е преуредено блоковско зеленило | Фото: БИРН

Таблата на која пишува „Мегапарк Чаир“ е главниот показател дека ова парче зеленило меѓу булеварот Македонско-косовска бригада и зградите е посебен проект, а не обично маалско зеленило. Просторот и порано беше зелен, со големи дрвја, а нови се патеките, неколку видиковци и други елементи.

Најпосетен дел од овој парк се лулашките и другите детски реквизити, каде што неколку мајки си играа со децата.

Споредувајќи ги цртежите од промовирањето на паркот и тоа што е реализирано досега, во него недостигаат 23 летниковци, ново детско игралиште, парк за миленици и фонтани. Од Град Скопје велат дека средствата за тоа се обезбедени и дека паркот ќе се доправи во иднина. Оттаму не кажаа колку чини уредувањето на овој простор.

„Мегапаркот во Чаир е во постапка на реализација. До овој момент е завршено поставувањето на зеленилото, а преостанува инсталирањето на урбаната опрема за која обезбедени се средства и план за реализација“, се вели во одговорот од Градот.

Парк врз булеварска траса

Паркот во Аеродром е покрај недовршениот булевар Видое Смилевски Бато | Фото: БИРН

Мегапаркот во Аеродром е, всушност, продолжение на т.н. проект „Рајски парк“, кој го направи поранешниот градоначалник Коце Трајановски покрај последната станица на автобуската линија број 5 во Ново Лисиче.

Она што е ново во овој простор е обновениот тревник, изградената пешачка патека и поставените летниковци меѓу последна „петка“ и паркот Авионче од околу 800 метри, меѓу булеварот АСНОМ и комплексот на Фудбалската федерација на Македонија.

Новиот тревник во мегапаркот во Општина Аеродром | Фото: БИРН

Урбанистичката документација покажува дека дел од ова зеленило и некои елементи се наоѓаат на трасата каде што треба да се направи вториот крак од булеварот АСНОМ, што значи дека ако некогаш почне тој проект, дел од мегапаркот ќе треба да се уништи.

Нема конкретен одговор зошто е одлучено така. Од кабинетот на градоначалничката само рекоа дека Рајскиот парк бил делумно оштетен кога се градел колектор и затоа решиле да го обноват зеленилото таму.

Ризично ќоше

Мегапаркот во изградба во Кисела Вода, меѓу пругата и улицата Есенинова | Фото: БИРН

Мегапаркот во Кисела Вода, сместен во ќоше меѓу пругата и улицата Есенинова, почна да се уредува во декември 2023 година. Во средината на март 2024, кога го посетивме местото, тоа не изгледаше различно од денот кога свечено беше одбележан почетокот на работите. Освен што овојпат немаше ниту булдожери, ниту работници, само купишта земја и отпадоци.

Од најавени 52 илјади квадратни метри, нема ниту две илјади на просторот што се уредува, според пресметките од сателитските снимки. Имотите во продолжение се приватни, а од Град Скопје истакнаа дека се планира тие да се откупат.

„Во овој момент, секторот за уредување ја процесуира експропријацијата“, велат оттаму за БИРН.

Жители предупредуваат дека паркот се прави до прометна улица | Фото: БИРН

Улицата Есенинова беше доградена во 2021 година за да ги поврзе населбите Кисела Вода и Пролет. Со тоа, сообраќајот на неа драстично се зголеми. Една жителка на населбата вели дека е чудно што токму тоа место е избрано за парк.

„Никако да не се постават реквизити за деца на ова место. Опасно е тие да трчаат тука, кога има улица и пруга веднаш до паркот“, ни рече таа.

Најавите се дека уредувањето на овој парк ќе заврши  до крајот на годината и тој ќе чини 486 илјади евра.

Изградбата на последниот парк во Карпош ќе почне во текот на оваа година, а според информациите што ги добивме од градот, тој ќе чини нешто помалку од милион евра.