Вести

Не ја спречиле пиротехниката во „Пулс“ и не овозможиле безбеден излез

Обвинението за 13 полицајци открива кои се нивните пропусти

Началник на СВР Штип и на ОВР Кочани, главен инспектор за прекуграничен криминал, инспектори за дрога и оружје и за општ криминал, сменоводители, водич на реон во Кочани… Oва се профилите на полицајците кои треба да седнат на обвинителна клупа на први април, кога почнува судењето за полициското непостапување во кочанската дискотека „Пулс“.

Обвинението кое БИРН го доби од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, ја лоцира одговорноста кај 13 полицајци затоа што не постапиле според усвоениот план за акциска контрола во дискотеката, на кобниот 16 март 2025.

Планот бил одобрен два дена пред да се случи трагедијата на 14 март. Обвинителката Ивана Алексова Трајчева ги товари полицајците дека планот бил одобрен без да се спроведат сите неопходни проверки кои се во надлежност на МВР.

„Двајца од обвинетите планот го изготвиле врз основа на претходно изготвени планови, без да изменат каква било точка што би била во корист и ефикасност при постапувањето“, стои во обвинителниот акт.

Полицајци од Пробиштип и Кочани биле испратени во 2 часот по полноќ да направат акциска контрола, а други обвинети не им дале „конкретни насоки како да постапуваат внатре во кабарето ‘Пулс’“.

АНАЛИЗА
Eдна година по „Пулс“: Незавршена истрага и четири судски процеси

Деветмина од нив влегле десетина минути пред да се запали пиротехниката во 2 часот и 22 минути. Тие, заедно со нивниот колега полицаец што почина во пожарот, Тоше Тодоровски, се обвинети дека не презеле мерки да ги откријат прекршоците и другите кривични дела за кои е надлежна полицијата. Со други зборови, не го спречиле активирањето на пиротехниката во моментот кога ја вршеле контролата.

Според обвинението, полицајците не направиле „процена и управување со ризик“, како што им налагаат стандардните оперативни процедури кога постои ризик по јавниот ред и мир и каде што има поголемо учество на полицијата.

На смртноста значително влијаела токму „преполнетоста на објектот со посетители кои пробувале да излезат со масовно туркање, што резултирало со паѓање на посетителите во ходникот“.

Обвинетите полицајци, како што пишува во обвинителниот акт, не презеле ништо со што би овозможиле побрз и побезбеден излез на присутните во дискотеката, со што придонеле да загинат 63 луѓе, а 223 да се здобијат со повреди.

ДОСИЕ
Пожар во Кочани

Ним додека трае постапката судот на барање на обвинителството им ги одзеде пасошите, им изрече забрана да го напуштаат жиивеалиштето, забрана да контактираат со одредени луѓе, да се јавуваат редовно кај судски службеник и да преземаат активности кои се поврзани со кривичното дело.

Полицајците се обвинети за истото кривично дело како што се обвинети и 35 луѓе во големиот предмет кој се суди во судницата во Идризово. Им се заканува затворска казна од 3 до 20 години. Предметот ќе го суди Фанка Јанчулева-Михаиловска.

Едниот од овие 13 полицајци е обвинет и во друго обвинение со двајца колеги, зашто прекршоците за „Пулс“ ги впишувале на неактивната фирма.

Покрај овие две обвиненија, на 25 март почнува судењето за злоупотреба на службената положба и овластување за деветмина полицајци. Иако дискотеката немала доволно паркинг-места, а претходно биле пријавувани нарушувања на јавниот ред и мир, обвинетите дале согласност за Министерството за економија на „Пулс“ да му издаде лиценца.