Маријана Калпацоглу живееше во сенката на Акропол сè додека туристите не ја „избркаа“.
„Поради туристичките автобуси и бизнисите за изнајмување автомобили, не можевме да паркираме во областа околу Акропол“, изјави за БИРН, 44-годишната наставничка од Атина. Пред 18 месеци, таа се пресели во областа Кукаки, во грчката престолнина, но и тоа не го смета за вистинско бегство.
Прекумерниот туризам „исто така е голем проблем во Кукаки“, рече таа, „не е толку трагично како во областа околу Акропол, каде што не можете да одите ниту како пешаци“.
Со повеќе од 30 милиони странски посетители минатата година, Грција се потпира на туризмот за околу 11,5 отсто од своето национално производство.
Една петтина од грчкото население од околу 10 милиони луѓе живее од туризмот. Меѓутоа, за многумина од оние што не заработуваат од оваа дејност, туризмот стана проклетство, кое го нарушува нивниот секојдневен живот до степен на неприфатливост.
Инфраструктурата се соочува со бројни проблеми поради годишниот прилив на посетители и затоа, како и незадоволните жители на Венеција, Барселона, Сан Тропе и Дубровник, многу Грци почнуваат да се сомневаат во одржливоста на масовниот туризам во 21 век.
„Има сообраќаен метеж и недостиг од инфраструктура, како паркинзи, несоодветни водоводни и канализациски мрежи, но и исцрпување на природните ресурси, управување со отпад и огромно загадување на животната средина“, рече професорката Катерина Кикилија, раководителка на Катедрата за туризам и менаџмент на Универзитетот на Западна Атика.
„Сето ова има несогледливи последици за локалното население“.
Атина: Сообраќаен метеж и преполни канти за ѓубре
Калпацоглу одела на работа со автомобил, сè додека не се нашла во ситуација да „врти кругови“ само за попладне да најде место за паркирање при враќањето дома. Поради тоа, таа почнала да патува со велосипед.
Причината е очигледна. На едниот крај од пешачката улица, Дионисиу Ареопагиту, во непосредна близина на јужната падина на Акропол, се паркираат туристичките автобуси за да ги остават туристите што доаѓаат во Атина со бродовите за крстосување, кои се закотвуваат во Пиреја.
„Автобусите првин го минуваат градот Пиреја во ‘шпиц’ време и се обидуваат да застанат што е можно поблиску до археолошките локалитети“, рече Никос Белавилас, професор по урбанистичко планирање на Националниот технички универзитет во Атина, создавајќи го она што тој еуфемистички го нарече „техничка бариера“.
Минатото лето, 1,5 милион туристи пристигнаа во Атина со бродови за крстосување, а 7,1 милиони со авион. Главниот град и неговата околина имаат население од нешто повеќе од три милиони жители, од кои, околу 700.000 живеат во самата Општина Атина.
Во обид да го реши проблемот со туристичките автобуси, во јуни, општината склучи договор за изнајмување паркинг кај Олимпискиот теквондо стадион на пет месеци. Но, Белавилас објаснува дека тоа може да биде само краткорочно решение.
„Денес, областа Калироис е блокирана. Во иднина, ако автобусите паркираат на стадионот Теквондо, тие ќе ги блокираат раскрсниците на авенијата Сингру“, рече тој.
Тоа ќе создаде уште еден проблем, бидејќи „загаденоста на воздухот е огромна од стотици автобуси што работат истовремено“.
Покрај сообраќајниот хаос, поради летниот прилив на туристи се создава и проблем со управувањето со отпадот.
Триесет и тригодишната Аријана рече дека нема каде да го фрла ѓубрето во живописната населба Псири, каде што живее. Службите за ѓубре во областа не успеале да ги опслужат локалните жители поради експанзијата на хотели, ресторани и барови во последниве години.
„Нема доволно корпи за отпадоци во Псири“, рече Аријана за БИРН. „Го собирам ѓубрето во големи вреќи и го носам на мојот скутер еднаш на неколку дена. Ама ова не е одржливо бидејќи по некое време ѓубрето почнува да смрди поради жешкото време“.
Во разговор со БИРН, градоначалникот на Атина, Харис Дукас, 44-годишен професор по енергетска политика, релативно непознат за јавноста, кој ja доби градоначалничката функција кон крајот на минатата година со поддршка на левичарската опозициска партија ПАСОК – вети дека ќе го засили персоналот со стотици собирачи на ѓубре, а потенцираше дека улиците веќе поредовно се чистат.
Тој е свесен за обемот на проблемот.
„Атина има услуги и ресурси што одговараат на потребите за чистота на 700.000 граѓани, што е нејзиното резидентно население“, рече тој. „Сепак, во реалноста, Атина мора да ги исполни барањата создадени од нејзините седум милиони посетители. Ова не е едноставна работа“.
Санторини: „Не може да се живее“
Санторини (официјално Тира), најјужниот од островите Киклади, има население од околу 15.000 жители. Во 2023 година биле регистрирани 3,4 милиони туристи, а во некои денови годинава, над 10.000 луѓе биле донесени таму со бродови за крстосување.
Предупредувајќи за „уште еден тежок ден“ за островот, во јули, општинскиот советник Панос Каваларис, преку Фејсбук упати повик до сите за „да го намалат движењето“, со оглед на бројот на туристи што пристигнале. Тој, подоцна ја избриша објавата откако локалниот градоначалник ја оспори бројката од 17.000 што ја споделил советникот, а многумина на Фејсбук го обвинија дека сее страв.
Градоначалникот Никос Зорзос, за БИРН, изјави дека островот „се соочува со истите предизвици со кои се соочуваат сите популарни дестинации“.
„Местото не може да се менува“, рече тој. „Со овие бројки на посетители, природно е да се чувствува притисок во однос на услугите и управувањето“.
Јоанис Спиланис, професор на Катедрата за животна средина на Егејскиот универзитет и директор на опсерваторијата за одржлив туризам во Егејот, заклучи дека „ситуацијата во Санторини е тешка, да не речам неиздржлива“, додавајќи дека островот личи на „град со сериозни проблеми во сообраќајот“.
Од следната година, грчката влада соопшти дека ќе го ограничи бројот на пристигнувања на патници за крстосување во Санторини на 8.000 дневно, а размислува и за зголемување на данокот за секој посетител на островот од две на 10 евра.
Исто така, за жичарницата на островот ќе се издаваат електронски билети за да се избегнат долгите редици, а на туристите ќе им бидат понудени директни екскурзии до помалку фреквентните делови на островот.
„Ова се непосредните мерки, кои во голема мера зависат од општинската власт“, изјави, за БИРН, градоначалникот Зорзос. „Во соработка со централната влада, бараме стопирање на нови лиценци за туристички кревети и брзо унапредување на проектите што се однесуваат на новата туристичка марина и новото пристаниште на Санторини.“
За Андонис Пагонис, шеф на Здружението на хотелиери во Санторини, сепак, прекумерниот туризам е мит. Прашањето е како се менџира туризмот, истакна тој.
„Како прво, нема прекумерен туризам на Санторини или на кој било друг грчки остров бидејќи туристите го посетуваат само шест месеци во годината“, рече Пагонис.
„Второ, прекумерниот туризам не е проблем. Проблемот е недостигот од организација и грешките на владата: нема соодветни пристаништа, патишта, системи за вода, електрична енергија – на многу острови, не само на Санторини“.
Општинските власти, исто така, долго време бараат подобра инфраструктура, иако градоначалникот Зорзос предупреди да не се преоптоварува островот „со бетон и челик“. Инфраструктурата, рече тој за БИРН, „мора да биде интегрирана во уникатноста на пејзажот, да се почитува животната средина и, се разбира, големината на островот“.
Сифнос: Недостигот од вода предизвикува вонредна состојба
На друг од островите Киклади, островот Сифнос, државните власти прогласија едномесечна вонредна состојба за цивилна заштита во јуни поради недостиг од вода.
Според „Одржливи Киклади“, медиумски проект посветен на справување со притисоците од прекумерниот туризам и инвестиции на островите, потрошувачката на вода на Сифнос двојно се зголемила во јуни, во споредба со истиот месец минатата година.
Критичарите сметаат дека овој проблем е предизвикан од новоизградените вили со базени и градини, кои редовно трошат многу вода. Поради сувата клима, резервите на вода на островите и онака се строго ограничени, па бргу се исцрпуваат за време на туристичката сезона.
„Потрошувачката на вода по турист дневно може да надмине 250-300 литри“, рече Деметрис Зарис, градежен инженер и консултант за управување со водните ресурси. За споредба, жителите просечно трошат по 170 литри дневно.
Локалните власти велат дека прават сè што можат беспотребно да не се троши вода.
„Како општина ги преземаме сите можни навремени активности, за да ја информираме јавноста и да ги гарантираме резервите на вода“, изјави за БИРН, заменик-градоначалникот Јоанис Рафелетос. „Нашите активности се во вистинска насока, а посериозните проблеми се избегнати“.
Проблемите со водата, сепак, се длабоки, предупреди инженерот Зарис.
Експертите предупредуваат дека недостигот од вода само ќе се влоши поради климатските промени.
„Прекумерното пумпање вода и намалувањето на дождот енормно ги зголемија проблемите“, нагласи Спиланис од Егејскиот универзитет.
„Мораме да промениме сè“, рече тој. „Не е лесно затоа што има сили што го спречуваат тоа – го гледаме тоа на глобално ниво… Ние, како граѓани, исто така, мора да притискаме и да се движиме кон нешто многу поодржливо. Бизнисите, исто така, мора да бидат принудени да се прилагодат“.