„Се чувствувам многу осамено речиси две години. Како што тргнаа работите, сега немам пријатели, ама во ред сум со тоа“, изјави за БИРН, Вангелис (49), грчки дизајнер и видеоуредник.
Вангелис е разведен и има едно дете, но нема добри односи со семејството. Вели дека тешко стекнува пријатели и ја исклучува можноста за идни романтични врски со жени.
„Не можам да развијам значајна комуникација со повеќето луѓе. Мислам дека не можам да најдам партнер во Грција“, рече тој.
Маја, 64-годишна пензионерка од Србија, се соочува со слична ситуација. Тешко ѝ е да стекнува нови познанства. „Се чувствувам осамено кога немам со кого да разговарам – а обично немам со кого“, рече таа.
„Моето чувство на осаменост се менува, никогаш не е исто… порано беше многу болно и интензивно, сега е само интензивно“, додаде таа.
Според различни студии, од пролонгираната присилна изолација за време на ковид-пандемијата, осаменоста е зголемена во многу земји, а во некои ја споредуваат со епидемија.
Користејќи ја ECR онлајн-алатката за прашалници, БИРН побара од луѓето од Балканот да ги споделат своите приказни. Речиси две третини од испитаниците рекоа дека страдаат од некој облик на осаменост.
„Се чини дека осаменоста е во пораст, до тој степен што веројатно сега можеме да зборуваме за „епидемија на осаменост“. Проблемот, најверојатно, се влоши со задолжителното социјално дистанцирање за време на ковид-пандемијата“, изјави за БИРН, Андонис Андролидакис, социјален психолог од Универзитетот во Кипар.
Меѓутоа, осаменоста секогаш не значи да се биде физички сам. Некои луѓе се опкружени со роднини, со колеги и со технологија, но, сепак, се чувствуваат неспособни да воспостават значајни врски со други луѓе, изјавија за БИРН, испитаниците и медицинските лица што беа интервјуирани.
Бидејќи осаменоста станува нормализирана, а проблемите со менталното здравје поврзани со неа остануваат стигматизирани, мерките за справување со проблемот, во голема мера, недостасуваат.
„Социјална изолација“, а не осаменост
„Се чувствував осамено додека студирав на мојот претходен универзитет“, рече Франческа (не е нејзиното вистинско име), 23-годишна студентка од Милано.
Таа рече дека се чувствува одвоена од другите студенти поради недостиг од заеднички интереси и затоа што нејзиниот универзитет се наоѓа во оддалечена област, далеку од центарот на градот и без заеднички простори што поттикнуваат социјална интеракција.
Исто како Франческа, и други што одговараа на прашалникот на БИРН, рекоа дека се чувствуваат осамено поради комбинација од причини.
Некои рекоа дека немаат животен партнер, а други рекоа дека им е тешко да формираат пријателства. Трети, пак, го обвинија недостигот од соодветна рамнотежа меѓу работата и животот, доминантноста на социјалните мрежи, финансиските проблеми, проблемите со менталното здравје – или рекоа дека предолго биле одвоени од пријателите и од семејството.
Повеќе од половина од испитаниците наведоа дека се чувствуваат осамено, и покрај тоа што се во брак или во врска.
„Живееме во различни состојби на осаменост“, забележува бугарската терапевтка и писателка Тошка Јорданова, додавајќи дека темата е постојано присутна во нејзината пракса, најчесто во контекст на отуѓеноста од другите.
А она што во секојдневниот живот го нарекуваме осаменост е, всушност, социјална изолација, велат експертите за БИРН.
„Причините за осаменост што самите испитаници ги идентификуваат во вашето истражување [со ECR алатката] посочуваат на нешто друго, што може да се измеша со осаменост, но што, всушност, треба да го наречеме ‘социјална изолација’“, рече Андролидакис.
„Додека осаменоста е посубјективен концепт, социјалната изолација е објективна реалност, во која осамените лица имаат малку контакти со други луѓе. И мислам дека причините поради кои луѓето се чувствуваат осамени, навистина се сведуваат на социјална изолација“, додаде тој.
Повеќето од испитаниците на прашалникот на БИРН рекоа дека нивното чувство на осаменост влијаело врз нивното тело и ум.
Многумина рекоа дека чувствуваат депресија, анксиозност, стрес, имале несоница, се здебелиле или консумирале премногу алкохол, или земале дрога. Некои спомнаа срцеви заболувања, висок крвен притисок, ослабен имунолошки систем или комбинација од сите нив. Во некои случаи, луѓето признале и дека имале и самоубиствени нагони.
Социјалните мрежи ги прават луѓето поосамени, а не помалку
Антоанета Стојанова е креатор на популарниот инстаграм-профил „Mental Health Bulgaria“, кој го следат над 28.000 корисници. Таа објавува совети и анонимни приказни за болни искуства, но и за ментално закрепнување.
„Многу мои следбеници споделуваат дека се чувствуваат погрешно разбрани во нивниот семеен круг, во околината на нивните пријатели, на училиште или на работа“, рече таа.
„Немањето луѓе со кои може да ги споделат своите емоции доведува до чувство на осаменост, изолација и сè поголемо затворање во себе. Сето тоа станува дел од еден маѓепсан круг“, додаде Стојанова.
Таа го гледа ова како глобален феномен, влошен со зголеменото присуство на технологијата во нашите животи, особено употребата на паметни телефони.
Радмила Ступар Ѓуришиќ, психолог од Црна Гора, вели дека е парадоксално што имаме социјални мрежи, кои нè поврзуваат меѓу себе, а истовремено многу од нас немаат вистински социјален живот.
Социјалните мрежи придонесоа многу за квалитетот на нашите професионални перформанси и за проширување на нашите хоризонти. Тие нè направија сите нас високофункционални во сè, освен во нашиот социјален живот.
„Ние ги користиме социјалните мрежи наместо да имаме некој до нас што може да ги разбере суптилните чувства што ни лежат на душа и да ја сподели секојдневната возбуда што ја доживуваме со некого“, рече Ступар Ѓуришиќ.
Катарина Додиг Чурковиќ, раководителка на одделот за детска и адолесцентна психијатрија во Клиничката болница во Осијек, Хрватска, рече дека кога луѓето се повлекуваат во сопствениот виртуелен свет, тоа значително ги нарушува нормалните односи.
„Стравот од конфронтација или социјализација, општата недоверба во другите, некако навлегува во луѓето. Мерките за изолација на пандемијата ги научија луѓето да се заштитат од сè – вклучително и од самите луѓе“, рече таа.
Недостигот од социјални и интимни односи е последица на социјалната изолација и недостиг од развојот на социјални вештини, изјави за БИРН, Клеио Апостолаки, грчки психолог.
„Кога личноста е изолирана од општествениот круг, ѝ недостига каква било можност да запознае луѓе и да воспостави врски. Фактот дека некој можеби нема партнер или пријател, може да доведе и до социјална изолација. Едното може да го предизвика другото, тоа е двонасочна врска. Тоа е маѓепсан круг што ја турка личноста подлабоко во социјална изолација“, додаде таа.
Балканските општества не гледаат проблем
Истражувањето на Европската Унија од 2022 година, „Степен на осаменост во ЕУ“, покажа дека во просек, 13 отсто од испитаниците изјавиле дека се чувствуваат осамено најчесто или цело време во текот на претходните четири недели, додека 35 отсто изјавиле дека се осамени барем дел од времето.
Некои земји го препознаваат обемот на овој растечки проблем.
Владата на Велика Британија, во 2018 година формираше Министерство за осаменост. Јапонија го следеше британскиот пример во 2021 година, кога назначи министер за осаменост.
Во Италија, студија објавена во 2022 година од Националното тело за статистика покажа дека, од 2018 до 2021 година, чувството на осаменост кај луѓето во Италија растело. Дури 26,8 отсто од испитаниците изјавиле дека најчесто или понекогаш се чувствуваат осамено.
Балканските земји заостануваат и во студиите и во одговорите, велат испитаниците и експертите.
Тоа делумно е затоа што осаменоста сега се гледа како нормална во современото општество и делумно затоа што проблемите со менталното здравје остануваат стигматизирани.
„Стигмата околу менталните болести и дури и ментална/емоционална тешкотија останува силна… особено кај мажите, преплавувајќи ја нивната психа со чувства на срам, безвредност, беспомошност и несоодветност“, рече Андролидакис.
Ниту една балканска земја нема преземено сериозни иницијативи за да се спротивстави на растечката осаменост.
Во Албанија, населението сè повеќе ја смета осаменоста за сериозен проблем, особено за постарите луѓе што живеат сами, но мерките за спротивставување со овој проблем и понатаму недостасуваат, изјави за БИРН, Изела Тахсини, психотерапевт од Универзитетот во Тирана.
„Мерките не се доволни. Неколкуте центри [за стари лица] во земјата не ги задоволуваат потребите на старото население“, рече таа.
Ремзија Шетиќ, психолог од Сараево, вели дека во Босна и Херцеговина, сè повеќе Босанци бараат стручна помош за да се справат со растечката изолација.
„Генерално, сè помалку бараме поддршка од нашите семејства и пријатели, но истовремено бараме помош од професионалците“, рече Шетиќ.
Бугарија, во 2021 година усвои Национална стратегија за реформи во планирањето на менталното здравје до 2030 година. Стратегијата главно се фокусираше на зголемување на капацитетите за психијатри, воведување повеќе социјални и рехабилитациски мерки и истакнување на потребата од унифициран информациски систем со податоци за пациентите.
Но, темата за менталното здравје и осаменоста ретко се дискутира во медиумите. Сепак, истражувањето на Европската комисија „Квалитет на животот во европските градови“ забележа дека 21 отсто од населението во главниот град Софија се чувствува или се чувствувало осамено.
Во Хрватска, д-р Додиг Ќурковиќ од Осијек вели дека не знаела за ниедна превентивна програма што се занимава со концептот на осаменост меѓу луѓето.
БИРН испрати прашања до Министерството за здравство на Грција за мерките што се справуваат со осаменоста, но не доби одговор до моментот на објавување.
Да се смета за осамен денес е поприфатливо отколку што беше порано; тоа се смета за избор и право, додека во минатото тоа беше слабост, изјави за БИРН, Константинос Фунтулакис, професор по психијатрија на универзитетот „Аристотел“ во Солун.
„Затоа нема грижа од државата [за прашањето на осаменост] во Грција“, заклучи тој.
Во Црна Гора, иако постои официјална стратегија за заштита и подобрување на менталното здравје, осаменоста не се препознава како индивидуален проблем. Во секој случај, „психолозите секојдневно се среќаваат со феноменот на осаменост во својата пракса“, изјави Ступар Ѓуришиќ за БИРН.
Ана Блажева, психолог и психотерапевт во Скопје од Психотерапика, колектив на европски акредитирани психолози и психотерапевти, вели дека во Македонија, иако осаменоста не е стигматизирана, „културно не сме развиле многу начини да ја прифатиме оваа реалност, или да овозможиме можности за надминување такви искуства“.
Блажева вели дека има малку иницијативи на кое било ниво за да се поканат луѓето да се приклучат во социо-културни активности, кои можат да им овозможат да запознаат нови луѓе, да пробуваат нови работи и да се чувствуваат поврзани со другите и со заедницата.
Во 2021 година, Фондот за население на ОН, УНФПА, во соработка со Универзитетскиот колеџ во Лондон, спроведе мултинационална анкета за осаменоста меѓу постарите луѓе во шест земји/територии во Источна Европа и Јужен Кавказ, вклучително и Косово.
Според истражувањето, 58 отсто од испитаниците од Косово биле проценети како умерено осамени, 19,2 отсто како осамени, а 5,5 отсто спаѓаат во категоријата на многу тешка осаменост.
„Не сме запознаени со некои посебни мерки за борба против осаменоста преземени од косовските власти по објавувањето на нашиот извештај“, изјави за БИРН, Висаре Мујко-Нимани, шеф на Канцеларијата на УНФПА во Косово.
„Сепак… забележавме напори од локалните власти, особено во Општина Приштина, да формираат неколку дневни центри за стари лица… [но] иако овие иницијативи се добредојдени, тие не се доволни, земајќи го предвид тековното стареење на населението“, рече тој.