Анализи

Недограден бедем против климатските промени

Само на еден човек во стоилјадната администрација климата му е примарна работа

  • 21
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Теодора Грнчаровска, државната советничка за климатски промени во Министерството за животна средина, е единствениот член на стоилјадниот јавен сектор, на која справувањето со климатските промени ѝ е примарна работна обврска. 

Во анализата за институционалните капацитети изработена во 2020 година, во која БИРН имаше увид, се вели дека во десетина клучни институции, како министерствата за животна средина, земјоделство и шумарство, економија, финансии, транспорт и врски, управите за хидрометеоролошки работи и за цивилно воздухопловство, регулаторната комисија за енергетика и други, на проблематиката со климатските промени работат над 170 луѓе.

Од нив, на четириесетина тоа им е паралелна работна задача заедно со други обврски, додека на околу 130 им е дополнителна обврска, а главните работни задачи им се од друга област.

Во овој документ, степенот на посветеност на вработените во институциите кон прашањата за климата се обележува со т.н. климатски маркер. Со ознака 3 се бележат оние на кои тоа им е главна работа, со 2 тие што им е паралелна, но речиси на исто ниво со другите обврски, а со 1 оние на кои им е споредна задача.

„Јас сум единствената тројка“, вели Теодора Грнчаровска за БИРН.

Грнчаровска има докторирано на темата за климатските промени и работи во оваа област долго време. Вели дека, иако документите покажуваат дека таа е единствената задолжена за климатските промени во земјава, тоа не е толку црно-бело.

Теодора Грнчаровска, државна советничка за климатски промени | Фото: БИРН

„Невозможно е еден човек да направи сѐ што досега е направено во врска со климатските промени, да ги подготви сите документи и стратегии. Има многу луѓе што работат во институциите и многумина од нив ја познаваат и ја сакаат работата. Но, формално, целата одговорност паѓа врз мене. Затоа треба да има повеќе тројки и двојки, бидејќи тоа дава одговорност, со која не може некој да рече – мене ова не ми е работна задача“, додава Грнчаровска.

Препораките во анализата се дека треба да има барем четириесетина вработени во институциите со маркер три, односно луѓе што би биле целосно посветени на справувањето со климатските промени. Најголемиот број од нив треба да работат во Министерството за економија, за животна средина и за земјоделство, шумарство и водостопанство – МЗШВ

Последново министерство, МЗШВ, според овие податоци има 65 вработени што имаат задачи поврзани со климата, но сите биле со маркер единица, односно имале сосема други примарни работни обврски. Токму областите што ги третира ова Министерство – земјоделското производство,  користењето на водите и управувањето со шумите, се сметаат за најранливи на глобалното затоплување, заедно со здравствените проблеми што тоа ги предизвикува за населението.

И Министерството за здравство е под капацитетите. Таму се препорачува да има двајца вработени на кои климата ќе им биде главна обврска, а има двајца на кои таа им е споредна обврска.

Освен што на климатските промени работат луѓе што претежно тоа им е дополнителна задача, и тие што работат имаат проблеми со координацијата.

Така, на пример, во извештајот се забележува двојната улога што ја имаат Министерството за животна средина и кабинетот на вицепремиерот за економски прашања. И едната и другата институција треба да служат за координирање на другите. Се препорачува во иднина таа улога повеќе да му припадне на Министерството.

Не се важни само бројките, туку и компетенциите, како и политичката волја да се решаваат овие проблеми посериозно, вели Грнчаровска за БИРН. Со нови законски решенија во повеќе области се очекува да се подобри координацијата и да се овозможи реорганизација на државните органи, со цел тие да добијат поголема улога во решавањето на климатските кризи. Сето тоа ќе биде залудно, вели државната советничка, ако тие немаат знаење и посветеност кон работата, како и ако не им се овозможи да ги извршуваат задачите.

„Најважна е политичката волја, да се разбере тоа. Обратно, ако имаме само работни места, а немаме волја, не можеме да направиме ништо“, нагласува таа.

Многу активности, малку координација

Пресушеното корито на реката Отиња во Штип | Фото: БИРН

Како изгледа сегашната борба со последиците од климатските промени покажуваат неколку примери од исполнувањето на целите предвидени со третиот национален план, издаден во 2014 година.

На пример, во делот на енергијата се предлагаа нови централи на гас, нови обновливи извори итн. Според податоците од Државниот завод за статистика, во 2014 година, учеството на обновливите извори во финалната потрошувачка било околу 17 проценти, а во 2019 останало на истото ниво. Инвестиции во енергетиката има, но промената стагнира.

За управувањето со отпад, една од најкритичните точки, се предлага затворање на сите стари депонии и отворање нови, регионални центри со нови технологии. Ништо не е направено во врска со тоа.

Во земјоделството, освен воведувањето на системот капка по капка во јужно-вардарската долина, во најголемиот дел, други подрачја сѐ уште се наводнуваат на стариот и неодржлив начин, или нема доволно вода и културите пресушуваат.

„Климатските промени се сè поприсутни на полињата, родот е со сѐ помал квалитет, а сведоци сме на целосно уништени посеви или овоштарници, во зависност од тоа каде ќе зафати невремето. Но, и покрај тоа, над 90 отсто од земјоделците сметаат дека државата треба да го реши проблемот со климатските промени и не преземаат активности за прилагодување“, вели Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална коалиција, невладина организација што го следи руралниот развој.

Според неа, проблемот е не само што процесите за приспособување се скапи и бараат нови технолошки инвестиции, туку и нема кој да ги води земјоделците низ нив.

„Досега немало посебна стратегија за адаптација на земјоделството кон климатските промени, а во последната Национална стратегија за земјоделство и рурален развој за првпат се споменуваат одредени мерки и активности за прилагодување на земјоделското производство кон нив”, додава таа.

Од Министерството за земјоделство, за БИРН, одговорија дека работат на повеќе проекти во врска со климатските промени, како на пример на авионско запрашување на градоносните облаци заради заштита од врнежи од град, три нови брани за наводнување, а во соработка со научните институции се бараат решенија за одгледување култури што би биле поотпорни на нестабилните временски услови. Се подготвувала и реорганизација на администрацијата, со цел оваа институција, во која сите вработени беа „единици“, да добие кадар што попосветено ќе работи на климатските проблеми.

Министерството за економија работи на план што предвидува 25 мерки за да се остварат целите за енергетска ефикасност до 2030 година, како што се реновирање на зградите на домаќинствата, комерцијалниот и јавниот сектор, изградба на нови енергетски ефикасни згради, изградба на пасивни згради или згради со приближно нула потрошувачка на енергија, енергетски контроли, управување со енергијата, промовирање на поголемото искористување и проширување на системите за централно греење и други, велат оттаму.

Шестмина државни службеници работеле на оваа проблематика таму, а се најавува дека во иднина, кога ќе се изготви Програмата за одржливо користење на природните ресурси, ќе се направи „осврт на овие политики од аспект на влијанијата врз човечките ресурси“, односно ќе се разгледаат можностите за дополнување на кадарот.

Во кабинетот на вицепремиерот за економски прашања, предводен од Фатмир Битиќи, во моментов се работи на Законот за климатска акција, Националниот план за енергетика и клима и на други документи, сето тоа со едно лице, кому животната средина и климатските промени му биле основна дејност.

Неисполнета домашна задача

Сушата го намали нивото на акумулациите како Беровско Езеро | Фото: БИРН

За сите овие активности да не бидат само проектни и за да придонесат државата да биде подобро заштитена од климатските промени, потребна е поголема координација, смета државната советничка Теодора Грнчаровска.

„Понекогаш, институциите имплементираат мерки без да ги доведат во врска со адаптирањето кон климатски промени. Кога ќе го усвоиме законот за клима, ќе се наметне потребата од поголема координација. Ќе мора институциите да работат заедно“, додава таа.

Секоја држава има две главни обврски, кога станува збор за климатските промени, објаснува Грнчаровска. Едната е да го намали испуштањето гасови што ја загреваат атмосферата, со цел на глобално ниво да се запре или да се забави растот на температурите. Тоа е регулирано со меѓународни договори и нашата земја, иако има незначителен придонес во количеството стакленички гасови споредено со големите држави, редовно известува за чекорите што ги презела.

Другата обврска на државата е да го приспособи своето општество и својата економија на промените што се случуваат – како да се функционира со помалку ресурси, со понеизвесни временски појави итн. Таа е исклучиво кон дома, не е дел од меѓународни договори, и тука државата сѐ уште ги нема доградено капацитетите.

А климатските промени, како што често се вели во предупредувачките пораки,  веќе не „чукаат на врата“. Вратата одамна е разнесена и тие „ни влегоа дома“.