Истражувањa

Нелегалната сеча ги уништува античките балкански шуми

Бандите сечат огромни предели со дрвjа – предели, според кои Балканот, всушност, го добил своето име

Магда Мунтеану, Кристина Озимец, Габриела Делова, Алиса Муслиу

Униптените планини во Романија / Фото: Магда Мунтенеану

Униптените планини во Романија / Фото: Магда Мунтенеану

Рано в зори, во долината Себес која се наоѓа на планината Суреану во Романија, старата руска Лада чкрипи додека вози по замрзнатиот планински пат.

Зимзелените дрвја шумолат заедно со ветрето, а мирисот на свежо исечените дрва се провлекува низ утринската магла.

Цела една падина покриена со пенушки е првиот знак на катастрофа видлив на 900 метри надморска височина.

По неа следуваат други ,,гробишта” од пенушки, па други, па други…

Во селото Курматури, кое за туристите претставува прибежиште изградено од пријатни дрвени колиби, станува повеќе од очигледно за каква катастрофа, всушност, се работи. Овде огромни предели од шумите се опустошени.

Сето ова се случува, затоа што нелегалното сечење дрвја е голем бизнис во Романија.

Минатата година, ИТРСВ, организација која врши надзор на работата на Министерството за животна средина и климатски промени, откри повеќе од шест милиони кубни метри илегално исечени дрвја. Овие дрвја се доволно за да се наполнат 15.000 камиони и би достигнале цена од 45 милиони долари.

Но, Романија не е единствената земја во која ова се случува. И во други балкански земји, добрата заработувачка, корумпираните функционери, недостатокот на инвестиции и незаинтересираноста на надлежните институции, се причина за лишување на полуостровот од ресурсите од кои, всушност, и потекнува самото име – турскиот збор ,,Балкан” значи ,,синџир од пошумени планини”.

Нелегалното сечење дрвја претставува голема закана за националните паркови, ги изложува веќе загрозените видови животни на уште поголем ризик и придонесува за зачестување на природните катастрофи.

Иако нелегално исечените дрвја најчесто се користат за греење, нелегалната сеча сѐ почесто претставува и бизнис на организираниот криминал.

Очигледен показател на недостатокот на регулатива се и зборовите на еден жител на Курматури. Тој вели: ,,Шумата е на луѓето, тие можат да ѝ прават што сакаат”.

Ѓорѓе Фенесер, префектот од околната област Алба, вели дека им објавил војна на, како што тој ги нарекува – ,,дрвената мафија”, како и на една локална компанија наречена Транс Моника, која се занимава со сечење дрвја и за која Фенесер вели дека исто така е дел од нелегалното сечење.

Тој вели дека во долината Себес и близу планината Апусени нашол докази дека повеќе од 5 милиони кубни метри дрвја биле нелегално исечени во текот на изминативе четири години.

„Најверојатно, исечени се 20 до 25 проценти повеќе дрвја отколку што се пријавени“- додава тој.

Минатата година, најголемиот обработувач на дрва во Романија, австриската компанија Холциндустри Швајхофер, исто така откри нерегистрирани дрвја исечени од страна на Транс Моника.

И покрај ова откритие, надлежните органи не успеаја да ѝ препишат некоја поголема нелегална активност на Транс Моника или пак, на која било друга компанија која се занимава со сечење дрвја.

Судот отфрли две тужби против оваа компанија, чијшто сопственик ги одрекува сите обвинувања.

,,Не сум слушнал за какво било нелегално сечење во Курматури” – вели Петру Цернат, сопственикот на Транс Моника. ,,Доколку воопшто имало сечење тука, сигурен сум дека било легално”- додава тој.

Во Романија официјално се сечат над 206 милиони кубни метри дрвја годишно. Според проценките на Фенесер, секоја година нелегално се сечат доволно дрвја за да наполнат 120 илјади камиони. Тоа се 350 милиони долари за црниот пазар во Романија.

Полицијата ги прегледува дозволите на селаните во областа Прахова во Романија / Фото: Магда Минтенеану

Полицијата ги прегледува дозволите на селаните во областа Прахова во Романија / Фото: Магда Минтенеану

Резултатите од едно истражување спроведено од БИРН покажуваат дека проблемот се реплицира низ целиот регион, каде што секоја година се опустошуваат огромни шумски предели.

Според проценките, во 2011, во западниот дел на Албанија, област со површина поголема од главниот град Тирана, беше срамнета со земја.

Во соседна Македонија пак, официјалните проценки за загубата од нелегално сечење дрвја во 2012 се малку поскромни, но, сепак, трипати поголеми од оние во 2008. Пресметките објавени од Регионалниот центар за животна средина во 2010 велат дека во Македонија нелегално се сечат 5.000 камиони дрва годишно.

Дел од проблемот лежи и во стратегијата за контрола.

Романското надзорна организација ИТРСВ е постојано во недостаток на кадар. Од секој чувар кој патем заработува речиси безвредни 270 долари месечно, се очекува да надгледува 1.235 хектари, без автомобил, оружје или ГПС систем и нема право да ги уапси или барем да ги казни прекршувачите на законот.

Околу 400 службеници кои ја надгледуваат работата на повеќе од 5.000 компании немаат соодветна опрема за мерење со која би можеле точно да определат дали бројките од приложените документи за легално сечење се совпаѓаат со количеството дрва по плацовите или натоварени во камионите.

Во Албанија, шумските чувари најчесто им прогледуваат низ прсти на нелегалните сечачи.

Анонимни шумски чувари кажуваат дека биле натерани да патролираат стотици хектари и да се соочуваат со насилни групи на организирани криминалци, наоружани само со книги за пишување казни.

,,Дома имам деца за издржување, деца на кои им треба татко. Понекогаш, им прогледуваме низ прсти не поради тоа што не сме добро платени туку бидејќи нашите животи се во прашање” – вели еден од чуварите.

Во националниот парк Лура во Албанија работат двајца шумски чувари кои имаат за задача да надгледуваат површина од 24.700 хектари.

Најзасегната област е далечното Езеро на цвеќињата, каде што цели парцели од шумата се исчезнати. Фотографии направени од сателит го покажуваат нивото на уништување во текот на последниве 20 години.

Според податоците до коишто дојде БИРН, 14 милиони кубни метри дрва биле нелегално пресечени во Албанија, што е еднакво на 11.600 хектари, односно површина поголема од главниот град Тирана.

Сеча на дрва во долината Сербес / Фото: Магда Монтенеану

Сеча на дрва во долината Сербес / Фото: Магда Монтенеану

Овие проценки потекнуваат од извештај составен од страна на Арсен Проко, тогашниот директор на шумскиот оддел во Министерството за животна средина.

Во обид да се соочи со проблемот, новиот министер за животна средина, Лефтер Кока, го забрани извозот на ќумур и размислува за поставување забрана за секакво сечење дрвја во наредните пет години. Уништувањето на шумите, сепак, продолжува. Во Македонија чуварите честопати биле принудени на престрелки со дрвокрадците.

Љуботен, село кое се наоѓа западно од главниот град Скопје, беше локацијата на некои од најлошите насилни случки за време на краткиот конфликт во 2001 помеѓу борците на етничките Албанци и македонските специјалци.

Во октомври, насилството се врати во ова планинско село кога илегални дрвокрадци отворија оган врз шумската полиција, откако од нив било побарано да се легитимираат.

Иако ситуацијата оттогаш е смирена, селаните велат дека секоја ноќ поминуваат камиони натоварени со исечени дрва.

Неказнувањето останува да биде проблем.

Во Романија, активистите веруваат дека службениците им помагаат на дрвокрадците, бидејќи сè уште ниеден од нив не е уапсен.

Во обид да се справат со проблемот, овластените лица работат на тоа да се промени шумскиот код со кој се одредува како се сечат и транспортираат дрвата и на кој начин се тргува со нив.

Поставени се нови регулативи од клучно значење за злоупотреба на транспортните дозволи, начин за овозможување на ,,перење” нелегално исечени дрвја.

БИРН дознава дека неактивни компании аплицираат за транспортни дозволи со цел да ги продаваат за 30 долари.

Штом еден дрвокрадец ќе си обезбеди транспортна дозвола, неговите дрва стануваат легални и има на располагање 72 часа за да ги пренесе до посакуваната дестинација. Доколку не го запре полиција и овој трансфер не биде забележан, крадецот може повторно да ја искористи истата дозвола за повеќе патувања во тој период.

Како и да е, министерката одговорна за оваа реформа, Луциа-Ана Варга, при владина реконструкција беше разрешена од оваа позиција, по што новата регулатива засега е отфрлена.

Јован Мазгански, македонски експерт од здружението за животна средина Еко-скоп, верува дека порастот на нелегално сечење дрвја во Македонија се случува единствено и само со помош на функционери.

,,Најлошо е што во овие кругови кои се занимаваат со крадење дрва, се вмешани луѓе чијашто работа е да ги заштитуваат шумите” – вели тој.

,,Официјалните власти или се воздржани за ова прашање или се соучесници. Ова го покажува нивото на корумпираност во шумарството.”

Несигурната гранична контрола помага во овој прекуграничен бизнис, велат експертите.

Ненад Коциќ, претседател на македонската асоцијација за животна средина Вила Зора, вели дека полициските мерки не се доволно ригорозни.

,,Десетици ридови се комплетно обесшумени и ние веруваме дека овластените лица би требало веднаш да ги променат законите, бидејќи моменталните казни се премногу мали и незастрашувачки” – вели тој.

Како и да е, шансите за ова се навистина мали.

Со оглед на огромниот профит кој се прави од експлоатација на античките шуми, залагачите за заштита на животната средина предупредуваат дека половичните мерки, неисполнетите ветувања и неактивирањето не придонесуваат за исклучување на моторните пили.

Сторијата е финансирана од наградата на Летната школа за истражувачко новинарство на БИРН во 2013 година