Регион

Нема правда за постарите Срби егзекутирни во селата во Хрватска

Убијците на постарите Срби во операција „Бура“ никогаш не беа осудени, а оние што ги спречиле истрагите, никогаш не се соочија со санкции

Во попладневните часови на 28 септември 1995 година, скоро два месеци по завршувањето на победничката операција на хрватската полиција и војска, за ослободување на територијата што побунетите Срби ја држеа четири години, група вооружени лица влегле во селото Вариводе, во близина на Киштање, и убиле девет постари српски цивили.

Јово Бериќ (75), Јован Бериќ (56), Радивој Бериќ (69), Марија Бериќ (69), Милка Бериќ (71), Марко Бериќ (82), Спиро Бериќ (55), Душан Дукиќ (58) и Мирко Покрајац (84) биле брутално погубени, претежно со истрели во главата, во нивните домови или дворови.

Директни сведоци немало, но преживеаните и роднините на жртвите тврдат дека неколку дена пред нападот, во селото дошле луѓе во воени униформи, и  ги ограбиле и злоставувале српските жители што останале, односно не заминале поради операцијата „Бура”, која започна на почетокот на август 1995 година.

„Мајка ми во тој период ми се јави и ми кажа дека вооружени луѓе го малтретирале татко ми. Во тоа време тој имаше дијабетес во крајна фаза и не можел да стане да ги поздрави. Тие биле многу агресивни заради тоа”, вели,  Јован Бериќ, син на Радивој и Марија Бериќ, кој во првите денови на операцијата „Бура”, избегал во Бања Лука, Босна и Херцеговина.

Хрватските иследници ги погребале жртвите на гробиштата во градот Книн. Бил спроведен надворешен преглед на нивните тела, без обдукција.

„Полицијата ме повика два дена по убиствата. Никој не им кажа на моите сестри, едната во тоа време живееше во Загреб, а другата во Чаковец, за тоа што се случило. Тие го направија она што го направија, без наше знаење”, нагласува Бериќ. „Успеавме да ги пренесеме нивните останки во семејната гробница, по осум години агонија”.

Една недела по убиствата, хрватската војска и цивилната полиција започнаа   операција за пронаоѓање на сторителите.

Како резултат на тоа, шестмина војници на хрватската војска беа уапсени. Четворица од нив беа осомничени и за убиство на седум други постари српски цивили, во одвоен инцидент во блиското село Гошиќ. Милка Борак (80), Душан Борак (56), Косовка Борак (77), Гроздана Борак (70), Васиљ Борак (75), Марија Борак (81) и Сава Борак (70) беа погубени еден месец порано, на 27 август 1995 година.

Од 1996 до 2002 година, и двата случаи поминаа низ хрватските судови. Во меѓувреме, убиствата во Вариводе и Гошиќ беа наведени и во обвинителниот акт против хрватските генерали, Анте Готовина, Младен Маркач и Иван Чермак, поднесен во 2001 година до Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, МКТЈ.

Хрватските судови утврдија дека имало многу пропусти во истрагата за убиствата на постарите Срби во двете села, а судскиот совет на МКТЈ заклучи дека некои хрватски официјални лица намерно го спречувале сослушувањето на осомничените.

Од резултатите на истражувањето што го спроведе БИРН, се гледа дека до денеска, кога во Хрватска се прославува 25-годишнината од операцијата „Бура”, вистинските сторители не се гонети, и дека никој не е повикан на одговорност за опструкциите во истрагата, документирани во специјалниот извештај на Одделението на криминалистичката воена полиција во Хрватска во 2002 година.

БИРН дојде до овој документ, класифициран како воена тајна, во досието на МКТЈ, за случајот Готовина, Маркач и Чермак.

Хрватски војници уапсени, судени и ослободени

Јован Бериќ, на местото на кое биле убиени неговите родители. Фото: Тамара Опачиќ

Во деновите по убиствата во Вариводе, меѓународните медиуми известуваа за траги од крв што ги пронашле претставниците на Обединетите нации во многу села што претходно ги држеле побунетите српски сили.

„Најновите убиства (во Вариводе) се најлошиот поединечен акт на убиство, откако хрватските воени власти ја презедоа контролата врз областа”, изјави во тоа време, Алун Р. Робертс, портпарол на ООН во Книн, за „Њујорк Тајмс“.

На почетокот, хрватските власти тврдеа дека државата не е одговорна за овие злосторства, туку дека тие биле извршени од вооружени цивили, облечени во воени униформи.

Но, по критиките од Европската унија и од САД, хрватскиот министер за внатрешни работи, Иван Јарњак, и неговиот заменик, Маријан Бенко, на 18 октомври 1995 година изјавија дека сторителите биле приведени и пренесени во истражниот центар во Задар.

Во февруари 1996 година, Окружното обвинителството на Задар поднесе обвинение против хрватските војници. Никола Рашиќ, Иван Јаковљевиќ, Златко Ладовиќ и Недељко Мијиќ, кои беа обвинети за тешко убиство извршено во Вариводе, мотивирано од користољубие.

Заедно со Перо Перковиќ и Ивица Петриќ, Рашиќ и Ладовиќ беа обвинети за истото злосторство во Гошиќ. Според балистичките наоди, двата случаи ги поврзувале чаурите, кои биле истрелани од исто оружје, па случајот беше обединет како еден предмет, Вариводе-Гошиќ.

Во пресрет на обвинението, окружниот јавен обвинител на Задар, Иван Галовиќ, за локалниот весник „Народни лист”, изјави дека шестмината ги извршиле убиствата самостојно, претежно по грабежите што ги извршиле.

Станува збор за „лица кои и претходно покажувале форми на нарушувања во однесувањето, а некои и претходно биле осудени”, истакна Галовиќ. „Затоа веќе можам да кажам дека, врз основа на она што е познато, овде не се работи за ‘убивање на Срби’, туку за убиства во контекст на организиран грабеж”, нагласи тој.

Повеќето од обвинетите од самиот почеток негираа вмешаност во злосторствата, иако Ладовиќ и Мијиќ му признаа на истражниот судија дека во то време тие биле во селата.

Но, на судењето пред Окружниот суд во Задар, тие тврдеа дека овие признанија, се резултат на полициската бруталност.

Тие и другите обвинети сведочеа дека по приведувањето, полицајците ги уценувале, им ги читале наводните признанија на другите и ги терале, на истражниот судија, да му дадат лажен исказ за она што се случило во местата на убиствата.

Некои од нив се пожалија дека полицајците ги тепале со раце и пендреци, оти им се заканувале дека ќе ги убијат и ќе ги фалсификуваат датумите на нивната демобилизација од хрватската војска, за да се прикаже оти тие не биле војници во моментот на злосторството.

БИРН двапати, по електронски пат, контактираше со Министерството за внатрешни работи и со полициската управа, барајќи од нив коментар за овие наводи, но одговор нѐ добивме.

За време на судењето, ниту еден од сведоците кои биле во Вариводе и Гошиќ, пред или на датумите на убиствата, не ги препозна обвинетите.

Исто така, утврдено е дека убиствата не биле извршени со оружјето земено од обвинетите

„Без оглед што судот утврди дека истата група на обвинети одела во ослободените области, дека краделе во тие области … не е утврдено дали обвинетите биле на местата на убиствата во дадените периоди, ниту кој од нив, како или зошто би убил некого од оштетените”, заклучи судијата, Милан Петричиќ. Тој ги ослободи сите шестмина од обвинението за злосторства во Вариводе и Гошиќ.

Со истата пресуда, Петриќ беше осуден на шест години затвор за убиство на цивилот Ѓураѓ Чанак, извршено во средината на август 1995 година во село Зрмања, каде неговата единица учествувала во чистење на теренот на можни заостанати непријателски групи.

Никола Рашиќ беше осуден на една година затвор за обид за грабеж и обид за убиство на Јека Тањга, во селото Очестово, општина Книн, на 20 август 1995 година.

Осомничениот никогаш не е уапсен, а истрагата е стопирана

Споменик на жртвите во Вариводе, август 1995 година. Фото: Тамара Опачиќ

Три години подоцна, во мај 1999 година, Врховниот суд на Хрватска, ја прифати жалбата на Окружното обвинителство во Задар, го укина ослободителниот дел од пресудата и го врати случајот Вариводе-Гошиќ на повторно судење.

Поради територијалната реорганизација во Хрватска, случајот се најде во надлежност на Окружниот суд во Шибеник. Но, на 7 февруари 2002 година, пред крајот на судењето, окружниот обвинител на Шибеник, Жељко Жгањер, се откажа од обвинението.

„Го проучував материјалот што го најдов во досието и врз основа на, според мое мислење, сеопфатната и критичка анализа на случајот, заклучив дека нема доволно сериозни и релевантни докази што можат да ги осудат обвинетите”, рече Жгањер, кој денеска работи како адвокат во Загреб.

Во соработка со Одделението на криминалистичката воена полиција, тој тогаш започнал нова истрага и открил дека во октомври 1995 година, обвинителството во Задар, исто така, изразило сомневање дека Горан Вуниќ, еден од командантите на водовите на единицата за извидување на 113-та бригада на хрватската војска, бил вмешан во убиствата.

Постоело сомневање оти Вуниќ, заедно со уште две непознати лица, неколку дена по операцијата „Бура”, бил во двете села и оти во Гошиќ го убил цивилот, Гојко Лежаиќ, но, и покрај ова, тој не бил уапсен, ниту бил извршен претрес на неговиот стан.

Жгањер вели: „Колку што се сеќавам, не најдов трага во досието за случајот што претходно го добив од Задар, кој укажуваше дека Вуниќ е можен сторител”.

Тој, на 27 јуни 2002 година, добил посебен извештај од Одделението на криминалистичката воена полиција. Во прилог имало и неколку документи: допис на јавното окружно обвинителство на Задар од 23 октомври 1995 година, во кој се бара од полицијата да го сослуша Вуниќ и да провери какво оружје тој поседува, наредба од сплитскиот воен суд од 25 октомври 1995 година, за претрес на станот на Вуниќ, и службена забелешка на Дамир Шимиќ, истражител на 72 баталјон на воената полиција од Шибеник.

Во белешката на Шимиќ стои дека командантот на 4-та шибенска чета на воената полиција, капетанот Ненад Мркота, му наредил да ја запре истрагата против Вуниќ.

Шимиќ, пред МКТЈ, во 2008 година сведочеше дека Мркота никогаш не му наредил да ја сопре истрагата против Вуниќ.

Шимиќ тврдеше дека сè до неговото заминување од воената полиција во Шибеник во 1998 година, никој не го прашал зошто не го извршил налогот за информативен разговор со Вуниќ и за претрес на неговиот стан. Тој, исто така, сведочеше дека го известил својот претпоставен, Борис Милас, кој бил началник на Службата за спречување на криминалот на 72-от баталјон на воената полиција.

Но, Милас пред МКТЈ изјави оти не знае ништо за ова, а истото го рекоа и воениот командант на воената полиција, Мате Лаушиќ, и тогашниот окружен јавен обвинител на Задар, Иван Галовиќ.

Марија Рукавина, која во тоа време била заменик на Галовиќ, и која го потпишала писмото од 23 октомври 1995 година, со кое побарала од полицијата да спроведе информативниот разговор со Вуниќ и да провери какво оружје тој поседува, одби да разговара со БИРН, објаснувајќи дека таа сега е во пензија.

Во специјалниот извештај на Одделението на криминалистичката воена полиција од 2002 година, се вели дека постои сомневање оти Ненад Мркота, кој денес е цивилно лице, влијаел или лично учествувал во уништување или прикривање на доказите поврзани со кривичните дела извршени во Гошиќ и Вариводе.

„Понатаму, собрани се информации дека Ненад Мркота и други лица, заедно со Божо Бачелиќ (еден од командантите на вод на единицата за извидување на 113-та бригада) вршеле притисок врз сведоците во кривичната постапка за стореното кривично дело во Прокљан, како и оние извршени во Гошиќ и Вариводе, за кои се претпоставува дека ги извршиле Бачелиќ и Вуниќ”, се вели во извештајот.

Во истиот документ, потпишан од мајорот, Анте Главан, се потврдува дека девет автоматски пушки од ист калибар како оние со кои се извршени убиствата, биле пронајдени во магацини користени од 113-та бригада на хрватската војска.

Жгањер информира дека оружјето било вештачено подоцна. „Колку што можам да се сетам, Вуниќ и Бачелиќ не беа испрашувани за време на мојот мандат”, вели тој. „Не можам да се сетам дали имало какви било дејства кон Ненад Мркота, но можно е нешто да се случило откако го напуштив државното обвинителство”.

Прославено ослободувањето на воениот злосторник

Комеморација за жртвите од село Гошиќ. Фото: Васка Радуловиќ

БИРН го праша обвинителството во Шибеник, дали во меѓувреме е спроведена истрага и дали се поднесени обвиненија против Вуниќ, Мркота, Бачелиќ или други лица.

„Државното обвинителство, во соработка со цивилната и воената полиција, спроведува истраги за идентификување на сторителите. Бидејќи истрагите се тајни, не можеме да во одговориме на вашите прашања поврзани со случајот Вариводе-Гошиќ”, ни одговорија преку е-пошта.

Во телефонскиот разговор со БИРН, Горан Вуниќ истакна дека тој не знае ништо за убиствата. Тој не сакаше да зборува за деталите на случајот.

„Бев на разговор во државното обвинителство пред неколку години. Никогаш не е покренато обвинение против мене”, ни рече Вуниќ.

„Не знам дали некој спречил некаква истрага. Немам што повеќе да кажам за тоа. Тоа за мене е минато свршено време”, ни одговори тој. Вуниќ не сакаше да одговори на прашањето дали лично го познава Мркота.

Мркота, кого во 1996 година, претседателот, Фрањо Туѓман, го одликува со споменица за татковинска благодарност, за чесна и примерна служба, и со орденот Никола Шубиќ Зрински за херојски чин во војната, не одговори на повиците и пораките на БИРН.

Неговиот адвокат, Жељко Остоја, ни рече дека Мркота зборува со новинари, исклучиво преку него.

„Што се однесува до сите докази што ми ги предочивте, ние веруваме дека исклучиво се работи за вербални докази, произведени за потреби на внатрешно полициски пресметки, какви што имало и порано”, одговори Остоја. „Мркота никогаш не опструирал никаква истрага. Тој секогаш ѝ пристапувал на својата работа крајно професионално”.

„Колку што знам, Мркота не е сослушан за ова во Државното обвинителство. Можно е да бил на некаков разговор пред многу време, но во последните десет години сигурно не бил”, ни рече тој.

„Нема информации за покрената истрага или покренато обвинение против него”, додаде тој.

БИРН не успеа да стапи во контакт со Божо Бачелиќ, еден од само двајцата осудени од хрватските судови, за воени злосторства над српските цивили, извршени за време и по операцијата „Бура”.

Во 2014 година, Бачелиќ беше осуден на седум години затвор за убиство на Никола Дамјаниќ (83) и неговата сопруга Милица (74) во селото Прокљан, на 11 август 1995 година.

Бачелиќ, кој на крајот на 1995 година од Туѓман беше одликуван со орден на хрватскиот тролисник за исклучителни заслуги во војната, со истата пресуда беше осуден и за убиство на Вук Мандиќ, припадник на војската на самопрогласената, Република Српска Краина, РСК. Според пресудата, Бачелиќ го одвозел српскиот војник во напуштена куќа во Вариводе и таму го убил.

За време на судењето, Бачелиќ тврдеше дека уште од крајот на војната, криминалистичката полиција и обвинителството се обидуваат да му „исконструираат разни приказни за убиства на разни луѓе … во кои ниту учествувал, ниту знаел нешто за тоа”.

Еден од сведоците на военото злосторство во Прокљан, беше Горан Вуниќ. Тој сведочеше дека по пристигнувањето во селото покрај Скрадин, каде неговата единица учествувала во чистењето на теренот од евентуално заостанати непријателски групи, слушнал истрели и во еден двор видел „две постари лица како горат”. Тој потврди дека го видел Бачелиќ во близина.

Бачелиќ беше пуштен од затвор во септември 2016 година. Како што докажуваат фотографиите и видеото објавени на Фејсбук страницата на Бачелиќ, меѓу луѓето кои се собраа да го прослават неговото ослободување, е и осудениот воен злосторник, Дарио Кордиќ, поранешен воен командант на самопрогласената Хрватска Република Херцег-Босна.

„Немаше волја да се реши случајот”

Спомен-плоча во селото Вариводе. Фото: Тамара Опачиќ

Борис Милошевиќ, поранешниот претседател на Српскиот народен совет, кој ги застапува интересите на српското малцинство во Хрватска, а кој секоја година на годишнината од убиствата во Вариводе организира комеморација за жртвите, вели дека Вариводе е еден од случаите за кои Хрватска ја известуваше Европската комисија, за време на преговорите за пристапување во ЕУ, во обид да докаже дека ефикасно ги процесира воените злосторства.

Милошевиќ додава дека иако Државното обвинителство со години го истакнувало овој предмет како национален приоритет, правдата не е задоволена, бидејќи никој не е осуден.

„Единствениот заклучок што произлегува е дека немало волја, од врвот, па до најниското ниво на целиот државен апарат, да се фрли светлина на случајот и да се казнат сторителите, туку токму спротивното, вистината да остане скриена”, изјави за БИРН Милошевиќ, кој неодамна беше именуван за вицепремиер во новата влада на Хрватска.

„Ако не се дошло до вистина и до правда во ваков случај, тогаш не можеме да ги очекуваме ниту во другите случаи, во кои жртви се Срби, убиени по „Бура“. И тоа е денеска горчливо сознание”, нагласува тој.

Јован Бериќ, чии постари родители беа меѓу убиените во Вариводе пред 25 години, денес живее од скромна пензија и од приходите што ги добива од производство на мед.

По повеќегодишна правна постапка и решението на Врховниот суд од 2012 година, дека хрватската држава е одговорна за убиствата на цивилите во Вариводе, тој и неговите сестри, дури пред две седмици, успеаја да добијат обештетување за смртта на нивните родители.

„Не верувам дека полицијата и судството немаат можност да ги пронајдат сторителите”, вели тој и додава: „А колку се тие навистина подготвени да го сторат тоа и колку политиката работи на ова, е друго прашање”.

Тамара Опачиќ е новинарка на хрватскиот неделен весник Новости. Овој текст е дел од грантот на програмата на БИРН, Балканска транзициска правдаподдржана од Европската комисија.