Регион

Книга што фрла ново светло на злосторството во Мала Круша

Кингата содржи сведоштвата на луѓето што го преживеале масакрот во кој српските сили убиле и запалиле околу 113 селани од косовското село

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

“Умот има корени“, вели Ќамил Шеху, сеќавајќи се на моментот кога последен пат ги видел своите два сина, пред српските сили да ги убијат и да ја запалат куќата во Косово во која тие, заедно со над 100 други селани, се наоѓале. „Тие лелекаа и плачеа од болка и бараа помош. Но, нивниот крик звучеше како шепот“, додаде тој.

„Ја кренав главата и ги видов синовите Шани и Вели меѓу телата. Застанав меѓу мртвите. Сакав да умрам од куршум, а не да бидам жив запален. Потоа ги бакнав синовите во чело и скокнав низ прозорецот. Се упатив кон потокот, а потоа низ ридот, не знаејќи каде одам. Кога се освестив, беше утро и јас бев во шума“.

Ова се зборовите на Шеху, кој во меѓувреме почина, кои се најдоа во неодамна објавената книга на англиски јазик, „A Village Slain“, од авторите Агрон Лимани и новинарот, Ќемаил Красниќи, моќна хроника за убиствата, палежите и траумите.

Шеху почина во февруари годинава

Ќемаил Красниќи и Агрон Лимани. Фото: БИРН.

Книгата ги раскажува приказните за луѓето кои ги загубиле своите најблиски во масакрот во селото Мала Круша, општина Призрен, едно од најозлогласените злосторства извршени од страна на српските сили во војната во 90-тите години во Косово.

Масакрот – шокантен чин на одмазда – се случи на пладне на 26 март 1999 година, два дена откако започнаа воздушните напади на НАТО врз српските сили, кои дејствуваа под крајна команда на српскиот лидер, Слободан Милошевиќ.

Шеху и 118 други мажи и момчиња, меѓу кои биле и неговите двајца синови, биле разделени од нивните семејства и натискани во една мала куќа во селото. Потоа во нив пукале, а куќата била запалена.

Насловната страница на книгата

Лимани и Красниќи ги следат приказните за жртвите од моментот на масакрот до денес, две децении од крајот на конфликтот со српските сили кои беа принудени да се повлечат од Косово.

„Од почеток до крај, оваа книга е приказна за суровостa, колежот и неказнивоста. Не станува збор за херои, туку станува збор за жртви и егзекутори“, вели Лимани за БИРН.

Книгата содржи 55 интервјуа со преживеани луѓе и членови на семејствата на жртвите. Некои од нив, во меѓувреме, починале, вклучувајќи и двајца од шестмината преживеани.

„Ние работевме на оваа книга повеќе од осум години, собиравме докази и разговаравме со преживеаните и членовите на семејствата. Книгата е сеќавање на злосторството што се случи, како и на молкот и неказнивоста што го опкружуваат“, посочува Лимани.

Дел од доказите собрани за масакрот им беа предадени на обвинителите од мисиите на ООН и ЕУ. Некои од нив станаа дел од обвинението против Дарко Тасиќ, жител на селото, кој минатиот месец беше осуден на 22 години затвор за неговата улога во масакрот.

„Едно лице беше осудено, но нема правда. Сè уште има 68 исчезнати лица, за кои на судењето не беше добиена информација“, потенцира Лимани, чиј татко, брат и двајца чичковци биле убиени во масакрот.

Лимани, кој денес го води здружението за потрага по киднапираните и исчезнатите лица „26 март“, објаснува дека книгата содржи докази за улогата што локалните Срби ја одиграле во масакрот. „Некои од нив учествуваа во масакрот и потоа помогнаа да се прикријат телата на жртвите“, тврди Лимани.

Масакрот во Мала Круша е еден од најтешките извршени во војната во Косово. Повеќето жртви од овој масакр, сè уште се водат како исчезнати.

Лимани и Красниќи ја покажуваат горчливата трагедија што семејствата во Мала Круша ја доживеале за време на војната и последиците од конфликтот врз нивниот подоцнежен живот и чувства.

Книгата ги потенцира болните сеќавања на преживеаните, од кои некои починаа без притоа да добијат можност да ја кажат својата приказна пред обвинител или суд.

Најмладата жртва што преживеала е Мурсел Хајдари, кој имал 12 години кога го разделиле од неговата мајка. Најстарата жртва имала 89 години.

Мајката на Мурсел, Неџмија, која почина во 2019 година, на авторите на книгата им го опишува моментот кога Мурсел ја прашал: „Мамо, дали сум доволно возрасен за да одам со мажите?“

Меѓу неколкуте предмети што останале зад осуммината членови на семејството Хајдари, кои биле убиени во масакрот, е инвалидската количка на Сахит Хајдари, 40-годишен инвалид, кој, исто така, бил внесен во куќата и убиен.

Додека пламенот се ширел низ двете простории и ходникот на куќата, во кои се наоѓале жртвите, Ќамил Шеху и другите преживеани се сеќаваат дека, додека планирале како да избегаат, виделе дека Сахит е убиен; главата му висела во инвалидската количка. Неговите останки до денес не се пронајдени.

Лимани вели дека информациите што ги собрале покажуваат дека масакрот бил испланиран, како дел од таканаречената операција „Потковица“, која имала за цел да ги протера Албанците и етнички да го исчисти Косово.

„Јасно е дека имало намерно организиран напор за етничко чистење на територијата, бидејќи таков масакр не може да се изврши без планирање и подготовка“, нагласува Лимани.

„Освен што пружа докази, оваа книга е гласот на оние кои во меѓувреме починаа, а на кои не им беше дадена можност да фрлат светлина на она што се случи во тој трагичен ден во селото“, истакна Красниќи.

Тој додава дека, иако правдата не е исполнета, многу членови на семејствата на жртвите сè уште имаат одмазднички чувства.

„Додека културата на негирање на злосторствата продолжува и има за цел да ја замагли вистината, напорите за нормализирање на односите и за помирување, не можат да вродат со успех“, заклучи тој.