Регион

Следна генерација: Наследени непријатели и Босанци кои се обидуваат да пружат отпор

Поранешните непријатели се обидуваат да го запрат сопственото минато за да не ја отрујат иднината

Пред дваесет и осум години, на самиот почеток на војната во Босна и Херцеговина, припадниците на паравоените сили и војниците на југословенската армија, под доминација на Србите, опколија 114 бошњачки и хрватски жители во јужниот дел на Мостар и ги одведоа во блиската касарна позната како Северен логор.

Тепани, измачувани и погубени, нивните тела биле фрлени во депонии на две локации во градот. Се верува дека ова е прво масовно злосторство во војната во историското херцеговинско подрачје на југот на земјата, но не и последно.

Во текот на 2017 година, учесниците во војната 1992-1995 година, од сите завојувани страни, ја посетија касарната за да оддадат почит.

Меѓу нив беше и Станислав Крезиќ, 60-годишен ветеран, босански Хрват и член на белградскиот и на сараевскиот Центар за ненасилна акција, ЦНА, невладина организација посветена на помирувањето и градењето на мирот во поранешна Југославија.

„Бев тврдокорен, желен за одмазда“, вели Крезиќ опишувајќи се себеси во своите помлади денови, за време и веднаш по војната. Но, преку ЦНА, „се ослободив од национализмот“, додава тој.

Тој ден во Мостар, Крезиќ се присети на еден млад човек кој приближувајќи се до спомен-обележјето рекол: „Тие се мои непријатели“.

Тогаш, вели Крезиќ, ветераните го прашале: „А зошто се тие твои непријатели? Јас војував со твојот татко, не со тебе, ниту, пак, моето дете со тебе војуваше?“.

Меморијалниот центар и гробиштата во Поточари (Сребреница), БИРН

Дваесет и пет години од настаните во Сребреница, кога силите на босанските Срби убија околу 8.000 мажи и момчиња муслимани, во најголемиот масакр во Европа по Втората светска војна, етнонационалистичките поделби и дискурси продолжуваат да доминираат во Босна, дури и меѓу помладите генерации кои немаат директно сеќавање за конфликтот.

Многу повоени деца ја прифатија траумата на своите родители и ги интернализираа етнонационалистичките дискурси преку семејното воспитување.

Но, сепак постои отпор.

Справување со злосторствата на сопствената заедница

На ѕидот во ЦНА во Сараево, стои фотографија на Крешиќ и двајцата негови најблиски пријатели – 47-годишниот Бошњак, Амер Делиќ, и 50-годишниот Србин, Ѓоко Пупчевиќ, исто така, членови на ЦНА.

Пред дваесет и пет години, тие беа заколнати непријатели, кои меѓусебно се бореа во војната, во која загинаа околу 100.000 луѓе.

Крезиќ, Пупчевиќ и Делиќ велат дека нивното искуство со ЦНА, во рамките на кое ги споделуваат своите приказни со другите ветерани, драматично им го сменил нивниот однос кон „другиот“.

Обука на ЦНА за справување со минатото, со воени ветерани, ЦНА

„Лицето на непријателот изгледа поинаку од тој агол“, вели Делиќ.

Како и другите аспекти на современиот повоен општествен и политички пејзаж, културата на сеќавање и изградбата на споменици во Босна, станаа политизирани и поделени по етнички линии.

Како што БИРН претходно објави, воените споменици тежат кон „комеморација на жртвите од доминантната национална група“ на териториите каде се наоѓаат спомениците. Ваквите споменици не само што ја рефлектираат, туку и ги зајакнуваат постојните поделби преку искривена и пристрасна култура на сеќавање. А тоа може да влијае на генерациите што доаѓаат.

ЦНА сака да ги оспори наративите што водат до поделби, со организирање на комеморативни посети на ветераните од сите страни, со промовирање на употреба на заеднички спомен-обележја и со обележување на инаку необележаните места на страдање.

 

ЦНА мировна едукација, ЦНА

„Дознав многу факти за страдањата на другите“, вели Пупчевиќ, врзано за комеморативните посетите во кои учествувал во Сребреница и во други градови уништени од војната.

„Ако некој не ги види тие работи, тој не знае. Да останев во својата тишина, во својот дом, ништо не би видел – не би знаел за жртвите“, објаснува тој. „Јас би славел само за своите жртви и би ја минимизирал важноста на другите“.

Комеморација во Ахмиќи, „Кога ќе се сретнат Ахмиќи и Трусина“, ЦНА

За време на комеморативната посета на селото Ахмиќи во 2019 година, каде што во 1993 година босанските Хрвати убија 116 Бошњаци, пред присутните се обрати Крезиќ, по националност Хрват, кој рече: „Силата е во нас, кои доаѓаме на местото каде што нашите извршиле злосторства“.

Тројката редовно зборува за својот процес на „трансформација“ за време на јавните настани или обуки за градење на мирот, организирани за младите Босанци или ветерани.

Но, нивната борба е тешка.

„Политиките создаваат многу негативен набој, кај мојата генерација и кај генерациите што доаѓаат“, истакнува Делиќ.

Етнонационализмот, додава тој, „во семејството и во училишните институции“, ги подредуваат младите на нивната етничка група и ги лишуваат од односите со припадниците на другите етнички групи.

Товарот на минатото

Според Крезиќ, семејната средина има важна улога во обликувањето на светогледот на младите, затоа што воената траума и, понекогаш, радикалните погледи на родителите, влијаат на тоа како децата се доживуваат себеси, животот, пријателствата и идните аспирации.

Делиќ вели дека многу повоени генерации немаат голем интерес за градење на мирот и за програмите за помирување, и оти гледаат на војната како на „товар“ и претпочитаат да гледаат во иднината.

Но, тоа не значи дека тие не се оптоварени со минатото; напротив, помладите генерации не се подготвени или не можат да се спротивстават на доминантните етнонационалистички наративи на денешницата.

Пред војната, кога Босна беше дел од Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ), Босанците од различни националности многу повеќе се мешаа, се дружеа и склучуваа бракови без разлика на националната припадност. Денешната Босна е различна.

Злосторствата и етничкото чистење драматично го сменија демографскиот состав на Босна и ги обликуваа повеќето денешни етнички хомогени заедници.

Припадниците на повоената генерација најчесто се вгнездени во нивните заедници кои ги обликуваат нивниот идентитет, наративи и секојдневни интеракции.

„Другите“ обично не се дел од нивниот универзум. Тие се исклучени, игнорирани или презрени.

Всушност, етничката припадност е содржана и во Уставот на Босна и Херцеговина и, до одреден степен, продолжува да доминира во голем дел од јавниот живот, факт што не го забораваат политичарите кои извршија  поделби по етничка основа, за да ги зацврстат своите позиции.

Свеќа запалена во името на човечноста и надежта, при посетата на Приедор и Нови Град, ЦНА.

Секоја етничка група има свое сеќавање на војната, своја верзија на историјата, за она што се случило и зошто се случило. И овие спротивставени истории доминираат во приказните раскажани на повоените генерации во рамките на нивните семејства, во училиштата и во медиумите.

Тие се она што турско-кипарскиот психијатр, Вамик Волкан, ги нарекува колективни наративи на „избрани трауми“.

Избраните трауми можат да ја хранат радикализацијата. Кога се активираат, тие ги оживуваат „поврзаните (со минатото) стравови, очекувања, фантазии и одбрана“, пишува Волкан.

„Овој процес ја зголемува сликата на сегашните непријатели и тековните конфликти, а настанот што се случил (во минатото) ќе се чувствува како да се случил вчера. Древните непријатели ќе бидат перципирани како нови непријатели, а чувството за право да се поврати изгубеното или да се бара одмазда […] станува преувеличено“.

„Другите“ се обвинуваат за страдањата на сопствената група, додека нејзините злосторства обично се негираат, релативизираат или премолчуваат. И избраните трауми се пренесуваат на генерациите.

Неодамнешните истражувања спроведени во други повоени средини, ги потврдија далекусежните последици од масовното насилство не само на поединците, кои го искусиле насилството од прва рака, туку и на нивните потомци, кои секојдневно се соочуваат со современото наследство на минатите злосторства во нивните семејства и заедници. Босна по ова не се разликува.

Во Босна, релативниот недостиг на меѓуетнички средби и меѓуетничка комуникација за војната се пресекува, со цел да се создаде „заговор на молчење“, во кој растат повоените генерации.

Овој меѓуетнички заговор на молчење (повторно) ќе предизвика страв од „непознатото“ и ќе ги поттикне ксенофобичните перцепции за „другиот“ меѓу повоените генерации.

Соочувања

Сепак, не сите Босанци родени за време или по војната, подлежат на етнонационалистичките наративи. Некои ја препознаваат заканата, делумно благодарение на начинот на којшто сe воспитувани.

Нермин, 61-годишен Бошњак, воен ветеран, кој зборуваше со нас под услов да не го откриеме неговото вистинско име, раскажува дека бил регрутиран во босанската армија и дека неговата сопруга и нивното прво дете морале да се борат за да обезбедат доволно храна и вода. Нермин ја загубил работата по војната, а семејството било осудено на сиромаштија.

Во 1997 година, Нермин повторно се вработил во фирма за обезбедување, по што се родило и нивното второ дете-ќерката, Елма (кое, исто така, не и нејзиното вистинско име), пкоја ораснала на истиот начин на кој Нермин бил воспитуван.

„Нашето воспитување беше ‘братство и единство’“, вели тој, потсетувајќи на водечкиот принцип на национално мешаната Југославија, на чие чело беше Јосип Броз Тито.

„Не ми беше гајле кој си, како се викаш“.

Родителите на Елма развиле силно чувство за независност кај своите деца. Кога Нермин и неговата ќерка зборуваат за војната, не разговараат за етничката припадност, за поларизацијата или непријателите, туку за специфични настани и влијанието што тие го имале врз нивното семејство.

Нермин се изјаснуа како Бошњак и муслиман, но неговите деца имаат слобода на избор, вели тој. Елма нагласува дека не чувствува ниту како Бошњачка, ниту како муслиманка; како и нејзините родители, и таа има пријатели мешани по националност, од трите најголеми етнички и верски заедници во Босна.

„Мојата интеракција со разни наративи, вклучувајќи ја и екстремната десница, ми даде увид во живописните, но и деструктивни погледи на военото минато и етнонационализмот на мојата скршена генерација“, истакнува Елма.

„Не сакам да бидам исклучива, кога станува збор за етничките групи“, вели таа и додава: „но етничките групи ќе мора да се соочат (со своите воени наследства и етнонационализмот). Ако не го сторат тоа, нема да има помирување“.

Нејзините зборови ги одразуваа зборовите на Делиќ. „Ако некој ја препознае мојата жртва, ако некој има сочувство кон тие луѓе што се (убиени) од моја страна, тоа е хуман (чин). Ништо не е црно и бело. Знам дека и другите имаа жртви“.

„Ако ние сме подготвени да разговараме со нашите непријатели, зошто и младите не можат да го сторат истото?“

Мирза Буљубашиќ (Mirza Buljubasic ) е асистент на Катедрата за криминологија на Факултетот за криминалистика, криминологија и безбедносни студии, при Универзитет во Сараево. Работел како истражувачки консултант, истражувач и аналитичар за различни организации, кои се занимаваат со темите на транзициската правда, радикализацијата и јакнењето на жените.
Барбора Хола ( Barbora Holá) работи како виш истражувач во НСЦР и е вонреден професор на Катедрата за кривично право и криминологија на Универзитет во Амстердам. Барбора е воедно и помошник директор во Центарот за меѓународно кривично правоудство, центар на знаење посветен на интердисциплинарните студии за масовните злосторства и меѓународното кривично правосудство.
Овој текст е дел од проектот Resonant Voices Initiative, финансиран од фондот за внатрешна безбедност на Европската унија. Содржината на оваа приказна е одговорност на БИРН. Европската комисија не е одговорна за каква било употреба на информациите изнесени во овој текст.