Регион

Хрватска сè уште талка по „Беспаќето“ на Туѓман

Триесет години од книгата на Туѓман „Беспаќето на историската реалност“, нема промени во политиката на сеќавањето во Хрватска

На 30 мај 1995 година, додека сè уште беше во војна со самопрогласената српска државичка на нејзина територија, Хрватска одбележа пет години од својата независност, со, како и обично, долг говор пред парламентот на претседателот, Фрањо Туѓман.

Туѓман во таа пригода напомена дека оваа годишнина се слави во истиот месец, кога низ целиот свет се прославува и 50-годишнината од победата над фашизмот во Втората светска војна.

Истакнувајќи ја потребата да се „почитува историската вистина“, Туѓман изјави дека Хрватите не треба да бидат поделени околу жртвите на фашизмот и на комунизмот, туку дека тоа треба да ја поддржи „потребата за вечно помирување и единство“.

А како тоа да се стори, Туѓман имаше идеја.

„Во Јасеновац“, изјави тој, „ние ќе изградиме хрватско спомен-обележје за сите жртви на војната. Ние таму ќе ги пренесеме посмртните останки на сите жртви на фашизмот и на комунизмот“.

Со други зборови, Туѓман планираше, на местото на злогласниот концентрационен логор од Втората светска војна во Хрватска, да ги измеша останките на сторителите – усташите – со оние на жртвите на логорот, над 80.000 Срби, Роми, Евреи и антифашисти.

Жртвите на комунизмот не ги вклучуваа само усташите, кои беа егзекутирани од партизани во 1945 година, туку и многу други кои не беа виновни за никакви злосторства. Сепак, идејата на Туѓан беше далеку од перверзна. Замислете да предложите да ги погребате останките на нацистичките СС стражари и жртвите на Аушвиц во исто спомен-подрачје, каде нивните посмртни останки ќе бидат измешани?

Мешањето на коските, сепак, не беше ад хок идеја, туку дел од политиката на сеќавање на Туѓман, која би го надживеала и самиот човек.

Инспириран од Франко и Лубуриќ

Вјекослав Лубуриќ седи со германски офицер во концентрациониот логор Стара Градишка, 1942 година. Фото: Википедија/Музеј на револуцијата на народностите на Југославија

Туѓан првично ја доби оваа идеја од шпанскиот диктатор, Франциско Франко, кој ја реализира својата дистописка идеја во „Долината на паднатите“, најголемата масовна гробница во Шпанија, во која се погребани повеќе од 33.000 луѓе кои загинаа во граѓанската војна 1936-1939 година, од двете страни, но и од Вјекослав Макс Лубуриќ, кој го водеше системот на усташките концентрациони логори и пишуваше за потребата од обединување на различните фракции на хрватската дијаспора, по Втората светска војна.

Концепцијата на Туѓан за панхрватско помирување меѓу потомците на усташите и на партизаните, се засноваше на фактот дека тие се собраа заедно во 90-тите години и дека за време на Татковинската војна (1991-1995) ја „создадоа Хрватска“.

Според таа идеја, ако сите мртви и живи бидат обединети, Хрватска, по вековните борби, би дошла до крајот на својата историја.

Туѓман инсистираше на својот план за Јасеновац и во 1995 и 1996 година, кога војната заврши, но, по силните критики на САД, Израел и на низа интелектуалци од целиот свет, тој се повлече.

Како и обично, Туѓман се однесуваше скоро навредено што никој не ја цени неговата самододелена улога на Голем обединувач.

Туѓман почина во 1999 година. Но, иако неговиот план во врска со Јасеновац никогаш не се оствари, пошироката политика на сеќавањето, во врска со неговата идеја, и денес е жива во Хрватска.

Изградба на сехрватски фронт

Фрањо Туѓман на средба со Ворен Зимерман амбасадор на САД во СФРЈО во 1991 година. Фотоархива на претседателот на Хрватска

Визијата на Туѓан за модерна Хрватска беше визија за земја која ги надминала фашизмот и комунизмот, која ги земала позитивните елементи и од едните и од другите, дистанцирајќи се од негативното.

За да го стори тоа, претседателот се обиде да постигне рамнотежа помеѓу величењето и осудата на обете движења.

Тој најде заеднички именител и во усташите, и во партизаните: перцепцијата на борбата за Хрватска, без разлика дали е таа фашистичка или комунистичка. Исто така, под очигледно влијание на антикомунистичката хрватска дијаспора, Туѓман генерално се обиде да го преобликува сеќавањето на антифашистичката борба и на социјалистичка Југославија.

Во тој поглед, хрватските националисти од 90-тите години, под водството на Туѓман, го продолжија процесот на национализација на антифашизмот, кој започна децении порано.

Според овој национало базиран наратив, Хрватите се најголемите антифашисти, кои се бореле против нацистите и ги поставиле темелите на модерна Хрватска.

Во исто време, важната улога на Србите од Хрватска беше или маргинализирана или се смени во учество „под хрватското знаме“.

Овој наратив ги поврза Србите со партизанските злосторства и честопати имплицираше дека тие биле затскриени „четници“, а не вистински антифашисти.

Ваквата симболична врска резултираше во физичко отстранување и уништување на сите споменици или имиња на улици, посветени на српски или југословенски антифашисти.

Во согласност со учењето на Лубуриќ, Туѓман балансираше меѓу наследството на партизаните и наследството на усташите, што би резултирало со сехрватски фронт против Србите и Југославија.

Додворување на Израел и прекројување на историјата

Фото: БИРН/Ања Владисављевиќ.

Туѓман, уште пред да стане претседател, во својата перцепција за себеси како месија, даде преглед на европската и на југословенската историја во својата книга објавена во 1989, „Беспаќе на историската реалност“, која во 1996 беше објавена и на англиски јазик под насловот „Хоророт на војната“.

Книгата шокираше некои читатели, кои укажаа на она што Туѓман го сметаше за одредени позитивни ефекти од геноцидот. Пишувајќи за холокаустот, тој погрешно го цитираше научникот, Раул Хилберг, за да имплицира дека околу еден милион, а не шест милиони Евреи биле убиени во Шоах (холокаустот), додека во врска со Јасеновац, Туѓман влезе во негаторските води и изјави дека еврејските затвореници го воделе логорот.

Многу научници ги оспорија тврдењата во книгата, а Туѓман на крајот, намерно или не, ја призна својата грешка, и му се извини на еврејскиот народ во 1994 година.

Истата година, на највисоко државно ниво, се одржа хрватската премиера на филмот, „Шиндлеровата листа“, на режисерот Стивен Спилберг, при што Туѓман одликува еден од продуцентите на филмот, хрватскиот Евреин, Бранко Лустиг, за неговите заслуги во промовирањето на вистината за холокаустот.

Во англиската верзија на „Беспаќе“, објавена во 1996 година, Туѓман го повлече најпроблематичното поглавје во врска со холокаустот и тврдењето дека Евреите владееле со Јасеновац.

Две години подоцна, во Хрватска започна судењето на поранешниот командант на Јасеновац, Динко Шакиќ, поради кое еврејските организации до Загреб испратија зборови со пофалби. Шакиќ беше осуден во 1999 на 20 години затвор.

Туѓман очајно ја сакаше поддршката и одобрувањето на Израел, земја на која тој ѝ се восхитуваше, а која се воздржување од развивање на односите со Хрватска. Туѓман се надеваше дека неговите гестови ќе му обезбедат државна посета на Израел, желба што никогаш не му се оствари.

Во исто време, Туѓман се сврте кон најсилните теории на хрватските негатори, тврдејќи дека по 1945 година, Јасеновац станал комунистички логор на смртта, каде илјадници Хрвати ги загубиле своите животи.

Туѓман го изјави ова за време на посетата на спомен-подрачјето Јасеновац во јуни 1996 година, изјавувајќи дека Јосип Броз Тито никогаш не го посетил ова место, бидејќи знаел дека било „логор помеѓу 1945 и 1948 година“.

Сепак, ова не беше изолиран инцидент: пет месеци подоцна, тогашниот хрватски амбасадор во Соединетите Американски Држави, Миомир Жужул, ја повтори оваа невистина во американскиот Меморијален музеј на холокаустот – што беше еден од најголемите дипломатски гафови на Хрватска.

Без допир со реалноста

Споменик на жртвите од Блајбург Извор: Википедија

Денешната хрватска политика на сеќавањето, е еден вид продолжение на идеите на Туѓман.

Политиката на сеќавањето на Хрватска, од една страна, се обидува да ја минимизира антифашистичката борба во одреден степен, а од друга страна, сè уште доволно ја негува, за симболично да остане на страната на победниците од Втората светска војна.

Антифашизмот се смета за вредност, која беше извалкана со злосторствата извршени по Втората светска војна.

Фашистите се лоши, но ниту комунистите не се подобри.

Комеморацијата во Блајбург, со која се одбележува годишнината од убиствата на хрватските нацистички колаборационистички сили и цивили, извршени во 1945 година од страна на партизаните, ужива државна поддршка – иако им штети на односите со соседите на Хрватска, при што  истовремено се игнорира Јасеновац.

Усташите се „лоши момци“, но тие „се бореа за хрватската кауза“ и имаа погреб со државни почести.

Хрватска го одбележува Денот на антифашистичката борба, а истовремено им дава пари на невладините организации кои ги промовираат невистините на усташите и Туѓман, дека Јасеновац бил комунистички логор во кој Евреите биле спасени пред 1945 година.

Антифашистичкото наследство честопати е занемарено и маргинализирано, додека неговите споменици пропаѓаат. Во исто време, се величат сомнителни антикомунистички ликови, како што е хрватскиот емигрант, Миро Барешиќ, кој го уби југословенскиот амбасадор во Стокхолм во 1971 година.

Хрватска гради споменик на сите жртви од Втората светска војна – вклучувајќи ги и усташите – додека во исто време властите на Загреб сакаат да подигнат споменик на жртвите од холокаустот во хрватскиот главен град, со што се прикрива улогата на усташите во истребувањето на европските Евреи. Списокот на грешки продолжува.

Исто како и во случајот со Туѓман, хрватската политика на сеќавањето, е без допир со реалноста.

Туѓман понекогаш беше многу практичен и успешен во навигацијата во дипломатските води, во потрага по својата последна награда – независна Хрватска.

И тој успеа. Навистина, како што секогаш сакаше, Туѓман многумина го паметат како хрватски Џорџ Вашингтон, како водач што ја создаде државата, како воен водач кој наликува на Тито, кој ја стави Југославија на карта и чија биста Туѓман ја чуваше во својот кабинет.

Но, за покритичните набудувачи, тука завршува неговото наследство. Во повеќето други негови напори, Туѓман беше неуспешен. Истото важи и за неговите погрешни планови за сехрватско помирување.

Луѓето не се деца, за да ги смирите со сила. Само диктаторите, како Франко, размислуваат на тој начин, кога прават планови како идеолошки да ги освојат непријателите.

Додека се обидуваше да го имитира Франко, Туѓман заборави дека мора да се придржува кон минималните демократски стандарди, што се бараат од европските државници на крајот од 20 век.

Идеите на Туѓман не помогнаа никому, па дури ни на жртвите на усташите и на партизаните. Единствено што успеа да го стори Туѓман е да ја оцрни сликата на Хрватска, за наредните децении. И колку порано хрватските водачи го сфатат тоа, толку подобро ќе биде за сите.

Свен Милекиќ е докторант на Универзитетот Мајнот, финансиран од ирскиот истражувачки совет во рамките на постдипломската програма на Владата на Ирска.
Мислењата изразени во овој коментар се исклучиво мислења на авторот и не ги одразуваат ставовите на БИРН.
Овој текст е напишан како дел од регионалната програма „Западен Балкан: Разбирање и спречување на антизападното влијание“, спроведена од Меѓународниот републикански институт (МРИ) во Сараево.
Мислењата на авторот не ги одразува нужно и ставовите на МРИ.