Регион

„Мафијата е важна“: Нова книга за влијанието на организираниот криминал врз сепаратизмот

Организираниот криминал не е само симптом на сепаратистичките конфликти, туку е и нивен активен агент, вели за БИРН, Данило Мандиќ, професор на Универзитетот Харвард

Од криумчарење на стока на пазарот во Грузија, до ангажирање на гангстери во Косово, организираниот криминал, кој е далеку од тоа дека е само нуспроизвод на конфликтите, влијае на текот на сепаратистичките битки ширум светот, се вели во новата книга на професорот, Данило Мандиќ.

Во книгата, „Гангстери и други државници“, која треба да биде објавена во декември оваа година, професорот по социологија на Харвард и постдокторант, Данило Мандиќ, посочува дека сепаратистите, но и државите кои се обидуваат да го спречат сепаратизмот, се обидуваат да ги „инструментализираат“ криминалците, за да можат да влијаат на текот на конфликтот.

Анализирајќи ги сепаратистичките движења во 16 земји на Балканот, во Источна Европа, Блискиот исток и во Западна Африка, Мандиќ го оспорува конвенционалното сфаќање, кое, како нагласува, има тенденција да ја „минимизира важноста на организираниот криминал“.

Во Косово, истакнува тој, за време на војната 1998-1999 година, ‘мафијашите’ се бореа на обете страни, а бандите на организираните криминалци и денес имаат голем интерес, границите на најмладата држава во Европа, да останат спорни, посочува тој.

„Главните наоди можат да се сублимираат во три збора“, вели Мандиќ за БИРН. „Мафијата е важна“.

Криумчарење на стока и изградба на мир

Данило Мандиќ. Фотографија на Катедрата по социологија на Универзитетот Харвард

Споредувајќи го отцепениот регион, Јужна Осетија, во некогашната советската република, Грузија, и поранешната српска покраина, Косово, 34-годишниот Мандиќ, во својата книга вели дека организираниот криминал влијаел на двата конфликти.

Кога станува збор за Јужна Осетија, која, со распадот на Советскиот Сојуз, се бореше да го отфрли владеењето на Тбилиси, Мандиќ го истакнува големото значење што го имал пазарот за шверцувана и украдена стока.

Овој пазар, кој се наоѓал помеѓу Јужна Осетија и Грузија, започнал да се развива во средината на 90-тите години и тој секоја година го олеснувал шверцот на стока вредна десетици милијарди долари, на грузискиот пазар.

Според Мандиќ, со ова бил нарушен „и суверенитетот и законите на Грузија“, но, исто така, му овозможило на населението од Грузија и од Јужна Осетија, по војната повторно да се среќаваат и да ги обноват односите.

„Тоа придонесе повеќе за градење на мирот и меѓуетничката соработка отколку било што друго што меѓународно заедницата беше во можност да стори и секако сѐ што Грузија и Јужна Осетија можеа самостојно да направат“, нагласува Мандиќ.

Грузија, во 2004 година, на чело со прозападниот претседател, Михаил Сакашвили, го затвори пазарот, обидувајќи се да му ги пресече приходите на сепаратистичкото раководство на Јужна Осетија, кое тогаш беше под закрила на Русија. Ова беше проследено со одговор кој доведе до затегнати односи. Војната повторно започна во 2008 година.

Мафија против мафија

Мандиќ, кој е роден и израснат во Белград, го опишува конфликтот во Косово кон крајот на 90-тите како конфликт меѓу „унифрмираната мафија“ и „бунтовничката мафија“.

Првата била на српска страна – мафијашки шефови, криумчари, затвореници и криминалци, кои Белград ги ангажирал како паравоени сили, кои ќе ја извршуваат „валканата работа“, со цел да го задушат бунтот на Албанците.

На другата страна е Ослободителната војска на Косово (ОВК), која Мандиќ ја опишува како „мала група бунтовници, високо етноцентрична, со силно националистичко незадоволство и со желба да се отстрани постојниот мејнстрим на косовското сепаратистичко движење претставено од (Ибрахим) Ругова“, архитектот на деценискиот пасивен отпор на косовските Албанци кон српската репресија кон крајот на осумдесеттите“.

„Првобитната ОВК значително се потпираше не само на трговијата со дрога, туку и на шверцот со оружје“. Овие активности им овозможија на нејзините припадници да го отстранат Ругова од управувачкото место во косовската независност, посочува Мандиќ.

Преклопувањето на сепаратистичките движења и организираниот криминал не ги делегитимизира нужно овие движења, вели тој.

„Фактот дека многу сепаратистички движења успеаја да ги постигнат своите цели во партнерство со организирани криминални групи, не му дава кредит, ниту го дискредитира незадоволството на сепаратистите“, додава тој.

„Сакам да кажам дека мафиите се важни, и дека често, што е изненадуваки, нивниот ефект не води кон дезинтеграција, нестабилност и хаос. Многу е важно да се разгледа опсегот на ефектите, кои тие можат да ги имаат на сепаратистичкиот контекст“.

Интерес за конфликтот во тек

Пред војната 1998-1999 година во Косово, организираните криминалци имаа своја улога и на други места ширум Југославија, во војните во првата половина на 90-тите во Босна и Херцеговина и во Хрватска. Непријателските сили меѓусебно тргуваа со оружје, што несомнено помогна во продолжување на војната.

„Кога станува збор за криумчарењето на оружје, доста се работеше на пролонгирање на војната, активно пролонгирање, а разните шверцерски шеми на хрватските, бошњачките и српските сили, со меѓусебната размена на оружје, го позиционираа насилството во ќор-сокак“, вели Мандиќ.

Слични трендови и денес може да се забележат на Косово, додава тој, каде бандите од обете страни соработуваат искористувајќи го особено нејасниот статус на северно Косово и одбивањето на Србија да го признае Косово како независна држава.

Спорните граници им даваат плодна основа на организираните криминални групи, кои, од друга страна, се заинтересирани за продолжување на конфликтот.

„Замрзнатиот конфликт им одговара на сите“, истакнува Мандиќ. „Постои траен интерес и поттик, некои го нарекуваат ‘перверзен поттик’, за одржување на статус кво“.

„Зачудувачки е што на одредени интересни групи, главно на мафијата, им е во интерес границите да бидат спорни, затоа што е попрофитабилно ако тие се спорни, отколку ако се регулирани, па дури и лошо регулирани“.