Анализи

Нема виновници за говорот на омраза во Македонија

Во последниве 8 години, обвинителството нема покренато ниту едно обвинение за говор на омраза

Говорот на омраза, кој во Македонија се шири како вирус, особено преку социјалните мрежи, останува несанкциониран, а институциите глуви. Здруженијата за заштита на човековите права поднесуваат кривични пријави, граѓаните реагираат на социјалните мрежи, масовно го пријавуваат и го детектираат, обвинителството реагира со соопштенија, но резултатите од тоа не се видливи, за што впрочем говорат и бројките – во последниве 8 години, од 2010 година до сега, обвинителството нема поднесено ниту едно обвинение за двата члена од Кривичниот законик кои го регулираат и санкционираат говорот на омраза.

„По пријавата е донесено решение со кое се отфрла кривичната пријава бидејќи пријавените дела не се кривични дела за кои се гони по сужбена должност“.

Ваков е најчесто одговорот во однос на пријавите што се поднесени до Јавното обвинителство, а кои се поврзани со говорот на омраза.

Последен предмет што го оформи обвинителството е во врска со написот на водителот Миленко Неделковски на Фејсбук, за пожарите што ја зафатија Атина, во кој тој меѓудругото пишува „сите до еден да изгорите“.

 „Јавното обвинителство ќе испитува дали преку пишувањето на коментарите и написите на социјалните мрежи е извршено кривично дело за кое се гони по службена должност. Следува преземање на дејствија со цел обезбедување докази во предметот. Воедно, ќе се утврдува идентитетот на лицата кои преку објавување на написи и коментари учествувале во ширењето на говорот на омраза“, се вели во соопштението на обвинителството.

Иако граѓаните масовно го пријавуваа овој пост на Фејсбук, оттаму стигна одговор дека според стандардите на социјалната мрежа, не е пронајдено дека говорот на Неделковски содржи говор на омраза.

„Во текот на изминатите 3 години, не постои ниту една правосилна судска пресуда за говор на омраза, иако неговата застапеност во јавниот простор е огромна. Недостатокот на судска пракса и непрепознавањето од страна на Јавното обвинителство, како и толеранцијата од страна на МВР предизвикуваат натамошно ширење на говорот на омраза, без било какви последици врз сторителите. Со ова, се создава особена опасност од сторувањето на делата од омраза кои се директна негативна последици на говорот на омраза“, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Токму говорот на омраза се провлекуваше како мотив и при убиството на младиот Никола Саздов. Тој кон почетокот на месецов беше крвнички претепан од три лица, а по десетина дена во кома тој почина на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување. Двајца од сторителите се во притвор, а третиот е во бегство. Тие ќе одговараат за убиство на свиреп начин, но во случајов изостана превенцијата, а крвавиот настан ќе остане да сведочи дека говорот на омраза раѓа насилство кое може да има и смртни последици.

Пријавите за говор на омраза заглавени во обвинителството

Пировска: Недостатокот на судска пракса и непрепознавањето од страна на Јавното обвинителство, како и толеранцијата од страна на МВР предизвикуваат натамошно ширење на говорот на омраза

Хелсиншкиот комитет има поднесено 4 кривични за говор на омраза по различни основи, но сите тие се заглавени во обвинителските лавиринти. Првата кривична пријава е поднесена против лицето Миленко Неделковски уште во 2014 година, за ширење говор на омраза на интернет врз основ на сексуална ориентација. Имено, непосредно по нападот на ЛГБТИ заедницата во клубот Дамар во Старата чаршија, Миленко Неделковски на својата фан страна на социјалната мрежа Фејсбук, споделува слика од нападот со текст кој е омаловажувачки кон ЛГБТИ лицата и со кој го оправдува нападот врз ЛГБТИ лицата.

Во последниве 4 години, Основното јавно обвинителство (ОЈО) три пати ја одбива кривичната пријава, не препознавајќи го стореното дело. Вишото јавно обвинителство три пати го вратило предметот пред ОЈО, а засега за предметот не е поднесен обвинителен акт. За истиот настан е поднесена е кривична пријава и против водителот Јанко Илковски.

Третата кривична пријава за говор на омраза Хелсиншкиот комитет ја поднесува против Стевчо Јакимовски, кој ширел говор на омраза на јавен собир-митинг во октомври, 2017 непосредно пред одржувањето на локалните избори.

„Во својот говор, тој употребува навредлив и понижувачки говор кон својот против кандидат употребувајќи зборови насочени кон ЛГБТИ лицата. По кривичната пријава, се уште не е добиен никаков одговор од страна на јавното обвинителство“.

Четвртата кривична пријава е поднесена против лицата Мирка Велиновска и Миленко Неделковски за емисијата „Миленко Неделковски Шоу“, каде што користат навредлив говор и говор на омраза врз етничка припадност, насочена кон албанската етничка заедница. Кривичната пријава е поднесена во април, 2018 година и се чека постапувањето од страна на Јавното обвинителство.

„Во меѓувреме, Хелсиншкиот комитет има поднесено околу 15 пријави на случаи кои содржат ширење и промовирање говор на омраза на различни основи (најчесто етничка припадност, сексуална ориентација) до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР, кога случаите се забележани на интернет просторот, кога се исполнети елементите на говорот на омраза и кога постои особена опасност таквиот говор да резултира со сторување дело од омраза. Во неколку случаи Хелсиншкиот комитет доби одговор од секторот, при што бевме известени дека не е исполнето битието на кривично дело или не постојат доволно докази да тоа“, вели Уранија Пировска, директорка на Хелсиншкиот комитет.

Лицата кои се обидуваат на еден или друг начин да го оправдааат говорот на омраза во медиумите или социјалните мрежи, тоа најчесто го прават преку изедначувањето со поимот на „слобода на говор“, не препознавајќи ја разликата кога слободата на говорот се злоупотребува или загрозува до степен да напаѓа одредена група луѓе и нивниот идентитет.