Иако е дел од договорот од Пржино, активната регистрација на гласачите станува сѐ понеизвесна. Не само што ДУИ не ја прифаќа туку и странски експерти за избори посочиле дека до април нема време за евидентирање на гласачите со отпечаток од прст. Од СДСМ пак, инсистираат дека три месеци се доволен период за да се имплементира систем што е меѓународно докажан.
Нема доволно време да се спроведе активна регистрација на гласачите на претстојните предвремени избори на 24 април. Ова го кажале експерти за изборно законодавство кои работеле во повеќе држави од источна Европа и од Африка кои проценуваат дека се потребни минимум 18 месеци за да може да се спроведе активна регистрација на гласачите преку електронски отпечаток на прст, брифираат за БИРН дипломатски извори од преговорите што се во тек.
Објаснувањето на странските експерти е дека евидентирањето на гласачите со отпечаток од прст со што би се прочистил избирачкиот список и би се избегнале гласања со двојни или тројни идентитети и документи, не може да се случи без претходно да се тестира системот, затоа што се можни грешки.
Меѓу експертите кои дале препораки околу активната регистрација, според информациите на БИРН се Питер Вол и Стив Канхам од Меѓународната фондација за изборни системи.
Експертите од оваа организација во Скопје предочиле дека спроведувањето на новите системи за регистрација на гласачите во ограничена временска рамка вообичаено резултира со намалено расположливо време за клучни задачи, по што следува неуспех на системот.
„Не се работи за комерцијален систем за кој има време за одложување и постепено започнување на операциите. Системот треба да функционира 100 насто исправно, во целата земја, при првата употреба. Доцното откривање дека не е можна навремена испорака претставува закана и за политичкиот и за изборниот процес“, се вели во анализата на експертите.
Основни спорни прашања, според двајцата експерти се дали да има активна биометриска регистрација или целосна пасивна верификација на постојниот избирачки список, како и регистрација на гласачите од дијаспората.
Експертите уште наведуваат дека „многу клучни прашања за кои е потребен договор не се отворени“.
Околу активната биометриска регистрација на гласачите, двајцата експерти велат дека нема меѓународно искуство за развој на ефективен систем и имплементација во дадениот распоред што ќе овозможи спроведување на изборите во рок од неколку месеци. На пример, во Нигерија, развојот започнал 11 месеци пред изборите во 2011 година, потребни биле седум месеци за развој на системот и за набавка на опрема. На почетокот на регистрацијата на гласачите, системот не функционирал, немало доволно време за тестирање.
„Во 2015 година, сѐ уште се прочистуваат дуплираните податоци од почетното прибирање на податоците“, нагласиле експертите.
Во Јемен за изборите во 2013 година, опремата била испорачана во септември 2013 година, а на почетокот на 2014 година, софтверот сѐ уште не функционирал исправно.
Дипломатски извори велат дека решението за изборните реформи по експертските сугестии дека нема доволно време, мора да произлезе од самите партии.
„ Ние како меѓународна заедница сме подготвени да ангажираме странски експерти кои ќе помогнат за чистење на избирачкиот список. Државната изборна комисија треба да биде
СДСМ инсистира на активна регистрација
Од СДСМ инсистираат да има активна регистрација на гласачите и велат дека не се откажуваат од ова барање.
„Три месеци се доволен период за да се имплементира систем кој е меѓународно проверен. Ние понудивме предлог да се искористи постојната база на податоци и да се направи биометриска проверка. Поголем проблем е што ДУИ се противи на активната регистрација“, велат од СДСМ за БИРН.
Краен рок за договор за измените во врска со изборниот процес е шести октомври, па на работната група ѝ остануваат само неколку дена за да се договори не само како ќе го прочистува списокот туку и како ќе гласа дијаспората, какво ќе биде медиумското претставување во рамките на кампањата и други прашања.
Рокот за зголемени овластувања на ДИК веќе е пробиен . Договорот од Пржино предвидуваше тој да биде на 30 септември.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пред неколку дена апелира да не се купува време и роковите да се почитуваат.
„Ќе потсетам дека договорот од 2 јуни, а конечно и од 15 јули, стојат рокови, крајот на јуни, крајот на август, коишто мораше да бидат испочитувани. Заради пролонгирањето од 2 јуни до 15 јули, еве и овие 15 дена да ги вкалкулираме, доаѓаме до 15 октомври, а сепак роковите не се постигнати. Требаше ДИК целосно да се реорганизира, со комплетни надлежности и веќе да има започнато процеси. Моравме да знаеме кој ќе биде начинот за ревидирање на Избирачкиот список, моравме да ги знаеме промените во избирачкото законодавство, во медиумите“, рече Заев.
Предлогот на СДСМ за активна регистрација на гласачите беше јавно поддржан од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
„Едно од основните обвинувања што СДСМ ги имаше кон ВМРО-ДПМНЕ, а е неосновано, беше дека има некакви гласови што ние не сме ги добиле, дека биле фантомски со различни бројки и дека поради тоа тие загубиле. Затоа ние го прифативме нивниот предлог за активна регистрација на гласачите, дури и додадовме да биде со електронски отпечаток на прст, така што не само што го прифативме туку сега инсистираме“, кажа Груевски.
Партиите на средбите на работната група договорија ДИК да се состои од девет членови-тројца ќе предлага власта, тројца опозицијата, а останатите ќе бидат експерти (од кои еден мора да биде Албанец). ДУИ и ДПА ќе избира по еден член.
Копјата на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се кршат околу дијаспората. СДСМ бара да има една изборна единица со која сите гласови би се изедначиле. Втората опција, доколку не е прифатлив овој предлог е пратеник од дијаспората да се бира со најмалку 80 отсто од просекот со кој се бираат пратеници во Македонија.
Брисел го оценува исполнувањето на договореното
Реформите предвидени со договорот од Пржино, освен што се договараат во присуство на претставници на меѓународната заедница,тие се предмет и на активна евалуација.
Од Европската комисија објаснуваат дека исполнувањето на реформите ќе биде опфатено и во извештајот за напредокот на Македонија што треба да биде објавен на 14 октомври.
„Мониторингот за имплементацијата на политичкиот договор од Пржино постојано се следи преку работната група и сите други контакти со владата и со другите политички партии кои се потписници. Комисијата ќе извести за имплементацијата на политичкиот договор, но и за сите поврзани реформи со ЕУ, особено за реформските приоритети кои ги презентиравме во јуни, во претстојниот извештај“, вели Анка Падурару, од прес-службата на Европската комисија.
Изборите на 24 април, според договорот од Пржино, ќе ги следат поголем број набљудувачи. Дипломатски извори велат дека процесот на следење на изборите ќе започне уште од следниот месец.