Регион

Непочитувањето на жртвите убиени во логорот Јасеновац, во Хрватска има долга традиција

Еврејските и српските организации, ја бојкотираат официјалната комеморација во Јасеновац, од 2016 но, непочитување на жртвите датира од претходно

Но, зошто бојкот започна во 2016 година – зошто токму таа година? Дали овој датум, можеби, се совпаѓа со доаѓањето на ХДЗ на власт во Хрватска?

Можеби причина за бојктотот е тоа што ХДЗ, кога дојде на власт, за министер за култура го именува, Златко Хасанбеговиќ, кој во минатото напиша дека усташите се маченици? Или, можеби, поради тоа што Хасанбеговиќ никогаш не зборуваше за тоа (сѐ додека приказната не ја објави неделниот весник „Новости“)? Или, можеби, затоа што тој никогаш не се извини?

Дали бојкотот можеби се должи на фактот дека Владата девет месеци ја толерираше поставената спомен-плоча, на која беше изгравиран усташкиот поздрав „За дом спремни“, во близина на поранешниот концентрационен логор? Или, поради тоа што Владата мораше да го моли отворениот симпатизер на усташите, Марко Скејо, лидер на ветераните на Хрватските одбранбени сили (ХОС), да им дозволи на властите да ја отстранат плочата?

Дали една од причините за бојкотот, можеби лежи во тоа што Владата се скри зад експертскиот совет, кој заклучи дека поздравот „За дом спремни“ може да се користи за време на комеморациите за загинатите војници на ХОС? Или можеби поради тоа што во септември 2018 година, во близина на Плитвичките езера, беа закопани усташки војници, со сите воени почести?

Несомнено, една од причините за бојкотот е фактот што Владата му додели 6.700 евра на Здружението за истражување на трикратниот логор Јасеновац, невладина организација која ги извртува фактите за Јасеновац и без научна основа тврди оти во овој логор починале 50 пати помалку луѓе, од бројот утврден од страна на Спомен-подрачјето Јасеновац.

А, можеби е затоа што Здружението на полициски ветерани од војната во 90-тите, кое, на некој начин, стана и експерт за Втората светска војна, и кое, без научна основа, тврди дека усташкиот логор за деца во Јастребарско, воопшто и не бил логор, доби 2.700 евра.

Колинда Грабар-Китаровиќ полага венец за време на комеморацијата одржана во знак на сеќавање на 6 милиони Евреи, убиени од страна на нацистите, во меморијалниот центар на холокаустот во Јад Вашем во Ерусалим, во 2015. Фото:http://predsjednica.hr

Една од последните причини за повторното бојкотирање на комеморацијата, можеби е фактот што Андреј Рора, шеф на канцеларијата за медиуми и комуникации на ХДЗ, пишувал за истиот проусташки билтен за кој пишувал и Хасанбеговиќ, при што во 1996 година напишал оти борбата за Независната Држава Хрватска (НДХ), продолжува.

Крокодилските солзи на хрватската претседателка, Колинда Грабар-Китаровиќ, поранешна членка на ХДЗ, исто така, почнаа да течат со повеќегодишно задоцнување.

Грабар-Китаровиќ сега вели дека ќе присуствува на официјалната комеморација во Јасеновац, ако нема поделби. Но, што ја спречи да присуствува на комеморацијата што таа ја избегна во 2015 година, за потоа да дојде во Јасеновац во ненајавена лична посета, по што објави фотографии и порака за настанот.

Се разбира, на потомците на жртвите од Јасеновац, не им се допадна што таа првично изјави оти „За дом спремни“ е „стар хрватски поздрав“, за потоа да признае дека е фашистички поздрав.

Тоа е и проблемот со кој ХДЗ се соочува уште од самиот почеток – сака да има две добра одеднаш. Партијата се обидува да докаже дека е антифашистичка, особено во односите со Израел, а во исто време се обидува да ги рехабилитира усташите.

Токму ова го мислел и основачот на ХДЗ и претседател на Хрватска, Фрањо Туѓман, кога во осумдесетите години почна да ја промовира својата контроверзна верзија за „национално помирување“ меѓу усташите и партизаните.

Од една страна, Туѓман, повикувајќи се на проблематични извори, велеше дека Евреите го воделе логорот и дека Јасеновац функционирал и по Втората светска војна, под комунистичка власт, за што не постојат валидни историски докази.

Додека се обидуваше да се избори со српската националистичка пропаганда, која го зголемуваше бројот на жртвите во Јасеновац, тој го намалуваше на 40.000. За да го постигне своето „помирување“, тој предложи, посмртните останки на усташите, да бидат закопани во Јасеновац, заедно со оние на жртвите, но, се повлече под силен меѓународен притисок.

Од друга страна, Туѓман го обвини ХВО дека има симпатии кон усташите и го воведе поимот антифашизам во хрватскиот Устав.

ХДЗ денес оди во истата насока како и Туѓман, без разлика колку и да ја негира оваа реалност. Што е уште полошо, не е само ставот на ХДЗ она што ги лути потомците на жртвите од Јасеновац.

Споменикот „Камен цвет“ во спомен-подрачјето Јасеновац. Фото: БИРН/Ања Владисављевиќ.

Имено, познато е дека поранешниот хрватски претседател, Стјепан Месиќ, денес почесен претседател на Сојузот на антифашистички борци и антифашисти на Хрватска, ги минимизираше злосторствата во Јасеновац, кога, во 1992 година, повремено јадеше и пиеше со членовите на ХДЗ во Новска. Не беше тоа прв пат, Месиќ да изнесе неприфатливи коментари за усташите и сѐ додека медиумите не објавија видео-снимка од тоа време, тој,  инцидентот во Новска, не го спомнуваше.

Во меѓувреме, во 2001 година, Тонино Пицула, кој во тоа време беше министер за надворешни работи од редовите на тогаш владејачката Социјалдемократска партија, СДП, изнесе сомнителна територија, кога сакаше да истакне дека Хрватска и Србија не треба многу да копаат по минатото.

Пицула истакна оти Хрватска може да го постави прашањето за она „што му претходело на Јасеновац“, веројатно обидувајќи се да укаже дека убиствата на Србите за време на Втората светска војна биле последица на предвоената репресија на Кралството Југославија, што е оценка на екстремната десница. Тој не ја направи оваа сличност со еврејските жртви, кога неколку месеци предходно, беше во посета на меморијалниот центар на холокаустот Јад Вашем во Ерусалим.

А во 2016 година, претседателот на СДП, Зоран Милановиќ, во разговор со воените ветерани, изјави оти лично не му е гајле за поздравот „За дом спремни“.

Исто така, непознатото Здружение за истражување на трикратниот логор Јасеновац, беше регистрирано како невладина организација, во времето кога министер за државна управа беше членот на СДП, Арсен Баук. Тој и Владата на СДП, која беше на власт во периодот 2000-2003, се одговорни што не извршија притисок на бранителите на ХОС, од својот грб да го отстранат поздравот „За дом спремни“.

Поентата е дека на повеќето политичари, искрено, не им е гајле за ова, дури и кога говорат за усташките злосторства. Јасеновац се смета за место каде што се убиени „другите“ по националност, а не „ние“, Хрватите.

Иако голем дел од Србите, Ромите и Евреите кои беа убиени во логорот, живееле на територијата на денешна Хрватска, тие сѐ уште симболично се сметаат за „гости“.

Дури и кога властите присуствуваат на комеморацијата во Јасеновац, тоа го прават поради обврска; како отстапка кон „нив“. Ова се прави за да се добијат политички поенти, и дома и на меѓународно ниво.

Сѐ додека жртвите од Јасеновац не се чествуваат искрено и со добра волја, без трикови или изговори, никој, а особено Владата и политичката елита, не треба да се жалат што секоја година се одржуваат повеќе комеморации.

Свен Милекиќ е докторант на Универзитетот Мајнот, финансиран од ирскиот истражувачки совет во рамките на постдипломската програма на Владата на Ирска.
Мислењата изразени во овој коментар се исклучиво мислења на авторот и не ги одразуваат ставовите на БИРН.