Кога Илон Маск го претставуваше новиот модел на електричниот автомобил „тесла“ во 2016, во Калифорнија, на сцената во заднина свиреше музиката на еден Хрват, за кој малкумина чуле, тоа е 40-годишниот Кристијан Фунариќ од Осиек.
Приказната за тоа како композицијата на локален учител од Хрватска стана дел од настан на еден од најбогатите луѓе во светот, кој ја искористил музиката за да претстави производ што го промени начинот на кој ги гледаме автомобилите, е приказна за успех, напорна работа и талент.
По завршувањето на средното музичко училиште во Славонски Брод и Музичката академија во Осиек, Фунариќ се посветил на едукацијата на деца. И покрај тоа што му била понудена работа како предавач на музичката академија, тој решил да се фокусира на своите ученици и на компонирањето филмска музика.
Во меѓувреме веќе стекнал искуство во компонирање музика за локални театри и за документарни филмови, а станал успешен дури кога како хонорарец се пробил на меѓународниот пазар.
Илон Маск и Гaри Каспаров се само дел од обожавателите на композиторот Кристијан Фунариќ – но многу малку луѓе знаат кој е тој, а нему тоа му се допаѓа
На почетокот, работел по нарачка, но тоа му било тешко и стресно, бидејќи се барало строго да се држи до роковите. Сега тој прво на раат ја компонира музиката и дури откако ќе ја заврши, ја нуди на глобалниот пазар.
Ваквиот принцип на работа многу повеќе му одговара.
„Целосно се оттргнав од светот на нарачана музика бидејќи има рокови. Тоа беше премногу стресно. Затоа се вклучив во бизнисот со таканаречената сток-музика. Сега имам време да ја направам музиката и да ја понудам на пазарот кога ќе ја завршам“, изјави Фунариќ за БИРН.
А, музичкиот свет го препозна неговиот квалитет.
Бргу почнал да соработува со агенции што ја купуваат музиката директно од него и ја продаваат на различни купувачи. На тој начин добил можност да стане составен дел од поголемите значајни проекти, како што се документарците и ТВ сериите.
„Drug Wars“, „Second Wives Club“, „Grave Mysteries“ и „Real Housewives of Dallas“ се само неколку од добро познатите ТВ-серии што ја користеле неговата музика.
Една од најпознатите интернет-страници за филмот, www.ImbD.com наведува преку 20 ТВ серии, филмови и документарни филмови за кои Фунариќ компонирал, иако реалниот број на негови дела е многу поголем.
Но, Маск не е единствениот познат корисник на неговите услуги.
Еден од најголемите шахисти на сите времиња, Гари Каспаров, исто така ја користел музиката на Фунариќ за неговите видеотуторијали на Masterclass, во кои тој објаснува како да се стане подобар шахист и како да се носат подобри одлуки во животот.
Тој не води строга евиденција кој сѐ ги користи неговите композиции зашто продажбата оди преку посредник и зашто веќе напишал толку многу дела што нема време да следи што сѐ се случува со неговите композиции. Се чини дека неговата музика има свој одвоен живот.
Фунариќ може да се нарече сериозен работохолик зашто веќе има 832 композиции регистрирани во Американското здружение на композитори, автори и на издавачи (ASCAP) и уште 369 регистрирани во ЗАМП, Хрватското здружение за заштита на музички права.
Но, тоа не е сè, бидејќи многу од неговите дела сѐ уште не се регистрирани.
Тој е музичар што не ја чека инспирацијата, туку ја предизвикува работејќи многу – прво создава помали парчиња и потоа ги склопува во поголемо дело.
Музиката е универзален јазик и нема пречки Фунариќ со своите композиции да биде присутен каде било светот. Тој не смета дека културните разлики го ограничуваат на глобалниот пазар.
„Во моментот кога ќе разговарате со личност како личност, а не како, на пример, Канаѓанец со Хрват, сите пречки исчезнуваат“, вели тој.
Прашан дали сè уште има некакви соништа што би сакал да се остварат – на пример, да направи музика за вистински блокбастер, Кристијан вели дека нема:
„Таа работа изгледа стресно. Засега сум задоволен со тоа што го работам. Ако сакам да работам на тоа ниво, ќе мора да се преселам во Лос Анџелес, а тоа не е нешто што би сакал да го направам.“
„Токму во Лос Анџелес, во мај ќе снимам во студио со холивудски оркестар. И тоа ми е доволно – тоа ги задоволува моите амбиции, бидејќи ретко кој има таква можност во животот.“
„Снимав и со оркестарот на Братиславската филхармонија и тоа е голема работа за кој било композитор“.
Фунариќ, сепак, има еден сон. Сонува за студио со поглед на море каде што би можел да работи во мир и да поминува време со своето семејство.
Татко е на две деца и семејството го става на прво место, никогаш не сакал да живее како рок-ѕвезда, која 60 отсто од времето го поминува во автобус, на турнеја.
„Не ме интересира славата“, инсистира тој.
Во моментов, тој истражува начини како да создаде „виртуелни инструменти“, односно база на тонови на сите инструменти во светот што би ги користел и би ги дигитализирал, би ги поврзал со тастатурата, со што ќе биде можно да го свири секој инструмент преку тастатурата.
Тој, исто така, се занимава и со дизајн, монтажа на звук и на видео, и сам си го врши административниот дел од работата, прави сѐ што е неопходно, а не е директно поврзано со музиката.
Фунариќ вели дека постојано учи и се подобрува, што се чини дека е пресудно за неговиот неверојатен успех.
Автор: Vuk Tesija