За некого изолација и уназадување, а за некого „никому ништо“. Различни одговори доби БИРН од десетте јавни личности што ги интервјуираше на две кратки прашања – што за вас значи успешен референдум и што доколку референдумот не успее?
Најчестиот одговор што го добивме на првото прашање од професорите, активистите, политиколозите и од економистите беше од правен аспект, дека успешен референдум значи доколку на гласање излезат половина од впишаните гласачи на избирачкиот список и доколку над половината од нив се изјаснат „ЗА“ на референдумското прашање. Сепак, како најголем проблем беше посочено тоа што голем дел од впишаните избирачи не живеат во земјава, па оттаму под знак прашање се доведува цензусот и целиот легитимитет на гласањето.
„Луѓето во принцип, кога гласаат, пред сѐ, гласаат за своите идентитетски/културолошки рамки, а многу помалку за фактите, поради што многу често гласаат и против своите лични интереси. Когнитивната наука вели дека ова важи за сите народи во светот. Референдумското прашање е особено од тој вид ткаенина – вредносна/културолошка – максимално податливо и за вклучување емоции, митологии, лажни истории, а во таков амбиент, спротивставените страни воопшто не се слушаат една со друга“, вели поранешниот гувернер на Народна банка, Петар Гошев, додавајќи дека за разлика од парламентарни избори, излезноста на гласачите, кога се работи за референдуми, традиционално е прилично помала.
Според него, голем проблем за претстојниот референдум во земјава е и тоа што една од двете најголеми партии и структурите поврзани со неа, активно работат на бојкотирање на референдумот. Поради сето ова, Гошев вели дека за него референдумот ќе биде успешен и доколку мнозинството од излезените граѓани заокружи „ЗА“, под услов тој број да не е помал од бројот на гласовите што ги добила партијата, односно коалицијата што формирала влада.
„Таквиот исход, според мене, како минимум од посакуваното, е доволна легитимност, актуелната власт да го продолжи процесот преку институциите врз основа на Уставот и соодветните закони“, смета Гошев.
Доколку референдумот не успее и доколку спроведувањето на Договорот во Преспа „запне“ во законските процедури, Гошев смета дека Владата нема друга алтернатива, освен да распише предвремени парламентарни избори.
„И потоа, сè од почеток, со сите ризици и агонии“.
Александар Кржаловски од МЦМС, пак, смета дека доколку референдумот не успее, Владата треба да ја поништи ратификацијата на Договорот со Грција, но, сепак, очекува да се направи обид за усвојување на уставните измени.
Активистот Артан Садику е со сличен став – смета дека доколку повеќето од тие што ќе излезат да гласаат се изјаснат „против“, власта не смее да ги усвои уставните измени, дури и ако обезбеди двотретинско мнозинство. Тогаш, според него, Македонија и меѓународната заедница мораат да изнајдат план Б.
Поранешната уставна судијка Наташа Габер – Дамјановска, исто како и Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации, велат дека одбиваат да размислуваат за неуспешен референдум, за режисерот Слободан Унковски неуспешен референдум би значело дека „Македонија ќе стане невозможно место за живеење“, а за писателката и професорка Румена Бужаровска, првата асоцијација на неуспешен референдум е „изолација и назадување“.
За уредникот на порталот „Окно“, Никола Гелевски, успешен референдум би значело доближување на земјава до ЕУ, не само формално, туку и суштински“, влијаејќи на вредностите и однесувањето на македонските граѓани.
Комуникологот Сеад Џигал гледа две патеки за Македонија доколку референдумот не ги даде резултатите – првата е пренесување на одлучувањето на институциите, односно на Собранието, а втората е политичка криза и избори. За Миша Поповиќ од Институтот за демократија, пак, двете патеки се или полош договор со Грција или, пак, „залажување дека можеме и сами, без никаква помош“.
Професорот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески, за БИРН го даде наједноставниот одговор на прашањето што ќе се случи доколку референдумот е неуспешен.
„Никому ништо“, кратко одговори тој.
Ставовите на јавноста во однос на историскиот референдум во земјава што ќе се одржи во недела, се децидно поделени, освен во делот на правната процедура. Крајниот збор, сепак ќе се знае во недела, кога во практика ќе се види исходот од оваа процедура, односно дали Македонија ќе доживее на гласање да излезат половината од 1,8 милиони запишани гласачи и дали половината од нив ќе се изјаснат „за“ на референдумското прашање.