Интервјуа

Невзат Бејта: За демократија вреди и да се ризикува

Сега Трајко Велјаноски со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ си држат партиски состаноци во Собранието | Фото: БИРН

Се најавивме на влезот и по инструкциите на чуварот ги следевме мермерните скали и сините двојазични натписи на проѕирните врати во општинската зграда, па со леснотија се најдовме во кабинетот на градоначалникот и потпретседател на ДУИ, Невзат Бејта.

„Кај мене може секој да влезе ненајавен“, се пофали Бејта, откако на албански се поздрави со двајца сограѓани и за кратко се изгуби со нив во соседната просторија.

Ненавикнат на високиот и сувопарен речник со кој се служат функционерите, борејќи се со некои политички термини на македонски, Бејта многу директно зборуваше за политичката криза и за одговорноста на ВМРО-ДПМНЕ, првенствено на Никола Груевски, за чии изјави вели дека не му доликуваат на еден партиски лидер, а свесен е и за неславната ролја на неговата ДУИ.

Вели не е негово да каже како ќе се одблокира Собранието, тоа прашање да сме им го поставеле на лидерите, не сака да зборува за рокови од типот дека пред или по Велигден ќе се решела кризата или, пак, најдоцна до јуни, меѓутоа оптимист е дека во скоро време парламентарното мнозинство ќе ги избере Талат Џафери за претседател на Собранието и новата Влада.

Сакале тие или не, повтори Бејта неколку пати, ќе мора да се почитува волјата на граѓаните изразена преку 67 пратеници и покрај заканите на Груевски и на разните новопечени „патриотски“ здруженија кои не навестуваат мирен трансфер на власта и поради кои пошироката јавност стравува од инциденти пред или во Собранието.

„Да се чува демократијата, значи и дека треба да се ризикува, пратениците без да ризикуваат не можат да им донесат добивка на граѓаните.“

„Да бидеме подготвени за најлошото од ВМРО“

Нема да се запали Балканот поради нешто што е логично, поради практикување на демократијата | Фото: БИРН

На нашето прашање дали СДСМ и ДУИ, насилно ќе изберат претседател на Собранието, како што неколку дена најавува ВМРО-ДПМНЕ, Бејта вели:

„Тоа што ќе се случи овие денови, ако се случи, е на мирен начин да се предаде власта и мнозинството да одлучува. Сега Трајко Велјаноски со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ си држат партиски состаноци во Собранието“.

Меѓутоа, дали очекува насилство од другата страна? Го потсетивме дека блиската историја, односно 24 декември 2012, нè учи дека оваа група политичари, пак, знаела со сила да ги решава проблемите.

„Сè може да се случи. Не функционираат институциите и главниот столб, претседателот на Собранието го крши Уставот. Треба да бидеме подготвени и како политичари и како граѓани и за најлошото што може да се случи од ВМРО-ДПМНЕ. Тие не сакаат да се предаде власта на мирен начин, ама што и да направат, за тоа би понеле одговорност. Не може вечно да го држат Собранието во заложништво, ќе има поголеми последици, граѓаните нема да се согласат.“

Од неговите одговори заклучивме дека во брзо време треба да очекуваме некаква посмела акција од собраниското мнозинство за избор на претседател и на Влада, на што Бејта реплицираше:

„Нормално, во скоро време ќе функционираат сите институции и секој ќе понесе одговорност за тоа што го има направено, било на локално, било на државно ниво. А оние што планираат инциденти, треба да знаат дека и за тоа постои одговорност“.

Бејта не ја разбира потребата од протести на Заедничка Македонија. Во Собранието има речиси стотина Македонци, никаков план што би му наштетил на македонскиот народ, не би можел да помине, вели тој.

Ја коментира и изјавата на Груевски дека искра во една земја може да го запали целиот Балкан и во врска со тоа убеден е дека во Македонија нема расположение за судир.

Нема да се запали Балканот поради нешто што е логично, поради практикување на демократијата.“

 Вели дека не им ни обрнува внимание на таканаречените патриотски здруженија што се закануваат и на прашањето дали стравува дека при евентуална ескалација тие може да влезат во Собранието и да направат некаков инцидент, тој вели:

„Па, може и да влезат, ама ќе одговараат. Со плашење не се прави ништо, ние треба еднаш засекогаш да ги почитуваме институциите. Ако размислуваме така, ако се плашиме, не треба јас да бидам градоначалник. Јас како градоначалник имам 100.000 жители и немам телохранители, никој не ме чува“.

 „Ако отидовме со ВМРО, ќе завршевме како ДПА“

Во случај да коалициравме со ВМРО, на наредните избори немаше да имаме ни три пратеника | Фото: БИРН

Она што целата јавноста го знае како платформа, тиранска или албанска, Бејта внимателно го нарекува декларација на политичките партии на Албанците во Македонија. Упорно се обидувавме од него да дознаеме до детали што точно ВМРО-ДПМНЕ прифатиле од платформата, дали се согласиле со идејата за спикер Албанец, што е со двојазичните униформи, до каде попуштил Груевски на барањата за дискусија околу државните симболи, знамето и химната…

„Околу ова прашање немојте да се мачите, тие прифатија сѐ, сѐ освен продолжување на рокот на СЈО“, нѐ прекина Бејта во набројувањето и се обиде да ја расчисти дилемата дали ВМРО-ДПМНЕ прифатила Талат Џафери да го води Собранието.

„Се согласија претседателот кадровски да биде од ДУИ, а не може тие да ни кажат кој да биде од нашите редови. Имаме десет пратеници и еден од нив ќе биде.“

Се бара решение за локалните

Бејта вели дека неговиот мандат како градоначалник завршува на 16 април и од тогаш тој нема законско право да ја извршува работата како градоначалник.  Немам право ни плата да земам, зашто законот е дециден дека четири години ми е мандатот. Имаме мислење од Министерството за локална самоуправа дека изборите ќе се одржат на 14 мај и тие на сите ни пуштија мислење до тој датум да го продолжиме мандатот. Сега, со новава ситуација, му дадовме задача на Министерството за локална самоуправа пак да донесе нов заклучок. Ако може премиерот да е и пратеник, тогаш нека донесе Владата заклучок дека старите градоначалници ќе си ја вршат должноста додека не дојдат новите. И така ние градоначалниците да бидеме чисти пред органите на правдата и пред граѓаните“, смета градоначалникот на Гостивар.

Ако за нешто е сигурен, тоа е дека раководството на ДУИ правилно одлучило кога не ја продолжи коалицијата со партијата на Никола Груевски, дури и меѓународната заедница ќе ја откажела поддршката за Македонија. Смета дека поранешниот премиер и ВМРО-ДПМНЕ многу ги понижиле и ги уцениле Албанците и токму затоа неговата партија го платила цехот на последните избори.

„Ако не го направевме тоа, ДУИ на наредните избори немаше да има ни три пратеника. Ќе завршевме полошо отколку што заврши ДПА, таа партија беше верна кон ВМРО и од 11 заврши со двајца пратеника, а прашање е дали во иднина ќе има и еден пратеник“, смета Бејта.

 Инсистиравме и да ни ја лоцира одговорноста за лошиот изборен резултат во неговата партија, а тој возврати со реторички прашања кој е одговорен во ВМРО-ДПМНЕ и во ДУИ во моментов.

„Зошто ми барате имиња? Јас сум претседател на огранокот во Гостивар и за сѐ што се случува во градот никој друг не е виновен, освен јас. Јас сум градоначалник, јас ги потпишувам документите, ако некому не му е завршена работата, не му е завршена од мене. Јас верувам во тој принцип.“

Сепак, Бејта не мисли дека за изборниот неуспех треба да го повика на одговорност неговиот претседател Али Ахмети, да му бара оставка, оти ДУИ победила во албанскиот блок и сѐ уште уживала голема поддршка.

„Да имавме осум пратеници и друга албанска партија да имаше девет, тогаш не требаше да разговараме за коалиција туку за одговорност зошто дојдовме до оваа ситуација.“

Уште еднаш нѐ увери дека е оптимист и оти наскоро ќе се конституира парламентот, ќе имаме претседател на Собранието и нова влада. Порача дека не се одлучува преку протести туку дека одлуките паѓаат кај гласачката кутија.

„Може и 300.000 да излезат на улица, ама тоа ништо не значи. Волјата на граѓаните се покажува на избори, во избирачката кутија, не на улица.“

Разговорот го завршивме со впечатокот на  Бејта дека неговите  поранешни коалиционери од ВМРО ДПМНЕ, не можат да се замислат во опозиција и статус на обични граѓани.

„Се шетам низ Скопје и го среќавам Владо Бучковски, со кеси од маркет. Тој ни беше премиер, а сега е обичен човек. И нема ништо страшно во тоа. Груевски не може да се замисли себе си во таа улога.“

Груевски, според него, влегол во филмот уште еднаш да биде премиер, па претседател, па повторно да се врати како премиер.

„Кога бев во Владата вмровците ми викаа, ‘ние министре Бејта 100 години ќе владееме. Нема кој да нѐ победи’. Тие сите така мислеа, а јас им велев вие ќе завршите полошо отколку СДСМ кои, кога беа на власт, не сакаа да зборуваат ниту со своите родители, а не, пак, со мене како потпретседател на ДУИ и како потпретседател на ЗЕЛС.“