Анализи

Никнуваат згради на диво додека инспекторите ловат огради

Неказнивоста поттикнува (диво)градежна експанзија

Со телефон в рака и инспектори на терен, скопската градоначалничка Данела Арсовска, на пет месеци пред крајот на мандатот, почна да „лови“ дивоградби во Чаир, вперувајќи го прстот во градоначалникот Висар Ганиу како директен виновник.

„Во три години спречивме над 150 незаконски обиди за легализации на дивоградби“, напиша таа на Фејсбук и најави „фељтон“, во кој ќе ги објавува сите „констатирани и спречени незаконски постапувања и криминал.“ На oбвинителството му достави докази.

Иако Чаир, според Арсовска, има рекорден број дивоградби, од урбанистичко дивеење не се поштедени ниту другите општини.

БИРН тргна да провери дали и колку скопските општини наоѓаат и уриваат дивоградби. Повеќето општини, или ги игнорираа нашите прашања, или тврдеа дека немаат податоци. Оние податоци, пак, што ги добивме, јасно покажуваат дека во некои општини воопшто не се урива, некаде тоа е делумно и тоа само тогаш кога на терен ќе се појават новинарите.

Најчесто, решенија за уривање има за поситни дивоградби, како натстрешници, тезги, бетонски плочи и урбана опрема. Деловни и станбени објекти – се бројат на прсти. Ваквата урбанистичка анархија ја овозможуваат инертноста на општините и недостигот од градежни инспектори.

Неоткривањето, а со тоа и несанкционирањето на оние што градат на диво и тромавиот судско-административен систем, ги охрабруваат сите други да градат каде што сакаат.

Дел од новиот пазар во Драчево е дивоградба

За дел од новиот пазар во Драчево има решение за уривање | Фото: БИРН

„Повелете комшија!“

Ова се првите зборови во промотивното видео што лани во декември го објави „Скопски пазар“ на Фејсбук. Видеото ги кани жителите на Драчево да го посетат новиот „модерен и затворен пазар“, во кој има над 30 продавници и 60 тезги за овошје и зеленчук, на простор од над 3.000 квадрати.

Директорот на компанијата, Младен Дамев, на поставувањето на камен-темелникот во 2023 година изјавил дека пазарот е „еден од најпрепознатливите објекти“ во оваа населба.

Но, во април 2025 година, градежен инспектор од Општина Кисела Вода, постапувајќи по пријава, констатира дека дел од пазарот е дивоградба. Ја прашавме општината кога ќе урива. Одговорот беше административен: „Во текот на наредниот период ќе биде постапено согласно регулативата“.

Од акционерското друштво, во кое, речиси половина од акциите ги има фирмата ЗСФ, на еден од најмоќните градежници во земјава, Фатмир Етеми, а другата половина на „Современ дом“ од Прилеп, не одговорија на нашите прашања.

Дека станува збор за дивоградба, покажуваат границите на градежните линии во деталниот урбанистички план. Анализата што ја направивме преку Гугл ерт, пак, ни покажа дека на парцелите каде што денес е пазарот постоеле постари објекти. Кога биле урнати, „Скопски пазар“ почнал да гради, но градбите го надминале дозволениот габарит предвиден со градежната маркичка предвидена во Деталниот урбанистички план.

Проценката на БИРН покажува дека надминувањето е за околу 1.000 квадрати.

Како се градеше пазарот во Драчево | Фото: Google Earth

Случајно или не, еден месец по нашата првична посета и по настојувањето да добиеме одговори од Општината со која раководи Орце Ѓорѓиевски, кога повторно излеговме на терен беше урнат бетонот и оштетена арматурата на два носечки столба, во делот од пазарот што не е доизграден.

По посетата на БИРН и прашањата до Општина Кисела Вода | Фото: БИРН

Но, пристапот за движење за граѓаните и за сопствениците на локалите е блокиран. Скелињата, дрвените платформи и бетонските столбови и натаму сведочат дека градбата поминала во напредна фаза.

Од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам ги игнорираа нашите прашања.

Во друг случај, на само неколку метри од драчевскиот пазар, сопственик на дуќан, си го доградил деловниот простор и навлегол на парцела што е во сопственост на државата. За „екстра“ квадратите добил решение за уривање во април 2023 година по што следувале жалби.

Пред и по посетата на БИРН и прашањата до општината | Фото: БИРН (24 април – 21 мај)

Општината не ја чепнала дивоградбата две години, и покрај тоа што Законот за градење пропишува дека тој што градел на диво може да се жали, но неговата жалба во никој случај не го одлага уривањето.

Кога БИРН направи увид на самото место на 24 април, дивоградбата постоеше. Два дена по теренската посета и по прашањата до Општината, добивме одговор заедно со фотографии на кои се гледа како багер го урива дивоизградениот објект.

Урбана опрема што ги преживува инспекциите

Ресторан со „традиција“ на пријави од станарите | Фото: БИРН

Во скопски Аеродром, БИРН најде пример на дивоградба што ги преживува инспекциите.

Станари што живеат во зградата зад трговскиот центар „Три бисери“, на булеварот Јане Сандански, со години пријавуваат ресторан дека им го узурпира просторот за живеење со урбана опрема.

Нивните правни битки траат од 2011 година. Тогаш за првпат, општински инспектор донел решение за отстранување на натстрешницата на ресторанот, бидејќи била поставена на диво. Но, таа останала. Следувале правни битки низ повеќе институции. Речиси и да нема општинска инспекција, од која станарите не побарале помош.

Oпштински инспектор лани констатирал дека пешачката патека од два и пол метри покрај локалот е узурпирана, т.е. „попречена со роло тенда“, што е спротивно на одобрението од Градот, а треба да биде слободна за движење пешаци.

Очајните станари лани пријавиле и во Град Скопје. Инспектор им го одзел одобрението за угостителска опрема поради отстапувања во одобрението.

Угостителот се жалел на суд. Една година подоцна, Управниот суд одлучи дека решението на инспекторот има со недостатоци, па наредил тој повторно да излезе на терен и да направи нова инспекција. Доколку повторно инспекторот донесе слично решение, инвеститорот повторно може да се жали пред судот.

Општина Аеродром не ни одговори дали постапила по ова и по други решенија за уривање дивоградби, меѓу кои и автопералница.

Статистика што не открива сè

Заводот за статистика води евиденција за бројот на дивоградби по општини, но бројката ја темели врз основа на она што го пријавуваат самите локални самоуправи. Колку не се откриени, никој не знае. Доволен е само преглед на сателитскиот сервис на Гугл, од кој лесно може да се воочи дека дивоградби никнуваат секоја година.

Па така, за пет години, 80 општини пријавиле над 3.700 дивоградби, најмногу огради, иако пред очите на граѓаните никнуваат и цели згради на диво. Во Скопје, во изминатите пет години има регистрирано 740 дивоградби.

Сарај, Арачиново и Петровец, според податоците на државната статистика, воопшто не пријавиле дивоградби. Чаир, кој е во фокусот на јавноста, во последните три години нема пријавено ниедна дивоградба. Но, во 2023 колегите од 360 степени само во Чаир документираа дваесетина згради што не постоеле кога почнал процесот на нивна легализација, далеку по законскиот рок.

БИРН се обрати до сите општини во и околу Скопје со барања за информации за јавен карактер. Од поголемите општини, само од три стигнаа решенија и записници за уривање. Карпош и Кисела Вода одговорија дека немаме право да бараме таков увид, што е во спротивност со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Покрај очигледната инертност на општините, проблем е и недостигот од градежни инспектори. Таков пример е Арачиново. Се обидувале да добијат преку меѓуопштинска соработка, но не им успеало. Според податоците на веб-страницата на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, 25 општини во земјава воопшто немаат градежен инспектор.

Ваквата ситуација ја користеле и граѓани и фирми, па си граделе на диво, а општините „фаќале“ едвај по неколку дивоградби. Во Општина Аеродром, во целата 2022 година имало само седум решенија за отстранување дивоградби, од кои пластеници, бетонска плоча, тезга, ограда, урбана опрема…

Во следната 2023 година биле три, а во 2024 – 21 решение. Ништо поразлична не е ниту Кисела Вода. Две решенија во 2022, пет во 2023 година и шест лани.

Во решенијата за уривање во кои направивме увид на инвеститорите им се остава рок, најчесто од три дена, самите да си ги урнат дивоградбите. Ако не го направат тоа, дивоградбите ги урива општината, а фактурата за уривањето ја плаќа инвеститорот што градел на диво.

Кривичните постапки како исклучок, а не правило

Едниот дел од пазарот во Драчево што е дивоградба | Фото: БИРН

Секоја општина распишува по еден тендер годишно за уривање дивоградби. Сумите за ангажирање на фирмите што го прават уривањето се речиси фиксни. На пример, 11 илјади евра за уривање дивоградби предвидува Општина Бутел, а 65 илјади евра Гази Баба. Тоа што има тендери за уривање, не значи секогаш дека тие секогаш и целосно се реализираат.

На пример, Општина Аеродром, во 2023 година склучила договор со фирмата „Анизор Драшко“, на износ од 32 илјади евра. Сепак, тој тендер воопшто не бил реализиран. Слично е и во други општини, како Бутел, Дебар, Македонски Брод…

За бесправното градење се оди и в затвор, но само ако предметот стигне до суд. Статистиката за бројот на кривични постапки покажува дека бесправното градење се гони ретко. Во пет години, според податоците на Државниот завод за статистика, во судовите низ државава се воделе вкупно 295 кривични постапки. Од нив, со пресуда завршиле едвај една четвртина, односно 81.

„Сме разговарале и во ЗЕЛС, и на најразлични институционални и граѓански нивоа“, вели Перо Костадинов, потпретседателот на Заедниците на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), за овие проблеми.

Состојбата со градежните инспектори низ општините вели дека е лоша. Смета дека треба системско решение, за поголема независност и заштита на инспекторите. Нагласува дека постојат и ризици од корупција, бидејќи инспекторите ги назначуваат самите градоначалници.

„Треба да се постигне, од една страна, инспекторатите да се независни и функционални, а од друга страна, и доволно заштитени“, вели Костадинов.

И додека темата за дивоградбите се троши како дневна политичка муниција и натаму бесправно се гради, а инвеститорите, поради културата на неказнивост, постојано цртаат вон линиите на ДУП-овите.