Три со три

Николов: Природата тешко ќе закрепне од пожарот во Езерани

Интервју со Лазар Николов од Македонското еколошко друштво

Пожарот што неодамна го зафати паркот на природата Езерани во Преспа остави зад себе 500 уништени хектари и сериозно го загрози животинскиот свет. Познат како засолниште на повеќе од 200 видови птици, меѓу кои и загрозените чапји и пеликани, мочуриштата во Езерани не се само живеалишта, туку и „биолошки филтри“ што ја прочистуваат водата, ја регулираат микроклимата и ја поддржуваат рибната популација на езерото.

Во овој  контекст, пожарот беше нов аларм за кревкоста на областа, која во 1996 година беше прогласена за строг природен резерват.

Во разговор за БИРН, Лазар Николов од Македонското еколошко друштво предупредува дека последиците од пожарот не се само визуелни и моментални, туку долгорочни и тешко реверзибилни.

БИРН: По повлекувањето на Преспанско Езеро, паркот Езерани се соочи со уште еден голем удар, големиот пожар во кој изгоре скоро половина од неговата површина. Какви последици остави ова врз паркот и како може да се забрза неговата обнова?

Николов: Повлекувањето на езерото е многу драматично во последниве десетина години, меѓутоа, иако локалното население навидум е многу загрижено за состојбата на езерото, притисоците што ги создава врз природата не се во насока да се оправда таа загриженост.

Утврдено е дека над 95 проценти од пожарите се директно или индиректно настанати поради човечки фактор, и тоа само дополнително придонесува за влошување на квалитетот на езерските води и нарушување на еколошкиот баланс на езерскиот екосистем.

Голем број видови организми и популации се исклучително сензитивни и на најмали промени во природата. Години наназад, со нашите истражувања потврдуваме дека многу видови што се среќавале кај нас, веќе се претставени со многу мали популации или ареали на распространување, а некои и целосно се исчезнати.

Кај нас, природата, во голем процент, е неистражена, па веројатно се случуваат и загуби на живи организми уште пред да осознаеме дека постоеле кај нас.

Од растителната компонента, најбавно би се ревитализирале шумските типови живеалишта, кои беа многу зафатени од пожарот, додека тревестите типови живеалишта очекуваме дека би се ревитализирале најбргу.

Визуелната обнова на паркот ќе трае сигурно повеќе години, можеби децении, и ние ќе се обидеме со сите наши знаења и ресурси да помогнеме во обновата, меѓутоа катастрофи од вакви размери оставаат последици врз целиот предел каде што се настанати.

БИРН: Дали постоеле превентивни мерки за заштита од вакви пожари во паркот и што треба да се подобри во иднина?

Николов: Очигледно не се преземени доволно превентивни мерки за да се спречат ваквите несакани состојби. Ние, веќе шеста година работиме во паркот Езерани, управуваме со ливадите со метод на косење и балирање на сеното, со што пробиваме појаси низ паркот, кои, меѓу другото, треба да имаат заштитна улога при пожари.

Тие појаси, и оваа година помогнаа многу во пресретнувањето на огнот, особено пред селата Дрмени и Долно Перово. Таму каде што имаме искосени површини, огнот го губи својот интензитет и може многу полесно да биде скротен, и тоа од годинешните снимки што ги направивме со дрон по пожарите може многу убаво да се согледа.

Меѓутоа во Преспа има над 500 хектари ливади и ние не можеме да стигнеме да ги покосиме сите во една сезона.

Од препораките на кои треба да се работи во иднина, секако на прво место би ја истакнал потребата од едукација и информирање на населението за значењето на природата и последиците од пожарите, понатаму секако треба да се најдат механизми и методи врз база на природни решенија за управување и со другите типови живеалишта, како што се трските и шумите, во насока на создавање заштитни појаси и коридори за заштита од пожари.

Секако, заедно со ренџерите од паркот и авторитетите на Општина Ресен треба да работиме на воспоставување систем за рано предупредување, подобрување на системот за контрола на влез во паркот, купување соодветна опрема за гаснење на пожарите, расчистување на дивите депонии итн.

БИРН: Во последниве три години, пожари имаше во трите национални паркови, гореше Моноспитовско Блато, чести се пожарите на Осоговските и Малешевските Планини, уште гори планината Готен… Какви се долгорочните еколошки последици од овие пожари?

Николов: Пожари во ПП Езерани и во другиот дел од државата имало во минатото, има денес и ќе има во иднина, меѓутоа сето тоа се случува поради лошо воспоставени пракси и убедувања кај дел од населението дека со пожари се предизвикува обнова на природата и дека тоа е еден вид благодат.

Меѓутоа, таквите верувања се примитивни и сè уште постојат поради нискиот степен на образование, слабата информираност и едукација на населението за долгорочните последици од пожарите.

Долгорочните последици се намалување или губење одредени растителни или животински видови, нарушување на квалитетот на живот за локалното население со влошување на квалитетот на екосистемските услуги што ги уживаат бесплатно од природата.

Нарушување на квалитетот на површиските и подземните води, нарушен квалитет на воздухот, зголемување на ерозивните процеси, нарушување на климатските карактеристики во опожарените подрачја, нарушување или губење на конзервациската вредност на подрачјето и многу други последици.

Институциите, секоја во својата надлежност и со своите можности и капацитети се трудат да најдат решенија за да се намалат направените штети, меѓутоа природата на многу уникатен и универзален начин ја воспоставува својата структура, фунционалност и хармонија, и скоро е невозможно човекот со својата интервенција и акции да го врати еколошкиот баланс. Затоа треба повеќе да се работи на превенции отколку на инетервенции од настанување на штети во природата предизвикани од човекот.