Интервјуа

Нимиц: Чекање нов договор за името е многу ризична идеја

Поминаа 25 години, а може да поминат уште толку пред нов договор доколку овој не помине, вели во интервју за БИРН Метју Нимиц

Метју Нимиц конечно ќе се пензионира. Последниве 25 години, колку што е вклучен во решавањето на спорот за името, во Македонија и во Грција се сменија повеќе од десетина премиери. Додека се менуваа влади, ескалираа меѓуетнички тензии, растеа националистички движења, пропаѓаше економијата, се градеше „Скопје 2014“, се воздигнуваше и рушеше автократски режим, проблемот за името беше константа.

Во Интервју за БИРН, Нимиц говори за текот на преговорите, за својата улога, за ризиците доколку договорот не се спроведе.

Кога беше именуван за специјален пратеник на генералниот секретар на ОН, Нимиц имаше 60 години и богата кариера на високи позиции во Стејт департментот и како партнер во угледна адвокатска фирма. Договорот за името меѓу Македонија и Грција беше потпишан на неговиот 79-ти роденден.

Сепак, не е сѐ готово, оттаму и воздржаниот оптимизам на Нимиц. За договорот да биде спроведен, треба да помине референдумот, да се усвојат уставните измени и потоа грчкиот парламент да го ратификува.

„Се надевам дека ќе помине во двете држави, затоа што е фер и чесно решение за двете страни, но ако не помине, не гледам решение во скоро време“, предупредува Нимиц.

„Поминаа 25 години, може да поминат уште 25. И многу луѓе ќе го загубат интересот, ако ова не помине сега во вашата држава“, вели тој.

За него, идејата за долготрајно чекање е многу ризична: „На оние во вашата држава што велат ‘ајде да почекаме, да оставиме уште неколку години, ќе имаме подобар договор во иднина’, jас им велам ‘Не знаете тогаш каде ќе биде ЕУ, дали ќе сакаат уште една членка, дали ќе сакаат тоа да биде вашата држава, не знаете каде ќе биде НАТО, не знаете што ќе се случи во Грција со смената на власта, не знаете што ќе се случи во регионот. Идејата за долготрајно чекање е многу ризична“.

Идентитетските прашања секогаш беа дел од преговорите

Некои од противниците на договорот тврдат дека предлогот не треба да се прифати бидејќи идентитетските прашања никогаш не биле дел од преговорите. Нимиц вели дека тоа не е точно.

„За прашањето за името луѓето зборуваа бидејќи името на државата беше доминантно во перцепцијата на луѓето, но историчарите, кога ќе влезат во процесот, ќе најдат многу, многу документи и предлози што се занимаваат со овие прашања“, вели тој.

„Во ОН, за секоја држава постои протокол, постои документ во администрацијата во кој стои: име на држава: Соединети Американски Држави, главен град: Вашингтон, државјанство: Американци, јазик: Англиски,“ вели Нимиц.

„Па така, истото го имаме и за вашата држава и таму се вели, име: Поранешна Југословенска Република Македонија, главен град: Скопје, и потоа државјанство? Што да ставиме таму? Јазик? Така што тоа отсекогаш било проблем и целиот тој пакет не можеше да се реши без ова, бидејќи ќе отвореше нови контроверзии“, објаснува тој.

Во последниве дваесетина години, Атина со остри протестни ноти и предупредувања успешно ги дисциплинираше странските дипломати и функционери, кои намерно или не ќе изговореа „Македонија“.

Нимиц, кој и денес е внимателен на оваа тема, раскажува како го решавал ова прашање.

„Лично, ова беше тешко за мене, како да се изразам, и тоа беше една од причините зошто мислев дека ова прашање треба да се реши, затоа што секој во светот што се занимава со оваа проблематика, или со инволвираните држави, имаа проблем како да зборуваат, особено на англиски, но и на други странски јазици“, вели тој.

„Мојот пристап, за жал, беше да се избегнува користењето на имињата. Никогаш не користев ФИРОМ, затоа што тоа не е прифатливо име. Понекогаш ќе кажев Поранешна Југословенска Република Македонија, што е многу, многу долго име и не е лесно за изговор – но тоа е официјално име во ОН, а јас сум претставник на ОН“.

„Но, не можете да имате разговор и упорно да го повторувате тоа име, па затоа јас најчесто ги користев главните градови и велев ‘Какво е мислењето во Атина, какво е мислењето во Скопје’“.

Пред неколку години, поранешниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, го повикал и му рекол веднаш да го реши спорот за името бидејќи не може повеќе да се наоѓа во ситуации кога треба да го изговори целото име.

„’Не можам повеќе, на состанок реков Поранешна Југословенска Република Југославија и сите ми се смееја. Мораш да го решиш ова.’ Му реков веднаш ќе го решам,“ се смее Нимиц.

Преговорите за името, за Нимиц се завршени

По потпишувањето на Времената спогодба во 1995, македонските власти сметаа дека светот ќе ја препознае апсурдноста на спорот и ќе застане на страната на Македонија.

„Порано имаше мислење дека времето работи за Скопје. Времето не беше на страната на Скопје. Постоеше мислење дека тензиите на грчката политичка сцена [со масовните демонстрации од милион луѓе] ќе се намалат со текот на времето, а грчките ставови ќе станат поумерени, додека меѓународната средина ќе се промени и повеќе земји ќе ja признаат земјата под уставното име”, се потсетува Нимиц.

„Јас имав различни аргументи во тој период. Јас реков: ‘Мора да реагирате брзо, имате шанса да станете дел од ЕУ заедно со Бугарија и Романија, треба да го средите овој проблем, да се придвижите, бидејќи никогаш не знаете што може да се случи со ЕУ, со НАТО, со регионот“, вели тој. „Работите можат да станат подобри, но исто така можат да станат полоши“.

Уверен дека со Договорот од Преспа „се случи вистинското нешто“, Нимиц вели дека неговото одбивање би можело да се толкува како порака до светот оти не сме заинтересирани за решение на проблемот со Грција, не сме заинтересирани за ЕУ процесите, не сме заинтересирани за НАТО.

„Остатокот од светот ќе каже: „ОК, овие луѓе не се заинтересирани да решат што било, па зошто тогаш ние да се грижиме? Па така, ќе поминат многу, многу, години пред нешто да се реши во овој дел, ако сега се одбие предлогот“.

Без оглед на исходот, Нимиц го затвора поглавјето посветено на спорот за името.

Или, со негови зборови, „Се надевам дека договорот ќе се одобри во двете држави, но во секој случај, јас повеќе нема да се занимавам со ова. Се разбира, секогаш ќе бидам врзан за овие две земји на посебен начин, но повеќе нема да бидам одговорен, да се грижам за ова прашање“.